Славниот шпански архитект Сантијаго Калатрава го потпишува новиот проект за нова православна црква која ќе се гради во рамките на Светскиот трговски центар во Њујорк во САД.
Црквата ќе се гради во меморијалниот парк посветен на трагичниот настан од 2001 година, кога беа срушени двете кули близначки. Црквата „Свети Никола“ е инспирирана од славната Аја Софија или црквата Хора во Истанбул. Новата црква ќе биде изградена на местото на некогашен објект од 19 век, а кој бил срушен од остатоците на двете кули кои паднале на 11 септември пред 14 години.
Но за разлика од класичната изградба на објекти од ваков карактер, односно класичен градежен материјал, новата црква „Свети Никола“ на Менхетен во Њујорк ќе биде од транспарентни материјали кои ќе дозволуваат сончевата светлина да поминува низ материјалот и да ја осветлува црквата внатре. Грчката православна црква, која е нарачател на проектот бара 20 милиони долари за реализација на изградбата на црквата.