Во почетокот на 1990-тите, Копенхаген бил на работ на банкрот. Но, веќе во 2008 година е прогласен за најпосакуван град за живот според истражувањето на магазинот Монокл. Титулата за најпосакуван град ја потврди во 2013 и 2014 година и така влезе во историјата како единствен град на кој тоа му успеало три пати. Како овој град за само неколку години станал престолнина на зелена урбана архитектура и дизајн, одржлив развој и чиста енергија?
Со гасењето на производната индустрија во 70-тите и 80-тите години завршила индустриската ера на овој град. До 90-тите, голем број фабрики и воени комплекси биле затворени и преместени во други делови на Данска. Дел од напуштените објекти се урнати за да се растовари центарот на градот и да се ослободи за развој на станбени зони и на тој начин да се привлечат млади семејства од предградието и успешните странски компании. Но, ефектот не бил задоволителен, а градот запаѓал во се подлабока економска криза.
Кон крајот на 90-тите години, градските власти одлучиле да заземат проактивен став. Долгорочната визија и многу ризичниот стратешки план покренале серија приватни и јавни инвестиции во следните 10 години. Планот е базиран на трансформација на воените и индустриските комплекси во резиденцијални квартови со исклучително рестриктивен пристап за автомобилите и извонредна инфраструктура за велосипедисти. Фокусот на развојот на стратешка инфраструктура бил навистина добитна комбинација.
Еден од најзначајните потфати е изградбата на мостот Оресунд кој ги поврзува Данска и Шведска и кој има извонредно сообраќајно значење. Изградбата на метрото, која започнува во 1996 година, и мрежата расте од година во година, со намера секој жител да има достап до метро станица на растојание од 5-10 минути пеш, а крајната цел е до 2025 Копенхаген да стане јаглеродно неутрален град.
Овие и многу други мерки имале повеќекратно дејство и овозможиле подем на економијата, квалитетот на живот и амбиенталниот воздух.