Релацијата помеѓу модерната архитектура и социолошките процеси кои се создаваат во урбаното ткиво во периодот по земјотресот од 1963 посочува кон создавање нови контексти и поинакви гледишта врз урбаното. Оваа релација се појавува во контекст на постсоцијалистичкиот град и создава тенденции за урбана трансформација во контекст на глобалните процеси на урбаното реконфигурирање. Урбаната морфологија се јавува како клучен метод кој го отвора ова прашање. Техничко-технолошките процеси од средината на дваесеттиот век се јавуваат како суштествени за процесите кои агресивно ја менуваат градската текстура, а со тоа наметнуваат и прекројување на етаблираните социолошки шеми. Понатаму низ текстот ќе се обидам некои од тие процеси да ги контекстуализирам во склоп на постземјотресно Скопје.
Целата оваа синергија: постсоцијалистички град наспроти агресивните промени во урбаниот контекст по земјотресот, создава своевиден социолошки проблем кој, овој текст се обидува да заклучи, е производ на нова типологија на промени, односно тектонски поместувања во физиолошкиот простор на градот. Притоа се создадоа комплексни морфолошки феномени кои не кореспондираат со локалниот контекст.
Латентни релации од времето на модерната, фрагментарно се провлекуваат во урбаното ткиво:
Архитектонските парадигми од средината на дваесеттиот век кои преку постулатите на CIAM (Congrès Internationaux d’Architecture Moderne) се втемелуваат во текстурата и социологијата на градот (Mumford, 2002), на чело со Ле Корбизије поставуваат нови функционалистички обрасци на градот на иднината. Токму тие парадигми на модерниот град кои започнуваат со урбанистичките експерименти на Сориа И. Мата за Мадрид, социоутопистичките градови-градини на Ебенецер Хауард и Рајмонд Унвин (Steiner et al., 2002), а прогресираат низ технократските теории на Корбизје, Коста, Нимаер, Гидеон, Доксијадис, Миљутин и други, го ставаат градот над сè. Градот одненадеж прерасна во ултимативна социополитичка машина која преку top-down методот на планирање брзопотезно се наметна и суптилно ги разби етаблираните социокултуролошки чинители. Артуро Сориа И. Мата со својот експеримент во вистинско време го претскажа новиот град, градот каде дистанцата не е проблемот туку брзината со која таа дистанца треба да се преброди. Линеарните градови на Мата целосно го редефинираа ткивото на современиот град, брзо и бескомпромисно, не само просторно туку и социолошки. Но токму во тој контекст, Доксијадис ги толкуваше тенденциите на Сориа како експеримент кој се контекстуализира само како сегмент од град или пак на регион, не земајќи ги предвид социолошките импликации кои би настанале од провокација на веќе етаблираното [социолошко] ткиво (Doxiadis, 1967). Она што на почетокот на дваесеттиот век Сориа го постави како социоекономски експеримент и со тоа го започна модернизирањето на Мадрид (иако Доксијадис не го третираше како мастер-план, туку како интервенција во постојна градска текстура) инспирираше ред други негови современици кои ги поставија темелите на линеарниот град на иднината, францускиот архитект Тони Гарние и неговиот концепт за индустрискиот град (Velazquez & Barajas, 2015) или екстензиите за Сталинград (денес Волгоград) на Николај Миљутин (Doxiadis, 1967).
Токму тие чинители се провлекуваат и архитектонски се читаат во реконтекстуализација на новото урбано ткиво на Скопје. Преку тие урбанистички предизвици, линеарните екстензии кои (очекувано) се појавија во мастер-планот на Доксијадис, кој меѓународниот консултативен одбор во 1964 го посочи како главниот двигател на идното планирање на градот на солидарноста, Скопје започна едно сосема ново талкање низ балканска terra incognita.
Новите размислувања за градот на почетокот на дваесеттиот век како концептите на Доксијадис, Мата, Гарние и Корбизије, кои во постиндустриската доба се обидуваа да создадат урбана матрица дизајнирана за брзини од 90 километри на час (Kay, 1997) се преточуваа низ сите урбанистички дискурси во тоа време. Квалитетот на градот прерасна токму во она што Мата го претскажа: во мерна единица за брзината на комуникација помеѓу местата на интерес. Како контрапункт на сето ова, може да го толкуваме австрискиот урбан планер Камило Зите кој уште во 1889 година напишал:
„Мали кривини, искривени улички и неправилности треба да бидат вештачки вклучени во планирање на градот – да се форсира спонтаноста, намерните незгоди во планирањето. Но дали може незгодите на историјата низ столетијата да бидат измислени и конструирани ex-novo во планот? Дали некој и воопшто може вистински да ужива во вештачката природа на нештата и наивноста? Сигурно не!“
Скици за Скопје, Кензо Танге
Уметничките принципи на Камило Зите за создавањето јавен градски простор од крајот на деветнаесеттиот век и афирмирањето на италијанската средновековна плаза, останаа само како ехо на новата планерска утопија (Sitte, 1986). Камило Зите не беше романтичар туку вистински реалист. Во контекст на дивизија на парцелите и катастарот на градот, предложил да се избегне механичката апликација на праволинискиот и рационалниот систем со што би се земале предвид постоечките поделби. Токму она што на Скопје можеби и му недостасува и остана како недоследност при неговото планирање во шеесеттите. Регуларноста и рационализацијата на поделбата на земјиштето беше пред сè базирано на економските фактори на новите планови, но придонесе до уништување на природната естетика на градот. Во исто време, таа внатрешна деструкција на урбаното се манифестира(ше) и врз граѓаните, кои се секојдневни сведоци на тие пуристички и рационални трансформации. Зите бил приемчив на ставот за практичност и рационализација, но исто така бил поборник на ставот за дозволување изненадувања и девијации во контекст на историски оправдани потези. Во пишувањата на Зите доаѓаме до заклучоци кои го поистоветуваат естаблишментот и системот со досада и хибернација. Од тој контекст нарушување на системот би значело стимул, сè додека тоа не е вештачки наметнато и создадено. Градската сценографија треба да е ултимативниот простор во кој човекот, корисникот, се дефинира самиот себе како индивидуа. Богдан Богдановиќ своевремено во едно интервју ќе каже: „Градот е сценографија на која секој граѓанин има право“. Ако ги доведеме во релација принципите на Хаусер за развојот на индивидуалните карактеристики (Hauser, 1982), преку врските кои ги градиме со другите индивидуи, тезата на Зите ја продолжува и надополнува оваа хипотеза со врските кои ги создаваме со нашата непосредна околина. Врските со градот треба да се изградат, но исто така треба да се зачуваат, возобноват и развиваат. Секое пресекување на врските со градот доведува до урбана tabula rasa и игнорирање на особеностите, го остава градот ранлив на секаков тип експерименти кои во некои случаи се успешни, но пак во други погубни.
Hilberseimer’s Descentralized City (1944)
Каде се денес врските со нашата непосредна околина?
Индустриската револуција, која го придвижи функционализмот го доведе градот под знак прашање со неговата трансформација во суперструктура која имаше за цел да воведе ред во органските процеси (оние кои останаа) на Камило Зите и на неговите следбеници. Социолошките импликации кои настанаа од тие трансформации беа предвесник за новото постмодерно време, повторното размислување на процесите кои од функционални имаа тенденција да се вратат на своите органски корени, за кои Џакобс (Jacobs, 2004) и Сасен (Sassen, 1996) беа толку вокални.
Во претходниот век, односно кон крајот на третата урбана револуција која Едвард Соја суптилно ја нарече состојба на колективна свесност за модерната (Soja, 2000), градот се престори во политички полигон и бојно поле на социјалната нееднаквост. Дали може да ја искористиме дефиницијата на Соја за она што навистина се случува денес со урбаноста на Скопје, процес кој може да го следиме уште од парадигмите на модерната и на функционализмот, низ кршење на традиционалните врски, па сè до агресивната политизација на урбаното ткиво?
Градот отсекогаш бил привилегирана фигура на модерното општество, највисока форма на економијата и естетиката. Градот стана неприкосновен модел на економскиот и социјалниот развој, метафора за модерноста, метафизичка реалност. Градот отсекогаш претставувал мит, сказна, преку која го лоцираме нашето битисување во модерниот свет. Во него пронаоѓаме нови божества и нови митови, се спознаваме самите себе си на еден сосема поинаков начин, во заедница, учиме да се огледуваме во другите. Градот од друга страна претставува алегорија на кризата на модерноста толку јасна во речениците на Бодлиар, Бенџамин и Кафка. Гебел во 1998 ќе напише: „Таква симулација на културолошката историја, која Бенџамин ја поистоветува со молчеливото прифаќање на нихилизмот, понижувачките сентименталности и баналности [и воедно] изразуваат просторно-халуцинаторни амбиенти во контекст на самотничкиот живот на буржоазијата“ (Goebel, 1998). Оттука градот не е само трогателeн наратив, апокалиптичeн и полн сo носталгија, градот е место на туѓи и минати истории, јазици како и заборавени ментални мапи кои се преклопуваат и рекомбинираат во поривот да отворат нови хоризонти, да запишат нови ментални мапи.
High rise city project, Hilberseimer (1924)
Урбаната морфологија како метод
Силната урбана морфологија која остава отпечатоци врз историските текстури, од третата урбана револуција па наваму, не е повеќе наивна архитектонско-обликовна ренесансна игра како градот Сфорцинда на Филарет (Антонио Аверлино) и неговиот трактат Trattato d’Architettura (Hub, 2012). Размерот на градот се менува, релацијата човек – град е сосема поинаква, можеби и самата ренесанса со откривањето на перспективата го начна тој еволутивен развој на градската текстура. И токму кога човекот создаде алатки за читање на својата непосредна околина, ја преведе во читлива и препознатлива синтакса, односно во физиолошки простор, доживеа припадност и состојба на непосредност кон градот. Ја создаде релацијата архитектура – град – човек. Методолошки се поврза однесувањето на луѓето со создавањето (и уништувањето) на местото и просторот. Морфолошките пристапи во контекст на преиспитување на социолошките процеси на изградената структура беа токму оној предвесник на кохерентноста на архитектонската мисла. Според Хегел, создавањето игра кардинална улога. Идејата, односно апсолутното го создава светот додека пак природата го создава човекот (Lefebvre, 1991).
Скици за Скопје, Кензо Танге
Ова е лош урбанизам!
Кога го набљудуваме пристапот кон таканаречениот современ град во Македонија се судираме со елементарна објективизација на просторната генеза; Од каде? Како? Дали урбанизмот е продукт, дело создадено од раката на занаетчијата или пак е состојба на умот, метаформа, односно чист филозофски дискурс? Тргнувајќи од тој дуализам во контекст на денешната пост-2014-состојба во која Скопје трага по сопствениот идентитет, политиката агресивно го презема и менува наративот на архитектот филозоф. Овој витрувијанско-онтолошки пристап кон градското ткиво ги пропагира функционално-есенцијалните механизми, наспроти тенденцијата на современите европски градови (Musterd & Ostendorf, 2008) да ја трансформираат архитектурата (и градот) во социолошки и културолошки апарат, односно да создадат град за луѓе (Gehl, 2010), наспроти луѓе за град. Филмот „Име без град“ (Мирковски, 2008), социолошко- урбанистичкиот наратив за реизградбата на Скопје по земјотресот од 1963 година, работен врз текст на македонскиот современ писател и професор Ермис Лафазанофски вели:
„Добро, ама каков град ќе изградиме?“ – се прашале градителите. Додека гледале ту кон исток, ту кон запад, ту кон север, ту југ, ту кон реката Вардар, ту кон планината Водно. Дали низок или пак висок, дали стокмен или растокмен, дали по мерка на луѓето што останаа под скиснатите платна или по мерка на градителите?“
Распарчувањето на традиционалниот град преку тенденциите на глобалните идеологии од средината на дваесеттиот век, силно влијаат врз интелектуалните парадигми и концепти преку кои дотогаш градот бил негуван. Дали градот е по мерка на луѓето е прашањето кое одекнува низ социолошките дискурси, кои градот се обидува да ги наметне. Менувањето на функциите придонесе односно создаде состојби на урбанистички празнини, создаде неместа во социопросторниот пејзаж (Augé, 1995).
Скици за Скопје, Кензо Танге
Но човекот не сака да биде подучуван на есенцијални работи, тоа низ декади предизвикувало револт и незадоволство. Оттаму и архитектурата од функционално просторна артикулација во социолошки контекст се престорува во неуспешна (failed) архитектура. Кој е тој катализатор на промени, кои од функционализмот на CIAM создадоа социјално безредие во втората половина на дваесеттиот век? Како пример може да ги земеме архитектонските достигнувања од педесеттите години на дваесеттиот век: станбениот комплекс Прут Ајгое во Сент Луис, САД како и станбениот комплекс Кабрини Грин во Чикаго.
Во 1972 година Чарлс Џенкс во својот манифест ќе каже:
„Имаме среќа дека може да го определиме точниот датум на смртта на модерната архитектура. Не како смртта на една личност која претставува комплексен однос помеѓу интеракцијата на срцето со мозочните бранови, смртта на модерната архитектура настапи со силен тресок! Фактот останува непроменет иако никој не е виден да тагува или пак не многу луѓе насетија дека тоа се случило. Иако фелата сè уште се обидува да го администрира таканаречениот бакнеж на живот, не значи дека таа чудесно ќе ја воскресне. [Модерната архитектура] конечно исчезна во 1972 [15 јули] по десет години остри критики од страна на Џејн Џакобс.“ (Jencks, 1977).
Чарлс Џенкс, Garden of Waves
Рушењето на овие два мастодонтски станбени комплекси само неколку декади по нивната изградба, поради неуспешноста на социоурбанистичкиот експеримент и иднината на градот, архитектура која во своето време била примена со восхит и врвни награди го истакнува токму она за кое Мартин Хајдегер вели дека домувањето е есенцијална природна човекова активност (Heidegger et al., 1971). Град за човек, не човек за град! А човекот е битие кое навистина тешко се подучува!
Тука се судираме со еден вид просторна трансгресија која со себе носи сплет од други информации и особини, различни од оние на кои сме навикнати и на кои сме адаптирани. Токму таа трансгресија ја гледаме како фактор кон неуспехот на модерната архитектура каде top-down урбанизмот се наметна врз етаблираните социолошки шеми. Грубо и апсурдно. Градот беше (е) дел и носител на социолошката структура, еден без друг тие не може да постојат, тие се неделиви конституенти на една поголема форма на заедништво.
Скопје во 63-та беше разрушен за миг! Беше поставен пред една сосема поинаков tabula rasa процес, празен лист хартија, но преполн очекувања и идеологии за кои градот на солидарноста требаше да биде отворен да ги прими на голема врата. Случувањата во урбаниот дизајн од средината на минатиот век нè потсетуваат и се еден вид ехо на сето она за кое Скопје сведочеше, теоретски, практично, но и урбанио во целост. Се променија повеќе наративи, некои од нив сосема поинакви од мемориите кои беа запишани во текстурите на изграденото. Беа аплицирани ad hoc без притоа да се земат предвид импликациите кои со себе ги носеа. Скопје беше еден вид полигон на современите урбани планери и остави плејада неодговорени прашања за состојбите во кои ние го наследивме.
Скици за Скопје, Кензо Танге
„Модерното буржоаско општество, општество кое создаде гигантска продукција и размена е исто како волшебник кој не може повеќе да ја контролира својата моќ.“ (Marx & Engels, 2018) – ќе напишат Маркс и Енгелс во својот манифест од 1848 година каде агресивно ги препознаваме фаустовските потези на модернизмот повлечени низ браздите на технолошката револуција. Ја отворија пандорината кутија која така суптилно Парк ја начна, а Џакобс ја опеа во своите градски трактати (Jacobs, 1993) (Park, 1915). Не бадијала Џенкс нè предупреди дека со разурнувањето на комплексот Прут Ајгое во 1972 година историјата ја запечати модерната архитектура како завршена, експеримент кој нанесе огромни последици кои текот во последната декада од новиот век, градовите носители на техничко-технолошките процеси како Манчестер и Детроит почнаа едвај да ги залекуваат своите рани.
Најверојатно и Скопје во шеесеттите со метаболистите во преден план, а Доксијадис како двигател ги предвиде политичките наративи кои допрва требаше да бидат дел од контекстуализацијата на новиот балкански наратив.
Како понатаму?
Автор: м-р Иван МИРКОВСКИ
(партнер во архитектонско студио SUPERBLOCK.mk од Скопје)
Фото: приватна архива на Мирковски
ЛИТЕРАТУРА
Augé, M. (1995). Non-Places – Introduction to an Anthropology of Supermodernity. Verso.
Berman, M. (1988). All That ls Solid Melts into Air: The Experience of Modernity.
Birkhamshaw, A. J., & Whitehand, J. W. R. (2012). Conzenian urban morphology and the character areas of planners and residents. Urban Design International, 17(1), 4–17. https://doi.org/10.1057/udi.2011.22
Conzen, M. R. G. (1998). Apropos a sounder philosophical basis for urban morphology. Urban Morphology, 2(2), 113–114.
Corbusier, L. (1987). The City of To-morrow and Its Planning. In Kemampuan Koneksi Matematis (Tinjauan Terhadap Pendekatan Pembelajaran Savi) (Vol. 53, Issue 9). Dover Publications.
Damien Mugavin. (1999). A philosophical Base For Urban Morphology. Urban Morphology, 3(2), 95–99.
Dear, M. J. (1986). Postmodernism and planning. Environment Oncf Planning, 4(1), 367–384. https://doi.org/10.4324/9781315246543-19
Doxiadis, C. A. (1967). On Linear Cities. The Town Planning Review, 38(1), 35–42.
Durkheim, E. (2013). The Rules of Sociological Method and Selected Texts on Sociology and its Method (S. Lukes (ed.); Second Edi). Palgrave Macmillan.
Gehl, J. (2010). Cities for people. Island Press.
Giedion, S. (1959). Space, time and architecture. In Charles Eliot Norton lectures 1938.
Goebel, R. J. (1998). Paris, Capital of Modernity: Kafka and Benjamin. Monatshefte, 90(4), 445–464. https://doi.org/10.1017/S0010417508001114
Hauser, A. (1982). The Sociology of Art. In The Cambridge Handbook of Sociology (Vol. 2). Routledge.
Heidegger, M., Reichert, H. W., & Hofstadter, A. (1971). Poetry, Language, Thought. HarperCollins Publishers Inc.
Howard, J. a. (2014). A Social Cognitive Conception of Social Structure. Social Psychology Quarterly, 57(3), 210–227.
Hub, B. (2012). Founding an ideal city in filarete’s libro architettonico (C. 1460). Intersections, 22(January 2012), 17–57.
Jacobs, J. (1993). The Death and Life of Great American Cities. New York, 71, 458. https://doi.org/10.2307/794509
Jacobs, J. (2004). Dark age ahead. In Public Administration Review (Vol. 66). https://doi.org/EB L JACO
Jencks, C. (1977). The language of post-modern architecture. Rizzoli.
Kay, J. H. (1997). Asphalt Nation – How the Automobile Took Over America and How We Can Take It Back. University of California Press.
Koolhaas, R. (1994). Delirious New York : a retroactive manifesto for Manhattan. The Monacelli Press.
Lefebvre, H. (1991). The Production of Space. Blackwell Publishers.
Lefebvre, H. (2003). The Urban Revolution. University of Minnesota Press.
Lepetit, B. (1996). The city: framework, object, subject. Twenty years of french research in urban history. Archives of the Journal Investigation, 4/1996(city of social sciences), 11–34. https://doi.org/https://doi.org/10.4000/enquete.663
Mach, E. (1976). Knowledge and Error – Sketches on the Psychology of Enquiry. In E. N. Hiebert (Ed.), Knowledge and Error. D. REIDEL PUBLISHING COMPANY. https://doi.org/10.1007/978-94-010-1428-1_7
Marx, K., & Engels, F. (2018). The Communist Manifesto (Y. Varoufakis (ed.)). Vintage.
Mumford, E. (2002). CIAM and the Postwar World, 1939-19. In The CIAM Discourse on Urbanism, 1928-1960. MIT Press.
Musterd, S., & Ostendorf, W. (2008). Integrated urban renewal in the Netherlands: A critical appraisal. Urban Research and Practice, 1(1), 78–92. https://doi.org/10.1080/17535060701795389
Noizet, H. (2009). Fabrique urbaine : a new concept in urban history and morphology (Vol. 13, Issue 1). Urban Morphology. https://halshs.archives-ouvertes.fr/halshs-00419700
Norberg-Schulz, C. (1979). Genius Loci – Towards a phenomenology of architecture. Rizzoli.
Panofsky, I. (1993). Perspective as symbolic form. Zone Books.
Park, R. E. (1915). The Citiy: Suggestions for the Investigation of Human Behavior in the City Environment. The American Journal of Sociology, XX(5), 577–612. https://doi.org/10.2307/2763406
Rapoport, A. (1990). The meaning of the built environment. The University of Arizona Press.
Sassen, S. (1996). Losing control?: Sovereignty in an age of globalization Cited by me. Columbia University Press. /citations?view_op=view_citation&continue=/scholar%3Fhl%3Den%26start%3D160%26as_sdt%3D0,5%26scilib%3D1&citilm=1&citation_for_view=UbJ61ZMAAAAJ:Xl6nMSl579sC&hl=en&oi=p
Sitte, C. (1986). The Birth of Modern City Planning. Rizzoli.
Soja, E. W. (2000). Postmetropolis. Critical Studies of Cities and Regions. 230.
Steiner, F. R., Thompson, G. F., Parsons, K. C., & Schuyler, D. (2002). From Garden City to green City – The Legacy of Ebenezer Howard. The Johns Hopkins University Press. www.press.jhu.edu
Velazquez, M. R., & Barajas, D. (2015). Ludwig Hilberseimer. Radical urbanism. Statewide Agricultural Land Use Baseline, 170–205. https://doi.org/10.1017/CBO9781107415324.004