За разлика од денес, ако се вратиме во минатото, факт е дека многу згради, куќи, споменици, па дури и цели градови се градени интуитивно без урбанистичко планирање и учество на реномирани архитекти.
Средновековното село наречено Кампанополис се наоѓа на околу 30 километри од Буенос Аирес и е пример за архитектура без архитект, а интересно е што неговите конструкции се повеќе скулптурни, но сепак со архитектонска форма.
Ова е, всушност, првата населба со средновековен дух во Латинска Америка, која е историски, еколошки, културен и тематски парк.
Антонио Кампана, сопственик на синџир супермаркети и производител на конзервирана храна, купил 200 хектари рурална низинска област во 1977 година, исполнета со шуми, реки, потоци и езера, со идеја на тоа место да изгради куќа и земјоделски бизнис, пишува ArchDaily.
Меѓутоа, во 1985 година, откако му бил дијагностициран рак, решил на оваа локација да го изгради ова посебно село.
Заедно со група ѕидари од околните села, Антонио без никакво архитектонско знаење влегол во процесот на проектирање и градење и како резултат на тоа се создала населба од мешани стилови.
Комплексот, кој се состои од средновековни градби со калдрмисани патеки, како да не враќа во едно европско село од XV век, со тоа што во Кампанополис коегзистираат куќи од бајките и холандската ветерница, локомотива со вагони и колонијална капела.
Една од најинтересните градби на селото е Музејот на кафеани, каде што се изложени различни видови огради од ковано железо, лустери, витраж, антички предмети, но и разни уметнички дела.
Зачувувањето на природата бил еден од најважните аспекти земени во предвид при изградбата на комплексот, имајќи предвид дека тој се наоѓа во еден од најголемите природни резервати во провинцијата Буенос Аирес, со повеќе од 100 илјади различни видови дрвја и растенија.
Имајќи го ова на ум, целиот Кампанополис бил изграден со рециклирање и повторна употреба на материјалот што останал по уривањето.
На овој начин се зачувани објекти од голема историска вредност, како што се трибините отфрлени по реконструкцијата на стадионот на ФК Аргентинос Јуниорс, елементите останати по уривањето на доградбата на авенијата на 9 јули, како и оние од 19. век по реновирањето на тркачката патека во Палермо.
Меѓутоа, се поставува прашањето зошто ова село никогаш не било населено? Се шпекулира дека можеби интервенцијата на архитектите или урбанистите би создала простори погодни за живеење, а можеби и самиот Кампанополис не бил намерно изграден со намера да биде вселив.
Дури може да се претпостави дека структурите создадени на овој начин всушност создаваат архитектура на имагинација која има тенденција да привлече повеќе посетители отколку потенцијални жители.