Центарот за еколошка демократија Флорозон од Скопје ја почнува кампањата за адаптација на земјоделството кон климатските промени во Република Македонија.
Кампањата се спроведува во рамки на проектот „Локална акција за глобална климатска адаптација“, финансиски поддржан од Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје и предвидува организација на карван кој покрај информативна, ќе има и советодавна улога.
Карванот ќе ја почне својата мисија во Битола на 26 септември на плоштадот Магнолија, а промотивните настани ќе продложат во Крива Паланка, Куманово, Штип, Струмица, Скопје, Прилеп, Кавадарци и Тетово.
– Негативните влијанија на климатските промени претставуваат најголема закана за земјоделското производство, имајќи предвид дека тоа е една од носечките гранки на економиите во земјите во развој. Од особена важност е да се подигне знаењето и свеста кај земјоделците за ризиците и проблемите кои ги очекуваат, но и можностите за нивно надминување преку преземање конкретни мерки и активности, велат од Флорозон.
Според Центарот, Македонија е исклучително ранлив регион и последиците од климатските промени врз производството на храна се чувствуваат секојдневно, а со цел прилагодување на начините на производство, односно обезбедување оптимални приноси, во рамки на проектот „Локална акција за глобална климатска адаптација“ се изработени препораки за адаптација.
– Проектот ја почнува националната кампања која предвидува дисеминација на информативни материјални, но и практични совети за земјоделците. Во градовите каде ќе се спроведува кампањата, промотивните активности ќе бидат реализирани во соработка со претставници на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството како важни чинители во процесот на размена на информации помеѓу стручната и научната јавност и земјоделците, информираат од Флорозон.
Во дисеминацијата на материјалите ќе бидат вклучени и локални невладини организации и земјоделски здруженија, како и волонтери и активисти на ЦЕД Флорозон – Скопје.