Се` до средината на 19 век, вработените во Контор зградите или канцелариите биле дел од семејството – од домаќинствата на велепоседниците. За членовите на семејството, тие биле соработници и цимери. Тие биле субординарни на земјопоседникот, трговецот, односно патријархот, кон кого биле врзани со целите нивни семејства.
Големи отворени канцеларии во „Ларкин“ во Њујорк
Индустријализацијата успева да ги ослободи канцелариските работници, правејќи ја нивната лојалност кон трговецот само како предмет на паричен надоместок – плата. Семејно базираните канцеларии исчезнале заедно со таквите домаќинства и вработените во Конторите станале и формално вработени.
Создавањето на нови занимања е резултат на поделбата на трудот и поделбата на работните должности кои довеле до одредена хиерархија во просторната организација и опременост на канцеларискиот простор. Во веќе воспоставената индустриска канцеларија, која е директен предок на денешната модерна канцеларија, се изведувале следните работни должности: сметководство, благајник, ликвидатор, генерален менаџер, коресподенција, копирање, канцелариски службеник и приправник.
Машка канцеларија
Хиерархијата кај овие вработени се состоела во тоа што централните простории биле резевирани за службениците од средно ниво, темните и непријатните простории за обичните службеници и приправници, додека за службениците од повисок ранг имале приватни простори или дури одделни комфорни канцеларии.
Автоматизацијата во фабриките се пренесла и во канцелариите. За да се забрза канцелариското работење, се пронашле и машините за калкулација и машините за пишување. Ваквата автоматизација донесла нови промени, овој пат социолошки, воведување на жената во канцеларијата, во работењето. Дактилографското занимање станало исклучиво женско, зашто многу малку мажи сакале да се занимаваат со тоа. Излегувањето на жената од границите на домот довело до големи социјални потреси во западното општество кон крајот на 19 век.
Првите работни столици
Западното општество се нашло во конфузија, при што се појавиле големи протести организирани од работничките синдикати, црковните институции, но и од голем број женски клубови. Резултатот на ваквото социјално поместување е дека во канцелариите се сменила социјалната структура, внесена е сексуалната тензија. Поради тоа, биле донесени нови правила за однесување, меѓу кои најзначајни биле правилата за облекување и однесување помеѓу вработените. Неоспорно е дека појавата на жената како службеник во фирмите и канцелариите, од корен ја изменила не само социјалната туку и физичката средина.
Административна зграда „Ларкин“ во Њујорк изградена во 1906 година, архитект Френк Лојд Рајт
Одеднаш просторот се здобил со боја и разноврсност како и со одредена префинетост. И покрај искричавоста на состојбата, сепак, со почетокот на индустријализацијата канцеларијата како бизнис, социолошки, културолошки, но и просторен феномен, почнала да ја менува човековата перцепција, мисла и акција. Со појавата на модерната канцеларија почнало ослободувањето на човекот и жената од патријахалноста на домашната средина, отворајќи за жената нови можности покрај домашните обврски.
За прв пат жената во канцеларија (19 век)
Во канцеларијата и двата пола почнале да работат здружено на работните задачи, се разбира не без проблеми, но сепак работата во канцеларија кон крајот на 19 век претставувала респектирана позиција. Интересно е да се напомене дека компаниите во овој период почнале да го развиваат својот статус преку вработување на женски секретари.
Но, во овој период на доцен 19 век, не само што работните процеси и канцелариски простори биле поедноставени и реструктурирани, дури и индивидуалните задачи биле редуцирани до нивната суштина, при што бирото и столицата играле важна улога. Инженерот Фредерик Винслоу (Frederick Winslow) и организацискиот психолог Френк Банкер (Frank Bunker) развиле методи како да се намали движењето на работното место, посматрајќи ги луѓето како машини.
Машки канцеларии во 19 век
Тие одредиле точки за поставување на секоја канцелариска алатка на површината на бирото, при што создале и упатство како вработените во седечка позиција систематично да посегнуваат по нив за да се избегнат празните движења. Од друга страна, жените дактилографи успешно ја практикувале работата со седење во канцелариите. Со телото пресвиткано под два прави агли, седењето помагало при исполнување на повеќе канцелариски задачи. Ограниченото движење водело кон зголемена дисциплина и допуштало да се пренесе вниманието врз внатрешните процеси и работникот да се фокусира врз организирање и размислување, со што теоријата на Винслоу и Бункер ја остварило својата цел.
Жени дактилографки
Дури и активностите што би можеле подобро да се изведат при одење и стоење, се изведувале со седење. Меѓутоа, постоела и друга страна на овој т.н. успех: со продолжено седење кое предизвикувало физичка неактивност, вработените ја изгубиле својата физичка кондиција. Но тоа не било сè, вработените станале ментално и емотивно ригидни, а седењето предизвикало болки во грбот како и одредени ортопедски заболувања. Тогаш станало очигледно дека човекот не може да издржи продолжена работа со седење без одредено движење.
На овој проблем прв се осврнал ортопедот Ф.Стафел кој дизајнирал работна столица, која станала стандарден дел од канцелариите на почетокот на 20 век. Нејзината структура се карактеризирала со тоа што задниот наслон обезбедувал поддршка на грбот во која било позиција на телото, а седиштето било дизајнирано така што било флексибилно по вертикала и зглобно поврзано со наслонот.
Концептот на Стафеловата столица подоцна ќе стане модел за изработка на автомобилските седишта. Ова нешто ќе резултира во зголемен интерес кај научниците за ергономика при работењето. Димензиите на луѓето, позите на телото при извршување на работните задачи и движењата, ќе бидат научно истражени од ортопедски и ергономски експерти во насока на изнаоѓање на начини да се избегнат укрутени, правоаголни пози и имобилност при работењето со седење.
Почетокот на 20 век донесува и други новини во дизајнот и организацијата на работните простори – канцелариите. Во овој период таа станува место на социјално собирање, при што силата на колективитетот не е канцеларијата, туку тоа е бирото – канцелариската маса која е секогаш адаптирана кон седечките елементи на мебел. Ваквата комбинација отсекогаш била главната комуникативна површина – сржта на канцеларијата.
На почетокот на 20 век просторно функционалната структура на канцелариите е детерминирана од нивниот мебел и арсеналот од најразлична опрема и алатки. Со тоа била обезбедена оперативната структура на административната работа која можела да се одвива во мали простории.
Основа на „Ларкин“
Меѓутоа, ефикасноста на индустрискиот модел веќе станал пример за организација на новиот модерен простор, репродуцирајќи го стилот на фабриките. Опиени од машината, нејзината моќ и прецизност, без грешка да репродуцира серија на исти предмети, ги воодушевило модерните архитекти во првата половина на 20 век. Ле Корбизије го воведува пуризмот како нова теорија, велејќи дека архитектурата мора да биде ефикасна како една фабричка линија.
За дизајнот на ентериерот на канцеларијата тоа значело напуштање на организациската структура на мали канцелариски простории и преоѓање на концептот на канцеларија со „отворен план“ (open plan office). Она што е фабричко во ваквиот просторен концепт се големите простории по углед на фабричкиот под со аранжман на идентични просторно-функционални елементи, поврзани меѓусебно со подвижна лента која пренесува информации, инструкции и документи до работните места.
Жени секретарки
Концептот на отворен план успешно ги пресретна нараснатите потреби и барања на новите сервисни фирми како што се банките, консултантските и осигурителните компании, здравствените агенции. Во развојот на ваквиот концепт, голем удел имала и зголемената улога на науката во бизнис-администрацијата. За разлика од неперсоналната, строго вертикално, хиерархиски структурираната мала канцеларија од почетокот на индустријализацијата, модерната канцеларија на 20 век донесе нова организациска работна структура и однесување, во чиј центар е тимската работа во хоризонтално структурирани тимови.
Отвореноста на големата просторија креира мотивирачка атмосфера и транспарентност на работниот процес. Вработените се ориентирани еден кон друг и овозможено им е да разменуваат мисли, идеи односно заеднички да ги решаваат проблемите поставени како работни задачи.
За да се оствари ваквата организациска цел, потребен е и одреден распоред на канцеларискиот мобилијар, при што ниту едно биро не е центар на просторијата, туку разните аранжмани на бироата, претставени во зависност од тимската организација, претставуваат полицентричен систем на просторот. Сепак, и ваквите концепти не биле совршени, ако тимската работа донесе колективно однесување кое за одредени процеси било позитивно за други не било, а особено за можноста за концентрација за која е потребна одредена приватност. Оваа потреба резултирала со зголемен број на идеи за нови типови.
Разноликоста на канцелариските форми креира можност да се избере канцелариски план и мебел кој е карактеристичен за компанијата и соодветен за нејзините операции. Ова е важно за работењето, што е, пак, важен дел од животот, затоа што тимската работа, пријатната работна средина, добрата интеракција помеѓу персоналот и адекватните алатки и медиуми, ја зголемуваат мотивацијата помеѓу вработените, ги одржува луѓето здрави и го промовираат успехот на компанијата. Достигнувањето на овие патеки остануваат една од важните должности на развојот на канцелариите во 21 век.
(Продолжува)
ред. проф.м-р Мишко Ралев, Факултет за архитектура и дизајн при УАКС