Неискористен подземен простор во Пекинг, претворен е во креативен центар Big family во кој локалните жители на областа Chaoyang може да се релаксираат, но исто така и да се едуцирааат.
Big family е живописен заеднички простор приспособен на потребите и интересите на локалното население. Архитектонската фирма МАТ office во текот на проектирањето на новиот центар работела во постојана соработка со претставници на локалното население. Редизајнот на поранешниот безличен подземен простор трае подолго од шест месеци, вклучувајќи го и времето поминато во дискусии, како и времето што било потребно за процесот на изработка на проектот.
Новиот креативно-образовен простор, на површина од околу 300 квадратни метри, е поделен во четири зони: едукативна зона, простор за дружење и организирање на локалното население, детска зона и простор наменет за најстарите граѓани, пишува Designboom.
За да бидат сите простории функционално поврзани, во самото средиште на Big family се наоѓа мултифункционална сала. Таа може да се користи за различни настани, како забави, предавања, работилници и слични активности.
Салата има транспарентен плафон зад кој е поставено осветлување кое ја има преземено улогата на природна светлина, со цел да се намали чувството на непријатност што може да предизвикаат подземните простори.
Еден од најинтересните детали на центарот е полицата за книги долга 28 метри, која се протега од влезната зона до мултифункционалната сала и на која се наоѓаат околу 6000 публикации од различни области.
Освен што развојот на овој проект е од корист за локалното население, тој придонесе и за професионален развој на архитектите. Архитектите во текот на изработката на проектот биле во интензивна соработка со локалното население, со што можеле да го препознаат значењето на својата улога во општеството и јасно да ја согледаат својата одговорност што ја имаат во општествениот развој.