Цивилната верзија на претседателската лимузина на Владимир Путин стигна во производството на Аурус, производен погон во Русија и наскоро ќе се најде на улиците, каде што ќе биде совршен ривал за Ролс Ројс и Бентли…
Новиот руски луксузен бренд кој го предводи „Государственного автомобильного и автомоторного научного центра“ познат како НАМИ основан е во 2013 година по инструкции на претседателот Путин, за да се промовира локализација и намалување на потпирањето на западните брендови. Аурус во текот на 2019 година претстави два луксизни седана на саемот за автомобили во Женева, Geneva Motor Show, наречени Senat S600 и Senat Limousine L700. Возилата се изведени директно од претседателската лимузина на Путин, која дебитираше за време на неговата инаугурација во 2018 година.
И двата модели се конструирани на Унифицираната модуларна платформа која заедно ја развија Аурус и НАМИ. Senat Limousin го движи 4,4-литарски V8 мотор, развиен од НАМИ во соработка со Porsche. V8 добива помош и во форма на електричен мотор, и заедно исфрлаат 590 коњски сили. Моторот е спарен со деветстепен менувач, кој ја насочува силата кон сите четири тркала. Компанијата тврди дека овој модел може да забрза од нула до сто километри на час за помалку од шест секунди, а ако тоа ви изгледа бавно, знајте дека Аурус планира да додаде 6,6-литарска V12 опција со 848 коњски сили како дел од понудата.
Кога станува збор за дизајнот, близнаците Аурус Сенат неодоливо потсетуваат на модерните модели на Ролс Ројс. Масивната предна решетка со хромирани завршни детали, дизајнот и положбата на предните светла, на прв поглед наведуваат на помисла на Ролс Ројс. Импресивен е и ентериерот на кабината.
Седиштата може да се навалат под агол од четириесет и пет степени и се опремени со дизајнерски перници. Покрај тоа, во внатрешноста на кабината има вграден фрижидер со брендирани кристални чаши Аурус и модуларни маси со кожни детали. Според Ројтерс, оваа година компанијата ќе конструира 200-300 автомобили, а моделите на Сенат ќе бидат достапни за купување со почетна цена од 18 милиони рубли, или 245 000 американски долари.