Фрекфенцијата со која се појавуваат заразни болести, епидемии или пандемии забележува пораст. Ова е констатирано во еден од последните написи објавени од страна на Светскиот економски форум. Во периодот помеѓу 1980 и 2013 година, се случиле 12.012 вакви појави ширум светот, кои опфатиле 44 милиони индивидуални случаи во буквално секоја земја од светот. За ова придонесува глобализацијата, интензивните сообраќајни врски и секако урбанизацијата, односно живеењето во густо населени градови. Сепак, научниците предупредуваат и на силно изразената поврзаност со климатските промени и загубата на биодиверзитетот. Така на пример, во последните две децении, дефорестацијата се поврзува со 31% од појавата на болестите, како што се ебола и зика вирусот. Имено, дефорестацијата ги брка дивите животни од своите природни живеалишта, поблиску до човечката популација, градејќи на тој начин подобри услови за заболувањата кои се пренесуваат од животните на човекот. Во поширока смисла, климатските промени ги забрзале шаблоните на пренесување на инфективните болести. Многу често, под налетот на климатските промени приморани се да се иселуваат ранливи групи сиромашно население, кое е многу подложно на споменатите заболувања (маларија, зика, ебола, респираторни инфекции и сл). Добрата вест е дека за најголем дел од болестите, медицината има одговор, благодарение на пронаоѓањето на соодветни лекови, вакцини, како и напредокот во системите за јавно здравје.
Сепак, клучот на подготвеноста за реакција на една пандемија, се лоцира во подготвеноста од аспект на истражување и развој. Имено, во 2015 година, Светската здравствена организација објави листа на “приоритетни болести“ меѓу кои е наведена и „болест X” (Disease X), како начин на кој ќе го фокусира истражувањето на научниците кон ризикот од пандемии од болести кои во моментот не се пренесуваат од животни на човек. Секако, слабоста на одредени земји во базичната подготвеност, е важна пречка во одговорот на пандемијата. Направен е напредок, особено по епидемијата на ебола во 2014-2016, но повеќето земји сеуште ги немаат минимум меѓународните стандарди за откривање, проценка, репортирање и одговор на акутните закани за јавното здравје.
Сосема е јасно дека по оваа пандемија, ништо повеќе нема да биде исто, а веројатно највеќе ќе се смени односот кон климатските промени и уништувањето на биодиверзитетот. Бидејќи нарушувањето на рамнотежата на секој екосистем, не минува неказнето.