Италијанскиот град Милано во минатото својата посветеност во борбата со климатските промени ја изрази со планот за садење на 3 милиони стебла до 2030 година, а денес го зголемува својот влог. Имено, властите го претставија најамбициозниот план во Европа за трансформација на градските улици во патеки за велосипедисти и пешаци. Милано и регионот Ломбардија спаѓаат меѓу најзагадените подрачја на континентот, а несомнено се и меѓу најпогодените со актуелната здравствена криза. Движењето со автомобили во овој урбан центар во текот на карантинот забележува пад од 30 до 75%. Заедно со падот во економските активности, намалениот сообраќај допринесе за подобрување на квалитетот на воздухот. Со цел да се задржи тој тренд, градските власти најавија трансформација на 35 км од постоечките градски сообраќајници во зони за велосипеди и пешаци.
Планот вклучува изградба на привремени нискобуџетни велосипедски патеки, нови и проширени тротоари и ограничување на брзината до 30km/h. Почетокот на реализацијата е планирана за мај, а се очекува во целост да биде завршена до крајот на летото.