Кампот во Умаг, Хрватска, Стела Марис, сместен во ладовина во густа борова шума, збогатен е со базен и нова зграда на рецепција, проект го потпишува бирото НФО. Внимателно следејќи ги карактеристиките на локацијата – ридестиот терен и околниот шумски амбиент, проектантите осмислиле комплекс кој суптилно се семестува во околниот терен и притоа максимално ја почитува неговата логика. Пишува порталот Vizkultura.
Проектната програма на нарачателот била да се збогати понудата на кампот со изградба на базен и пратечки содржини. Целиот проект е направен во соработка со бирото ИФ Проект од Ровињ, кое било носител на уредувањето на целиот камп и градежниот дел на проектот.
Локацијата, боровата шума и природата биле основа за концептот. Просторот за сончање и базенот врежани се во благо ридестата топографија на теренот, а сите затворени содржини се наоѓаат под „зелените“ кракови кои продираат во местото за сончање. Постоечкото зеленило продира во централниот отворен простор кој е фокус на целиот комплекс. Со ваков пристап нагласен е концептот на кампот – максимално зачувување на природата и топографијата на теренот.
Комплексот се состои од голем базен, детски базен и базен за бебиња. Покрај базенската содржина, проектирани се и рецепцијата на кампот и ресторанот. На тој начин базенот не е само изолиран сегмент на понудата на кампот, туку е и прва визура која посетителите ја доживуваат при влегување во кампот.