Во Битола е промовирана капитална мографија посветена на битолскиот ликовен уметник Борислав Траиковски, припадник на првата повоена генерација ликовни творци и член на познатата група ВДИСТ. Со настанот се одбележани сто години од неговото раѓање, како и на неговото творештво кое остана во колективната меморија на македонското културно постоење и опстој.
– Борислав Траиковски припаѓа на една генерација на македонската култура и уметност, која во самите почетоци требаше да понесе еден голем товар за да го формира и да го докаже креативниот карактер на еден народ. Тоа се педесеттите и шеесеттите години и за среќа, добар дел од тие ликовни уметници го понесоа тој товар и создадоа идентитет и интегритет на македонската култура. Траиковски е на самиот врв- рече историчарот на уметност Љубен Пауновски, автор на текстот на монографијата.
Носител на овој национален проект е Македонското научно друштво од Битола и семејството на Траиковски, кои голем дел од неговото творештво го отстапија во Завод и музеј Битола, како колективно културно богатство на Битола и Државата.
Борислав Траиковски (1917-1996) е сликар и педагог кој се вбројува меѓу првите дипломирани ликовни уметници во Република Македонија. Заедно со Корубин и Лозановски бил еден од првите македонски студенти што во 1951 година дипломирале на Академијата за ликовни уметности во Белград.
За време на студиите бил во различна класа на професори, поради што честопати доаѓал и во конфликт, во однос на слободата на изразот и начинот на сликање со Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Љубица Сокиќ, Коста Хакман, Иван Табаковиќ… Како член на ДЛУМ, бил на студиско патување во Италија, а како стипендист, и на студиски престој во Париз во 1961 година. Траиковски се смета за еден од основоположниците на современиот ликовен живот во Македонија и бил прв претседател на ДЛУБ.
Дела од творештвото на Траиковски се дел и во многубројни приватни колекции, а друг дел се наоѓа во музејски колекции во Македонија и надвор од неа. Целиот свој живот и работен век го поминал во Битола. За уметничките постигања има добиено државни награди и награди на Општина Битола.
Зад себе Траиковски има оставено еден огромен опус од четири илјади дела со длабоки естетски и мисловни спирали и 65 самостојни изложби.