Водечкиот италијански ланец на супермаркети „Coop Italia“, на саемот „Експо 2015“ во Милано, го претстави својот иновативен проект “Future Food District”, односно супермаркетот на иднината. Извесно е дека во иднина наместо со љубезните продавачи, почесто ќе се среќаваме со скенери и монитори. Но, каков е поточно овој концепт?
Просторот е организиран на начин кој на прв поглед изгледа збунувачки, бидејќи производите од различни „категории“ се нудат на едно место. Супермаркетот е всушност инспириран од природниот синџир на производство на храната. Така на пример, покрај свежите домати се наоѓаат конзерви со доматен сос, а покрај свежото грозје се наредени шишињата со вино. Супермаркетот на иднината има роботи кои помагаат во пакувањето на производите, а една од главните цели е поттикнување на интеракцијата: нема високи сталажи, па потрошувачите имаат визуелен контакт и можат непосредно да комуницираат. Идејата е да се создаде атмосфера како на класичните пазари.
Има голем број инсталирани монитори, кои наизменично се вклучуваат при движењето на потрошувачот, и кои на купувачите ќе им даваат информации за потеклото, хранливите вредности па дури и јаглеродниот отпечаток на секој производ. Купувачите , можат да користат посебна апликација преку која ќе ги наведат своите прехрамбени навики и вкусови, и на тој начин секогаш ќе добиваат препораки и сугестии при купувањето.
Најважниот недостаток на овој концепт е неговата цена. Во изградба на ваков супермаркет треба да се вложи цело богатство, поточно 15 милиони евра.