Од неделата (5-ти февруари), и ЕУ веќе не купува нафтени деривати од Русија, како што тоа веќе го прават САД и Велика Британија. Се проценува дека тоа ќе ја чини Москва околу 160 милиони евра дневно, но сите се свесни дека Русија ќе најде алтернативни патишта преку кои истата нафта ќе заврши во ЕУ. Цената на дизелот веќе долго време е висока, а сега многу работи зависат од тоа дали ЕУ ќе најде алтернатива, и колку брзо Русија ќе обезбеди нов пазар. Во таа насока, не е исклучено цената уште повеќе да расте. Од друга страна, процесот ан преработка на нафтата во ЕУ е значително поскап отколку во Русија.
До почетокот на војната во украина, ЕУ речиси половина од количината на дизел гориво ја увезувала од Русија. Тој удел во последните 12 месеци се намалил, но сепак количините се сериозни, па со оваа одлука за прекин на увозот од Русија се појавува голем недостаток. Веќе од поодамна ЕУ започна да набавува деривати од други извори – Блиски исток, Азија, САД, но овие извори се веќе оптоварени. Индиректниот увоз во голема мера е т.н washing (перење, односно сокривање на вистинското потекло). За таа цел се користат рафинерии на нафта во Индија, Кина и други земји.