Наместо вообичаените слики од поплавениот плоштад Свети Марко, деновиве од Венеција пристигнуваат призори од суви канали.
Оваа година, поголемиот дел од европските планини забележаа пониска висина на снежната покривка од вообичаеното. Со денови на интернет кружеа фотографии од празни скијачки центри, а се појави и вест дека еден вид кактус стана вообичаен жител на швајцарските Алпи. Што значи дека климата на Стариот континент станува се потопла, но и посува. Во прилог на тоа говорат и метеоролошките податоци кои укажуваат дека во текот на 2022 година го имавме едно од најсушните и најтоплите лета досега забележани.
Последната во низата загрижувачки вести кои предупредуваат и укажуваат со каков сериозен проблем ќе се соочиме доколку наскоро не почнеме да ги исполнуваме целите поставени со Парискиот договор од 2015 година, е фотографија од венециските канали. Имено, неделите на суво зимско време овие денови во Венеција резултираа со суша и недостаток на вода во најпознатите канали во светот, место чија главна грижа до неодамна беа воглавно поплавите.
Дека состојбата е особено сериозна говори и фактот што во моментов во каналите невозможно е да се плови со гондоли, водени такси и амбулантни возила. Научниците и еколошките активисти тврдат дека причината за овој проблем не е само еден фактор, туку комбинација од неколку. Пред се, недостигот на дожд, систем на висок притисок, полна месечина и морска струја.
Проблемот не е забележан само во Венеција, туку и во другите делови на оваа медитеранска држава. А како што наведува еколошката група Legambiente, ситуацијата е особено критична во северните делови на Италија. Тие наведуваат дека во најдолгата река По има околу 60 отсто помалку вода од вообичаеното за овој период од годината.
Експертот за клима Масимилијано Паски од италијанскиот научно-истражувачки институт CNR изјави за Corriere della Sera дека на северозападните региони им се потребни и до 50 дена дожд за да се подобри состојбата со нивото на водата. Како и дека антициклон доминира со времето во западна Европа веќе 15 дена, што придонесува за благите температури кои се вообичаени за периодот на доцна пролет, а не доцна зима.