Клучната улога на канцеларијата како ентериерно дефиниран простор (од аспект на организација на ентериерните елементи, опремен со техничко – технолошки уреди) е да ја поддржи организацијата и нејзините вработени во изведувањето на нивните работни задачи. Иако, канцеларијата веќе не претставува единствен можен простор каде што би се одвивала работата, на неа често се гледа како на еден вид средиште на организациите кое се менува во чекор со технолошкиот напредок и со барањата на структурните финансиски редефиниции на глобалните економии, што во крајна линија се сведува на постојани промени во новите начини на работење.
Просторот е тој што треба да ги поддржи овие промени и да стане простор кој се менува. Ако некогаш формата ја следеше функцијата, сега формата го следи перформансот што означува многу подинамична категорија од поимот функција. Просторот не е веќе статичен, и како таков мора да води сметка за реакциите на неговите корисници.
Просторот кој ја подобрува човековата благосостојба, кој ги стимулира и ги изострува неговите сетила, треба да се карактеризира со таков ентериерен дизајн кој ќе предизвика суптилна и избалансирана стимулација на секој аспект на човековата сетилна организација. Повеќе автори ги посочуваат следниве фактори кои се однесуваат на секое поединечно сетило за кое треба да се води сметка во сите развојни етапи на дизајнот: сетилото за допир, мирис, вкус, слух, вид, говор, осетот за комфор, подвижност, топлина, мисла и чувство за его.
Така на пример, да се стимулира:
– осетот за допир, значи дека се употребуваат голем број различни видови на материјали со различни површински обработки, но и форми кои обезбедуваат тактилна стимулација, а се пријатни на допир;
– осетот за комфор е позитивно стимулиран од изворите на светлина, соодветни материјали со бои чија композиција создава пријатна атмосфера;
– осетот за подвижност се подобрува преку колористичната динамика и контрасти во простори и просторни контексти. Ова е исто важно и за флексибилен мебел и опрема кои промовираат движење и социјална динамика;
– осетот за рамнотежа го воочува како позитивен секој визуелно избалансиран аранжман и состојба на еквилибрум помеѓу различните стимулативни впечатоци, ефикасна ориентација и просторно димензионирање во мерката на човекот – осет за пропорција. Сите овие стимули се важни за психолошкото здравје на луѓето;
– кога осетот за мирис се доведува во врска со материјалите од кои се изградени просторите и неговите елементи, се мисли тие да бидат од природно потекло што е можно повеќе и да не мирисаат;
– осетот за вкус е стимулиран преку висококвалитетни материјали, комплетни и естетски композиции кои суптилно ги отелотворуваат потребите на корисникот како поединец, или на заедницата воопшто;
– осетот за вид опфаќа комплексни физиолошки, психолошки, ергономски и естетски аспекти на забележаниот простор;
– осетот за топлина претпоставува потреба од специфично својство, атмосферата во просторот да е креирана спрема барањата за баланс помеѓу физички „топли“ и „ладни“ елементи кои зависат од употребениот материјал, светлина и боја;
– осетот за слух бара здрава акустичност на просторот која произлегува од намената на просторот, од неговите димензии и капацитет, а се остварува преку применетите материјали и усогласените пропорции на просторот.
При споменувањето на потребата од надразнување на сетилата на човекот преку визуелно-аудитивно-тактилни перформанси на материјалите од кои се гради ентериерот на ниво на елемент и на ниво на целина, како краен ефект се добива атмосфера која човекот ја осознава преку манифестирање на одредено расположение. Значи, една од целите на тридимензионална манипуалција со елементите и просторот, покрај утилитарноста или функционалноста, е и креирањето на атмосфера како конечен ефект на употребените средства во процесот на дизајнот. Истата се смета дека е состојба која се наоѓа во просторот помеѓу концептуалното и перцептуалното, онаму каде што архитектурата доаѓа до полн израз како производ на интелектуалниот и уметничкиот капацитет на дизајнерот – творец. Таквата состојба, која се повикува на разумот и на сетилата истовремено, е позиција на вистинитост која произлегува од суштествените значења на нештата што се појавуваат како карактеристика на целината, повеќе отколку на нив како делови посебно. Атмосферата е таа што единствено може да комуницира помеѓу концептуалното и перцептуалното, помеѓу материјалното и нематеријалното, што ниедно друго средство на дизајнот не може да го оствари.
Во горе споменатите фактори кои влијаат на човековите сетила, во делот на атмосферата на свесно создадениот простор, сепак во добар дел се ликовните елементи на дизајнот или просторот, какви што се формата, обликот, материјалот, бојата, текстурата и просторната композиција. Како илустрација на наведените елементи кои ја креираат визуелната рамка на канцеларискиот простор може да послужи „Хибридната канцеларија“ на бирото „Едвард Огоста Архитекти“ од Лос Анџелес, во која авторите преземаат доста синоними и метафори од природната, но и од артифициелната средина, играјќи се со форми, бои и состојби. Канцеларискиот простор го третираат како артифициелен пејзаж во кој се преплетуваат природните елементи и архитектонско-урбаните типологии.
Физичката средина човекот ја доживува и проценува на сетилен, емотивен и мисловен начин преку перцепција, која се базира на импресиите што тој ги добива преку видот, слухот и допирот, како и преку интелектот. Интелектот ја евалуира средината преку когнитивност која е базирана врз знаењето и преку меморијата, односно искуството. Како резултат на евалуацијата посматрачот креира слика или популарно наречено „имиџ“ на средината. Ваквата слика претставува двонасочен процес помеѓу набљудувачот и набљудуваното.
Кога набљудувачот внимателно го фокусира погледот врз одреден предмет или простор, тој го воочува неговиот специфичен облик, неговата големина, пропорција, боја, текстура и материјал. Ваквата можност за воочување на она што е над обичното препознавање на нештата е од големо значење и важност за дизајнерите. Затоа, ваквите способности неопходно е дизајнерите постојано да ги развиваат за да се видат нештата преку нивните суштествени визуелни карактеристики, и да се биде свесен за тоа на кој начин тие нешта меѓусебно дејствуваат.
Притоа, тие воспоставуваат релации кои, од друга страна, ги формираат естетските квалитети на физичката средина. Но, за да се види или воочи еден предмет битна е оптичката можност на средината за тоа да се оствари, поточно да се направи разлика помеѓу предметите и физичката поставеност на просторот. За тоа е потребен контраст, за да се направи дистинкција помеѓу предметот или композицијата што се посматра и неговата физичка заднина. Според тоа, елементите што се појавуваат надвор од нивната заднина можеме да ги наречеме „фигури“. Во оваа релација предмет – заднина важна е пропрцијата помеѓу нив, зашто ако односот е на страната на предметот тогаш заднината станува одреден облик кој е во рамноправен однос со предметот на посматрање. Во ентериерите како визуелни ентитети континуирани се смените на односите помеѓу фигурата и заднината, „игра“ со која дизајнерите го одредуваат карактерот на визуелната композиција преку истакнување или вклопување во просторната слика на физичкиот простор.
Пишува: проф. д-р Мишко Ралев,
Факултет за архитектура и дизајн при УАКС