Насловна / Вести / Кариера врзана за земјотресно инженерство

Кариера врзана за земјотресно инженерство

Интервју со Михаил Гаревски: Професор и проректор за наука и истражување на ИБУ-Скопје

Проф. д-р Михаил Гаревски е роден 1951 година во Скопје. Основното, средното и универзитетското образование, како и магистерските студии ги завршува во Скопје, а со степен доктор на технички науки се стекнува на Универзитетот во Бристол, Обединетото Кралство на Велика Британија.

Во наставничко звање – доцент е избран во 1992 година, вонреден професор во 1997 година, а како редовен професор работи од 2001 година  па се до денес.

Докторска диплома  ја добива на Универзитетот во Бристол, каде како докторант престојува три години. Школарината која изнесува 7.000 фунти годишно ја добива на конкурс  за стипендија за странци, а на кој конкурираат странските студенти од сите британски универзитети. Темата за докторатот се однесува на аналитички  и експериментални модели за динамичко однесување на мостови со коси затеги, за што добива стипендија за престој од Британскиот совет.

Значаен момент во кариерата  е избор за редовен професор на УКИМ, како и избор за директор на ИЗИИС во пет мандата. Директор е и на три проекти од програмата на НАТО„Наука за мир“, како и национален координатор на еден проект од европската научна програма FP7. До заминувањето од ИЗИИС  е координатор на два проекта од европската научна програма „Хоризонт 2020“. Член е на редакцискиот одбор на маѓународното списание „Билтен по земјотресно инженерство“, кое е со голем импакт фактор во својата област. Но секако, круна на досегашна кариера е  четиригодишен избор за претседател на Европската асоцијација по земјотресно инженерство и осумгодишниот избор за потпретседател. Оваа асоцијација обединува 33 европски национални асоцијации.

Признание за долгогодишна работа секако е и 13 Ноемвриската награда на град Скопје, која ја добива за посебни остварувања во полето на науката, едукацијата и градежништвото.  

Garevski

Бевте директор на ИЗИИС со нajголем број мандати.Кој период од постоењето би го истакнале како особено значаен за формирањето на брендот?

Институтот е еден од најстарите институти во светот од оваа област. Во своето постоење имал големи подеми, но  и кризи. Јас сум четвртиот по ред директор на ИЗИИС.

Сите директори успешно го водеа ИЗИИС, но би рекол дека вториот директор проф. д-р Јаким Петровски, е најзаслужен за првичната меѓународна афирмација на ИЗИИС. Неговата визија за инсталирање на сеизмичка платформа се покажа потполно исправна. Таа во времето на нејзиното пуштање (1982) беше најсовремената платформа во Европа.

Не е убаво да се фалите сами. Тоа би требело да го кажат вработените од Институтот. Бидејќи фактите зборуваат сами за себе, ќе спомнам неколку клучни моменти кои придонесоа за уште поголемата афирмација на Институтот.

Клучен момент за време на моето раководење во ИЗИИС е замената на старата аналогна контрола на сеизмичката платформа со нова најсовремена петкомпонентна дигитална контрола.

Најголема меѓународна афирмација ИЗИИС доби кога заедно со Македонската асоцијација по земјотресно инженерство ја организираше 14 Европска конференција по земјотресно инженерство.

Сонот на сите претходни директори, а особено сонот на проф. д-р. Ј. Петровски ИЗИИС да стане Институт на УНЕСКО, се оствари при крајот на мојот 4 мандат. Во Париз, во мое присуство генералниот директор на УНЕСКО, госпоѓа  И. Бокова го потпиша прогласувањето на ИЗИИС  за  Институт на УНЕСКО. За жал, заради себичност и немање визија на сегашниот ректор на УКИМ, договорот е невалиден, бидејќи тој не дозволи да се реализираат некои барања од  договорот.

 Вашиот период на директорување обично се дефинира како успешен бизнис-период на ИЗИИС.

Уште во првата година од мојот мандат, наследив долг за платформата од 500.000 $ којшто мораше  да се отплати. Сакам да објаснам за да нема недоразбирање, овој долг не го оставија претходните директори, туку поради мораториум на отплатата на кредитите на ниво на цела Југослевија во осумдесеттите, отплатата е стопирана. Плаќањето на долгот за жал отпочна во мое време. Ако не се успееше да се отплати долгот тогаш, Институтот најверојатно немаше да постои денес. После отплата, ИЗИИС тргна во постојана нагорна линија.

Промената на контролата на платформата чинеше околу пола милион долари, и истите ги обезбедивме од научен проект од европската ФП7 програма.

Во овој период успеавме да потпишеме многу договори за комерцијални проекти во странство.Такви проекти беа проектите со Хидро Квебек од Канада и проектите со Сименс и Раде Кончар. Консултанската  услуга во Абу Даби, беше мамутски проект во вредност од околу 700.000 $.

Најголем проект кој го реализиравме e контролата на сеизмичка заштита на објектите коишто се градат во Р С Македонија.  Од комерцијален аспект тој е најуспешен. Сметам дека само ИЗИИС, како организациски така и со квалитетот на човечките ресурси можеше да одговори на ова барање. До моето заминување од ИЗИИС исконтролиравме околу 12 000 објекти.

Garevski1

Со генералниот директор на УНЕСКО за време на потпишување на договорот за прием на ИЗИИС

за институт на УНЕСКО во Париз

Во 2016 и 2017 бевте постојано во медиумите, дали можете да кажета нешто во врска со предвидувањата на земјотресите? Вечна тема и голема дилема во научните кругови, но секако и кај секој граѓанин на планетава. До каде стигна науката?

Да, сега нема земјотреси, па ме нема и мене во медиумите. Точно е тоа дека во 2016 и 2017 година понекогаш во еден ден бев и по неколку пати на неколку телевизиски станици, а причина беше зачестеноста на земјотресите во Македонија. Во тој период имаше два земјотреса со магнитуда 5. Во Охридскиот Регион, се регистрираа  и многу голем број на таканаречени афтершокови.

Земјотресите, секогаш се случуваат ненадејно и не можат да се предвидат. Неточни се информациите дека некој може да предвиди  земјотрес. Со голем ентузијазем, научниците во 60 -тите години на минатиот век отпочнале со истражувања за нивно предвидување, но денес истражувачите се скептични, сметаат дека никогаш не ќе може да се предвиди кога ќе се случи некој земјотрес. Досега единствено во Кина во 1975, ден пред катастрофален земјотрес бил евакуиран цел град, па се избегнати жртви. Се смета дека силниот форшок кој предизвикал оштетувања на објектите, го натерал градоначалникот да се одлучи да спроведе евакуација на жителите, е не дека евакуацијата е резултат на предвидување на земјотресот. Меѓутоа следната година, Кинезите не го предвидоа земјотресот кој се случи и однесе 250.000 човечки животи. Незванично се смета дека бројката на жртви од овој земјотрес стигнала и до 700.000.

Но сепак Вие бевте многу точни во изјавите кои ги дававте за земјотресите во Македонија, тоа може и денес да се види ако се побара на GOOGLE.

Да точно е тоа, ми велеа дека изјавите се многу смели, но ми велеа и дека делуваат многу смирувачки за населението. Еднo смело интервју дадов за една телевизија кога одпочнаа „форшоковите“ во Охрид. Изјавив дека очекувам земјотрес со магнитуда 5, но не и поголем. За време на интервијуто, после неколку минути од мојата изјава, во Охридскиот Регион се случи земјотрес со магнитуда од 5 степени. Тоа беше главниот удар и по него настана смирување на тлото, но со серија афтершокови. Се случи она што го кажав во изјавата.

Што се случи со италијанските научници кои беа осудени за давање изјави во врска со катастрофалниот земјотрес во Лаквила од 2009 година?

Давањето на смели изјави за тоа дали ќе има силен земјотрес или нема да има се многу опасни. Тоа најдобро го осетија 6 научници од Италија, кога на ден пред главниот удар во Лаквила дадоа погрешна изјава дека не очекуваат посилен земјотрес од  „форшоковите“ кои беа присутни пред главниот удар. Утредента по изјавите, имаше силен земјотрес со магнитуда 5.9 и загинаа 308 жители. За ваквите изјави, италијанскиот суд ги осуди на по шест години затвор. Целиот научен свет околу 250 000 научници бараа нивно ослободување поради фактот дека земјотресите не можат да се предвидат. Тогаш и јас во својство на претседател на Европската асоцијација по земјотресно инженерство упатив писмо до тогашниот претседател на Р Италија, Ѓорѓио Наполитано , во кое побарав нивно ослободување поради истиот факт дека земјотресите не можат да се предвидат. Дури по неколку години судење, пресудата беше преименувана и тие беа ослободени. Двајца од нив, проф. М. Калви и проф. М. Долче се мои пријатели и се реномирани експерти во оваа област.

Garevski5

Земјотресот во Лаквила од 2009 година

Кои се најинтересните моменти од вашите активности надвор од стручната кариера?

Во 1993 година, кога Македонија не беше членка на ОН, се обидов да помогнам со лобирање кај мои пријатели, членови на Британскиот парламент кои ги запознав во времето кога го работев докторатот. Ги замолив моите пријатели, Лорд  Дон Фостер и Лорд Расел Џонсон да ја посетат нашата земја за да помогнат за проблемот со името во британскиот парламент. Се согласија и јас со владиниот авион отидов во Лондон за да ги земам. Во делагацијата беа и уште двајца конзервативци и двајца лабористи. Меѓу нив беше и идниот министер за Европа, Д. Лидинктон. Тоа беше првата британска парламентарна делегација која ја посети РМ.

Има уште многу интересни моменти, но сметам дека ако ги изнесувам ова интервју ќе стане предолго.

Garevski7

Историското јадро на Аматриче, рушења и оштетувања по земјотресот од Август со М=6.2

Имате многу пријатели надвор од нашата земја, сте се сретнале со многу познати научници, но и со други познати личности од  светот. Кажете нешто за овие пријателства и за вашите средби со нив.

Да, ќе почнам најпрво од мојот ментор проф. д-р Рој Северн, кој за жал е починат. Со него  соработував повеќе од 20 години и многу го почитував. Поради своите заслуги, тој беше награден од британската кралица со титулата „Командир на британската империја“. Беше и претседател на Британското друштво на градежни инженери, најстара институција од ваков вид во светот.

Garevski2

Посета на принцот Едвард за време на тестот на рамка со ѕидарија на сеизмичката

Платформа во ИЗИИС

Блиски и долгогодишни пријатели ми се и цела плејада на многу значајни имиња од фелата. Ќе напомнам само некои од нив т.е. проф. д-р Џ. Кели од Универзитетот во Беркли, татко на базната изолација како и проф. д-р Х. Шах од Универзитетот во Станфорд, пионер во сеизмичкиот ризик и основач на една од најпознатите компании за ризици од катастрофи. Сакам да го спомнам и проф. д-р  А. Елнашаи, со кого во моментот највеќе соработувам. Проф. Елнашаи е проректор на Универзитетот во Хјустон и уредник на меѓународното списание по земјотресно инженерство.  Со него ќе потпишеме меморандум за соработка меѓу ИБУ и Универзитетот во Хјустон.

Вредно е да се каже дека успеав во ИЗИИС да иницирам посети на навистина многу познати личности. Првиот е принцот Чарлс (1999), а вториот е  неговиот брат Принцот  Едвард (2006). И со двајцата имав прилика подолго да разговарам.

Принцот Ото Фон Хабзбург, беше гостин на ручекот што му го приредивме во ИЗИИС. Исклучително интересен беше разговорот  со него за историјата на  Балканот.

Имате бројни научни трудови публикувани и прикажани на меѓународни научни собири. Што би издвоиле како особено значајно?

Прво би ги спомнал  двете книги, Earthquake Engineering in Europa и Earthquakes and Health Monitoring of Civil Structures на кои сум уредник  и автор на три глави. Тие се голема афирмација за мене бидејки Спрингер ме извести дека книгите станале бестселери. Двете повикани предавања во Хонк Конг и Кина за секвенцијалните земјотреси од централна Италија ми се исто така многу значајни бидејќи по предавањето во Кина,  заедно со проф. А. Вада од Јапонија и проф. Б.Спенс од САД, станав член на Интернационалниот академски комитет на западнокинеската фондација за нови технологии.

Garevski3

Каде е сега професор Гаревски и кои се неговите преокупации ?

После 40 години во ИЗИИС, убаво е да се обидете и на друго место. Сега сум професор и  проректор за наука и истражување на „Интернационалниот балкански универзитет“ (ИБУ) од Скопје. ИБУ според шангајската листа е рангиран на прво место во Македонија во областа на наставата и учење. Покрај предавањата, моја задача е да ги развивам и истражувањата. Во крајна фаза е формирање на Интернационален институт за хазарди и иженерство (IIH&E) во склоп на ИБУ. Управниот одбор го прифати мојот предлог за формирање на Институтот. Институтот ќе ги истражува природните хазарди и хазардите кои ги предизвикува човекот и ќе има 7 центри и три лаборатории. Многу уникатни единки во склоп на Институтот ќе бидат центрите за заштита од кибернетски напад, како и центарот за анализа на човечките протести. Во склоп на IIH&E ќе има и центар за климатски промени и загадување на воздухот (CCC&P). Истражувањата на климатските промени како и загадувањето на воздухот се многу актуелни насекаде во светот. Вакви истражувања се особено важни и за нашата земја, па Институтот ќе посвети особено внимание во развивање на овој центар.

Да не се обидувате да му правите конкуренција на ИЗИИС во чие градење учествувавте цел работен век?  Или можеби тоа е за напредокот на земјотресното инженерство во Р Северна Македонија и пошироко?

IIH&E ќе има и центар за сеизмологија и земјотресно инженерство и во почетокот во него ќе бидат вклучени 4 доктори на науки од оваа област. Веќе конкуриравме на еден голем меѓународен проект. Во потполност се сложувам со вас дека конкуренцијата за разлика од монополот е полезна работа која го стимулира напредокот, меѓутоа нашите амбиции се ориентирани кон другите центри, а највеќе кон CCC&P. На ИЗИИС ќе му правиме мала конкуренција на научен план, но немаме намера да работиме апликативни проекти.

Garevski6

Познати сте по организирање на големи меѓународни конференции.  Што е следно во Вашите блиски планови на тоа поле?

Да, во мојата кариера организирав 5 меѓународни конференции од кои најголема беше Европската конференција по земјотресно инженерство на која присуствуваа околу 1.000 научници од целиот свет.

Тешко е да се организираат големи меѓународни конференции особено кога немате конгресен центар. За жал кај нас сè уште нема конгресен центар, и јас се откажав од организирање на големи конференции, но се премислив по моето доаѓање во ИБУ. ИБУ е нов кампус и има прекрасни услови за организирање на конференции до 600 учесници, бидејќи има многу големи холови и модерни сали, најголемата е за 500 слушатели. Догодина во јуни, во кампусот ќе организираме (ИБУ е главен организатор, заедно си Инстанбулскиот технички универзитет како коорганизатор), конференција под наслов „Интернационална конференција за хазарди и инженерство 2020“. Веќе имаме потврда од многу реномирани имиња, кои прифатија да бидат клучни предавачи на оваа конференција.

Garevski4

Испрати коментар

Scroll To Top