Кризата удри врз стандардот на граѓаните, а производителите на автомобили се соочуваат со сериозен недостиг на компоненти. Многу компании бележат пад на продажбата, дури и во однос на 2020 година. Меѓу нив, Renault е групација која според објавените резултати за третиот квартал, е во минус за 26,3%. Но, Dacia која е дел од француската групација, има продажба во третиот квартал од 138.375 возила, што претставува пад од 11,2%, во однос на истиот период минатата година, но секако тоа е значително помал пад во однос на остатокот од групацијата. Така, во третиот квартал Dacia Sandero бил најпродаван автомобил во Европа, а Duster – најпопуларен SUV, и трет најпопуларен нов приватен автомобил во Европа.
Renault групацијата не се фали со овој резултат, но посочува на неколку фактори што се должат на оваа популарност. Првиот е дека луѓето веќе немаат комплекс од логотипот на својот автомобил. Второ, автомобилот денес се помалку е статусен симбол, туку само превозно средство. Тој треба да биде безбеден, удобен и да ја исполнува својата основна функција. Третата работа е што кога се ќе поскапи, остануваат помалку пари за купување на нов автомобил. Dacia исто така станува поскапа, но и натаму поевтина опција од многу други популарни брендови. Особено кога листите на чекање стануваат се подолги, а трговците не даваат попусти. Dacia има и нов адут во продажбата, кој брзо би можел да се најде меѓу најбараните автомобили во Европа. Станува збор за мултифункционалниот Jogger.