Кој вели дека на север, во Скандинавија, не може да се најде нешто, што може да биде мало, не толку гигантско, но сепак топло и да привлече внимание како чудна градба. Таков пример доаѓа од Данска, која не била дел од „најчудните градби“. Овој пат, педантните Данци, покажаа дека имаат сила и ум, кој може да им парира и на најголемите архитектонски студија, во поглед на иновативноста.
Данско-исландскиот уметник, Олафур Елиасон ја заврши својата прва зграда – канцеларија слична на тврдината во фјордот Вејле во Данска, наречена „Фјорденхаус“. Тоа е седиште на фирмата „Кирк Капитал“, која е холдинг-инвестициска компанија на тројца браќа, кои се директен потомок на основачот на „Лего“. Но, исто така, објектот освен што е место на приватни канцеларии, поседува и јавно достапно приземје.
Ова е прва зграда во целост дизајнирана од Студиото „Олафур Елиасон“, кое претходно соработувало на архитектонски проекти, вклучувајќи ја и концертната сала „Харпа“ во Рејкјавик и „Серпантинскиот павилјон“ во Лондон, а изградило и помали објекти, вклучувајќи го и мостот „Cirkelbroen“ во Копенхаген.
Зградата се издига од водата во пристаништето на градот Вејле. Се пристапува преку пешачки мост, со подземни пасажи, исто така, поврзувајќи го подрумот на зградата со доковите.
Пешачкиот мост води во првиот и приземен дел, односно до јавната површина на зградата, нуди поглед низ пристаништето и е украсен со уметнички дела специфични за локалитетот создадени од Елиасон. Над овој простор со двојна висина има три ката за фирмата „Кирк Капитал“. Оваа форма на Фјорденхаус беше создадена, за да се прилагоди на околината на Вејле Фјорд, и истата да се вклопи во животната средина.
„Клиентите посакаа да изградиме работна средина за фондацијата што ја имаме, да се истакнат квалитетите што им се важни, како што се природата, светлината, времето, годишните времиња и фјордот на Вејле“ – кажале од Елиасон Дизајнс.
Дел од поширокиот план за развој на пристаништето Вејле, е тоа што зградата стои веднаш до парче рекултивирано земјиште, што исто така го развива Кирк Капитал. Заедно со неколку блокови за домување и предвиден плоштад и пристаниште, идејата на Гинтер Вогт ќе даде целина на овој простор.
Геометриската форма на зградата е изработена од четири пресечени кругови. Секој од овие цилиндри има издлабени празнини од нив, кои се кружни на едниот крај и елиптични во другиот. Делумно застаклени, утврдени се лакови во отворите, кои се надополнуваат со прозорските површини. Во суштина, токму тие лакови, ја даваат оваа уникатна форма на објектот.
Изградена околу бетонска конструкција, внатрешните и надворешните ѕидови на зградата се изградени од 970.000 тули. Уметникот избрал 15 различни нијанси на непроѕирна тула, заедно со сини, зелени и сребрени глазирани цигли. Секоја од надворешните фасади има различна комбинација на тули, во зависност од светлината што ќе ја добие. Глазираните цигли се почесто користени во близина на основата, а чисто сините тули почесто се наоѓаат кон врвот на зградата.
Внатрешните простори, исто така, имаат комбинации на тули специфични за употреба во секоја од собите. На пример, на скалите се користат само сиви и сребрени цигли. Шупливи вентилациони тули се вградени во внатрешните фасади за регулирање на звукот и температурата.
Поставувањето на секоја видлива тула беше избрана од Студиото „Олафур Елиасон“ за да го создаде она што уметникот го нарекува „миниуметнички композиции“.
Fjordenhus содржи канцелариски простор за сите три директори на Кирк Капитал и нивниот персонал. Исто така, постојат сали за состаноци, соба со табла, трпезарија и тераса на покрив. Сите маси, канцелариски мебел и столови, исто така се дизајнирани од страна на Елиасон. Според уметникот, студиото му дозволило да го искористи искуството стекнато работејќи на бројни уметнички дела и инсталации, во поголем обем.
Дизајнот е продукт на едно истражување, на перцепцијата на физичкото движење, светлината, природата и доживувањето на просторот – во една зграда која одеднаш е целосно уметничко дело и функционална архитектонска структура.
Студиото се надева дека проектот нема да биде последниот проект во архитектурата на кој тие работат. За да ги комплетираат идните проекти, Елиасон и Беман основаа нова архитектонска практика наречена Studio Other Spaces (SOS) во 2014 година.
Технички податоци:
Уметник: Олафур Елиасон
Архитектонски дизајн: Себастијан Беман со студио Олафур Елиасон
Проектен архитект: Каспар Тејчгреб
Локален архитект: Лундгард и Транберг Архитектура
Пејзаж-архитект: Vogt пејзаж
Клиент: Кирк Капитал
Генерален изведувач: Џортон Пит, плоштад и пристаниште: Пер Арслеф
Фасада и скали: Вагнер-Биро Сталбау
Камени подови: Top Granito SRL
Тули: Петерсен Тегл