Американското дизајнерско студио Oiio неодамна го претстави проектот на облакодер на Менхетен, кој за разлика од другите, ќе се истакнува со својата должина, уникатниот дизајн и архитектура.
Дизајнерите од студиото одлучиле да одат против актуелните трендови на градење облакодери какви што се популарни во Њујорк, и во други светски метрополи. Кога станува збор за оваа област, императивите на градењето се многу јасни. Ако сакате скапо да го наплатите квадратниот метар и да постигнете да се зборува за вашиот проект, треба да се направи што повисока зграда, која ќе се истакнува.
Но, овие млади дизајнери размислувале поинаку, а резултатот од неколку месеци работа е наречен The Big Bend. Тоа е облакодер штo, наместо во висина, ќе се концентрира во должина и дизајн. Овој облакодер ќе биде во облик на буквата U, а ќе биде долг нешто повеќе од еден километар. Самиот дизајн и архитектура се многу импресивни, а просторот ќе биде максимално функционален и искористен до крај. Архитектите сега се во процес на добивање на градежни дозволи.