Насловна / Архитектура / Какви културни објекти градиме денес?

Какви културни објекти градиме денес?

Покрај неминовниот позитивен технолошки развој кој ни се случи, за жал поминавме и период на целосна узурпација на градителското наследство, архитектура и култура. Македонската култура е девастирана во сите нејзини сегменти во последните дваесетина години. Културно-историското наследство, објектите и претставниците на културното творење се најбитните сегменти за градењето на имиџот на една држава и народ. Впрочем, со тој багаж се оди во заедницата на европските народи. Оперските и театарските куќи се обично највпечатливите обележја во големите градови затоа што во рафинирана форма го претставуваат јавниот живот на градот и државата. Културните институции во Македонија функционираат главно во постојни објекти изградени во времето на Југославија. Какви културни објекти градиме денес?

4H5A2726_resize

ПАРТИСКИ ПРЕПУКУВАЊА И НЕДОЛИЧНИ ОБВИНУВАЊА

Пред скоро време бев вчудоневидена кога на последниот јавен дијалог пред ТВ-камери за објектот Универзална сала видов на кој начин се решаваат проблеми кои бараат стручна и компетентна дискусија. На почетокот на реконструкцијата на Универзална сала му претходеше исцрпна анализа и дебата на сите релевантни институции, граѓанска демократска транспарентна дебата и проект дониран од архитектонското биро „Мегарон“ на архитектот Бујар Муча. Објектот е во фаза на градба, а градбата е во застој четири месеци после промената на градската власт. Реконструкција на ваков тип на објекти постари од 50 години е комплексна, уникатна и во текот на градбата  неминовно доаѓа до ускладувања на решенијата, проверка и промена на одредени состојби. Затоа не би требало да се сомневаме во одговорноста и компетентноста на сите стручњаци кои ставиле потписи на проектната документација, а за која градоначалничката тврди дека не гарантира безбедност на корисниците и граѓаните. Не е толку смешно колку што е жално, што проблемот кој прераснал во конфликт се решава на ваков начин, пред камери, а Асоцијацијата на архитекти е ставена во контекст на партиска злоупотреба. Се надевам дека решение ќе се најде со конструктивен дијалог на сите чинители и компетентни учесници во проблемот. Не би сакала да се замагли целата позитивна аура околу реконструкцијата на овој објект сo партиски препукувања и недолични обвинувања. Универзална сала му е насушно потребна на Скопје за музички концерти и за други манифестации, бидејќи сега сѐ се одвива во салата „Борис Трајковски“, која ниту е наменски погодна за тоа, ниту е функционална за таков тип манифестации.

4H5A2718_resize

НАЈВПЕЧАТЛИВИТЕ КУЛТУРНИ ОБЕЛЕЖЈА

За друг тип музички настани градот ги има објектот на Македонска опера и балет и зградата на Филхармонија. Зградата на МОБ е градена во осумдесеттите години, а зградата на Филхармонија е од пред неколку години и е единствениот вреден културен објект изграден во тоа време. И двата објекта локациски и наменски ги задоволуваат потребите на институциите кои во нив егзистираат, на ниво какво што е потребно и во функционална и во архитектонска смисла. Таквите објекти и по својата типологија како дом на комплексна уметничка форма, се највпечатливите културни обележја на градот. Но, морам да констатирам дека со објектите од „Скопје 2014-та“ се оградени и одвоени од реката и од речното корито и ставени во заднина што е своевиден хендикеп. На истиот потег покрај реката е објектот на Младинскиот културен центар граден во осумдесеттите години, но реновиран и во релативно добра состојба. Солидно ја обавува својата функција, но со својот скромен капацитет и содржини прашање е дали е доволен за милионски град. Живееме во ера на информатичко општество, нови технологии и нови потреби на младата популација од сите возрасти. Во светот се градат објекти со многузначна функционална намена, каде се брише границата меѓу содржините кои досега се сметаа за некомпатибилни. Затоа мислам дека треба да се размислува за објект кој ќе понуди нов тип на јавен културен простор за сите возрасти, со содржини што ги бара новото време со многузначни временски пораки (простори  за ток-шоу настани, презентации, дебатни културни настани, забавни делови со технологија за виртуелни игри и 3Д-презентации, простори за ученици кои дозволуваат употреба на различни електронски уреди и уште многу други содржини од забавен и од едукативен карактер).

4H5A2714_resize

НЕМА ТЕАТАР КОЈ ГИ ЗАДОВОЛУВА СОВРЕМЕНИТЕ СТАНДАРДИ

Театарската уметност во градот која имаше многу светли периоди во изминатите времиња, за жал стагнира или функционира со половина здив. Градот Скопје нема театар кој ги задоволува современите стандарди. Старо-новиот театар изграден во склоп на проектот „Скопје 2014-та“ не е ни реплика, ни театар кој ги постигна функционалните стандарди кои се очекуваат од современа театарска сцена. Во техничка смисла има доста пропусти што создаваат проблеми, а во естетска смисла манифестира кич и невкус. Објектот на Драмски театар одамна е во распаѓање. Театарот Комедија функционира во руиниран објект за кој се прашувам дали е воопшто безбеден. Детскиот театар исто така функционира во изнудено решение. Морам да спомнам дека не постојат ни помали сцени за алтернативни перформанси по населбите или периферните делови на градот кои може да функционираат и во адаптирани постојни објекти.

4H5A2733_resize

КУЛТУРАТА Е ОСНОВАТА НА ИДЕНТИТЕТОТ НА НАРОДИТЕ

Дури и со реновирана Универзалната сала градот Скопје има потреба од изградба на мултифункционална концертна сала со поголем капацитет. На таков значаен објект од културата му претходи стручна тимска анализа од најрелевантни институции од областа на урбанизмот и архитектурата. За финансиска конструкција и средства треба да се погрижат градската и државна власт. Но за тоа, покрај знаењето на стручната фела, потребна е и политичка волја и менаџерски способности. Јас допрев само дел од состојбите во еден сегмент од културата. Свесна сум за можностите на државата и за состојбите во градот обременет со многу неодложни проблеми за решавање, но  ако зборуваме за културните потреби кои се од витално значење за граѓаните, но и за имиџот на државата, треба да ги обединиме силите и да бараме решенија. Културата е од витално значење исто толку колку и сѐ друго. Еве само еден пример. На светската изложба ЕКСПО 2020, која е платформа за прикажување на најновите светски иновации и најновите технички и технолошки достигнувања, Македонија требаше да се претстави со културата и традицијата на државата и со природните богатства и туристичкиот потенцијал. Република Северна Македонија во својот павилјон изложи традиционални етнички носии, препарирани автентични животни од нашата земја и летоци за туристички дестинации. Според посетителите кои известија од изложбата, прикажаното било далеку под нивото на останатите земји и тешко веројатно дека побудило интерес кај пошироката светска публика. Не се работи за убавината на носиите, туку за начинот како сето тоа било спакувано и прикажано на оваа изложба. Но, колку и да имаме разбирање за финансиските и материјални (не)можности на нашата држава, сигурна сум дека не сме толку инфериорни во однос на она што можеме да му го понудиме на светот. Ние имаме многу вредни нешта кои можеме да ги понудиме, но таа приказна треба да умееме да ја раскажеме на начин кој соодветствува на денешното време, современата технологија, уметничките, културните и естетските мерила. А тоа го можат професионалци и ова е една од многуте причини зошто културата како сегмент треба да се негува и во неа треба да се вложува.

IMG_20220314_124501_resize

Имајќи го сето ова предвид, ако ја погледнеме сликата на нашите клучни културни институции, станува јасно дека сме многу далеку од вистинско и планско вложување во културата и во објектите наменети за неа. Културата е основата на идентитетот на народите, па неминовно се наметнува прашањето каде одиме со ваквата негрижа, незнаење и девастација? Затоа апелирам културата, а со тоа и архитектурата, да престанат да бидат поле за партиски и профитерски препукувања во кое царуваат личните интереси. Наместо тоа да се обидеме да ги направиме поле за натпревар на дострели и постигнувања кои водат напред и во исто време го воздигнуваат богатството на културното и уметничко минато кое го поседуваме. Политичар кој не се вклопува во овој концепт, не го заслужува нашиот глас, ниту пак да управува со нашите пари.

Автор: Душанка ШУЛОВИЌ, дипл. инж. арх.

фото: КИРО ПОПОВ

мк

*Текстот е поддржан од Минситерство за култура на РС Македонија

Испрати коментар

Scroll To Top