На плажа, недалеку од главниот град на Јужна Кореја, неодамна биле поставени осум капсули погодни за краток престој и одмор.
Капсули кои од далеку изгледаат како големи јајца, ненадејно се сместени на песочна плажа во близина на Сеул. Наречени се Albang, а нивната лесна конструкција е креирана од рачно исечени блокови од стиропор, што ги прави мошне преносливи. „Ние секогаш сме сонувале за патување и задоволства во различни места, и овој проект е специјално дизајниран за нови искуства кои никогаш нема да се добијат во хотел, шатор или во автомобил“, коментараат архитектите од студиото Yoon Space Design.
Во основата на оваа структура лежи материјал кој се користи во пакувањето на товар. Според авторите на проектот, тој е доволно издржлив пред предизвиците од страна на природните услови, а покрај тоа е евтин и лесен. Секоја капсула може лесно да биде поставена на цврста основа, што ја прави многу стабилна. Дневната соба на секое „јајце“ има површина од два метри квадратни.