Низ целиот свет, здравството се соочува со најголемиот предизвик на векот. Како COVID-19 го стега обрачот врз човештвото, болниците се борат да одговорат. Слушаме сериозни предупредувања за десетици милиони инфицирани, за милиони се бараат кревети на интензивна нега и стотици илјади луѓе се натпреваруваат за ограничен број на респиратори. Болниците бараат начини да ги процесираат пациентите, чувајќи го персоналот и другите пациенти безбедни. Предвидувањата навистина нè освестуваат. Разбирливо. Стравот го прегази светот. Во време кога многумина се навикнати на свет во кој има сè, соочени сме со горчливиот факт дека можеби немаме доволно од тоа што ни треба, без разлика дали тоа се респиратори, маски N-95, ракавици, па дури и тоалетна хартија (иако ова последното е малку и претерано).
Мобилна болница, Скопје
Како планер на здравствени објекти, ја гледам оваа претстава на пандемијата со фасцинација и фрустрација. Како архитект, читам за професионалци-проектанти, кои дискутираат за тоа како можеме да прилагодиме некој простор во ова кризно време. Јасно е едно: дека просторот нема да ги реши нашите предизвици со COVID-19, тој е дел од решението, но не и решението. Треба да се размислува пошироко. Просторот споредбено со другите ресурси во ограничени количини. На пример: ограничениот број на здравствени работници. Колку простор и да имаме, малку ќе направиме ако немаме персонал. Мерката на Министерството за здравство за инволвирањето на матичните лекари во процесот на тестирање со COVID-19 е важен чекор во оваа насока. Проблемот со справувањето со корона вирусот е поширок отколку само обезбедување болнички кревет повеќе. Патот не е лесен и не личи дека ќе биде брз. И секако, не сите одлуки ќе бидат исправни. Засега, се чини дека нашите здравствени власти имаат добро осмислена стратегија.
Недостигот од кревети произведе голем притисок во здравствените системи ширум светот. Во очајна потрага по кревет повеќе, се развиваат нови концепти за одговор на кризите во јавното здравство.
ЗГРИЖУВАЧКИ БОЛНИЦИ – ФАНГЧАНГ
Во Вухан, на почетокот на годинава, веќе немаше слободен кревет за третман на пациенти со COVID-19. Кина имаше потреба од нов пристап во контролата на епидемијата. Самоизолацијата не можеше да се контролира докрај и произведуваше нови и нови случаи, особено од кластерите на семејствата на пациентите.
Како одговор на ова барање беа развиени и користени привремени згрижувачки болници, наречени Фангчанг. Терминот Фангчанг, кој звучи слично на Ноевата арка на кинески, беше позајмен од воените теренски болници, но се однесува на нов концепт: големи, привремени болници изградени со конвертирање јавни објекти во здравствени установи за изолирање пациенти со благи до умерени симптоми.
привремени згрижувачки болници, Фангчанг
Болниците беа изведени на постоечки изложбени центри, стадиони, со инсталирање кревети во засолнет, покриен простор и со формирање на три зони: контаминирана, каде се сместени пациентите, получиста, каде персоналот се пресоблекува во заштитна опрема и чиста зона, каде се примаат материјалите. Овие зони се важни за спречување на болничките инфекции.
Се формираат и два ходници за изолација: еден за пациенти и друг за персоналот. За обезбедување на приватност се поставени прегради за одвојување на болничките кревети и на тој начин, практички, се оформени болнички одделенија.
Со илјадници нови инфекции дневно, градот отвори три нови Фангчанг болници на 5 февруари 2020 година и во следните недели уште 13.
привремени болници, Фангчанг
Фангчанг болниците имаат три карактеристики: прво, брзо се изведуваат (за 29 часа/4000 кревети, вклучувајќи го и ентериерното преуредување на просторите, набавка и инсталација на кревети, медицинска опрема и инструменти за нега, мониторинг и живот во затворено), второ, од голем обем се (16-те болници во Кина беа изведени за три недели и имаа 13.000 кревети, а до 10. март беше обезбедена нега за околу 12.000 пациенти) и трето, евтини се.
Овие прифатни привремени болници обезбедија пет функции: изолација, тријажа, основна медицинска нега (вклучувајќи антивирална, антипиретичка и антибиотска терапија, кислородна поддршка и интравенозна апликација на течности и многу важно – советување за менталното здравје на пациентите), чест мониторинг (следење на болеста со чести прегледи и брза реакција за трансфер во клиничка болница по потреба) и есенцијални животни и социјални активности.
привремени болници, Фангчанг
Со ширењето на пандемијата на глобално ниво, и други држави се соочуваат со недостиг на кревети со брзиот раст на бројот на пациенти заразени со КОВИД 19. На пример, во Италија, во Ломбардија, во март, повеќе од 80 % од болничките кревети беа окупирани со пациенти со COVID-19. Фангчанг прифатните болници беа изведени во Италија и Србија. Во Иран, САД, Велика Британија и Шпанија се имплементираат слични мерки. Најверојатно и во многу други земји, вклучувајќи ја територијата под Сахара и Азија, ќе имаат потреба да применат слични мерки, како за ефективна изолација, така и за нега на голем број на луѓе, кои ќе чувствуваат лесни до средни симптоми на COVID-19.
привремени згрижувачки болници, Фангчанг
НЕКОИ АМЕРИКАНСКИ ИСКУСТВА
Интересен феномен покажува американското здравство. Според податоците на Американското болничко здружение, во земјата има 924.000 болнички кревети покриени со персонал, а повеќе од две третини од нив обично се зафатени. И додека вкупниот број на дополнителни болници, потребни во време на оваа растечка пандемија, варира од ден на ден, единствениот заклучок е дека е потребна невозможна количина од повеќе кревети. За да се надополни бројот, подигнати се или се во процес на подигнување, привремени болници на некои неверојатни места.
Повеќенаменски центри – Зафаќајки неограничени и лесно прилагодливи површини, големи пристапни рампи за внесување и изнесување голем волумен на опрема, системи за вентилација со голема моќност, конгресните и саемските центри се некако природни места за подигање привремени болници. Центарот Jacob K. Javits на Менхетен, беше првиот кој се подложи на трансформација во болница со капацитет од скоро 3.000 кревети.
Паркинг гаражи – Во една голема медицинска установа, Универзитетскиот медицински центар „Вандербилт“ во Нешвил, креветите се преместуваат во паркинг-гаражата, за да се лекуваат потенцијално заразените од корона вирусот, на безбедна оддалеченост од други пациенти. А, пак, хотелот во непосредна близина нуди бесплатно место за престој за време на пандемијата за медицинските работници.
Флешинг Медоус, Квинс, Њујорк
Спортски терени/стадиони – Првично и сè уште во голема мера користени како воени, теренските болници го добиваат своето име од нивната стратешка локација на широко отворени простори во близина на местата на масовни повреди и жртви, како што се боиштата. Денес, во 21. век, теренските болници се подигнуваат за друг вид на боишта, на спортските терени. Century Link Field, стадионот на Seattle Seahawks, Армијата го претвори во голем центар за привремен третман, посветен на лекување на пациенти со заболувања кои не се поврзани со коронавирусот, така што креветите во преполните болници во областа Сиетл се ослободени за оние кои страдаат од смртоносната респираторна болест.
На друго место, во тешко погодениот Западен Вашингтон, друга теренска болница со 200 кревети ќе биде подигната на фудбалско игралиште на тревници во Shoreline, Сиетл.
Дел од познатиот тениски центар Billie Jean King National Tennis Center во Флешинг Медоус, Квинс, домот на US Open во подобри времиња, исто така ќе биде трансформиран во помошен медицински центар од 350 кревети, од кои 20 за интензивна нега.
Флешинг Медоус, Квинс, Њујорк
Напуштени здравствени објекти – Многу болници, кои никогаш не биле крајно отпишани, се враќаат во живот. Голем број на медицински установи, неодамна затворени, веќе се отвораат за да се смести напливот на пациенти со COVID-19 или пациенти кои имаат потреба од други видови итна помош. Така, затворената болница Sherman во Елгин, Илиноис, каде е снимен филмот „Зараза“, ќе биде повторно отворена за лекување на пациенти со корона вирус.
Sherman во Елгин, Илиноис
Студентски домови – Бидејќи студентите се ослободени од часови, ненадејно се отвори огромна количина на достапни недвижности. Универзитетот во Њујорк стави на располагање некои од сега испразнетите домови, за цели поврзани со третманот на COVID-19 доколку е потребно.
Паркови – Во Њујорк може да се видат многу чудни, понекогаш и вознемирувачки глетки. Но никој од нив не сведочи за подигнување на центар за респираторна заштита во шатори во самиот двор на Њујорк. Таканаречениот „објект“, кој ќе има капацитет од 68 болнички кревети, а исто така вклучува и on-site мртовечница, беше подигнат пред три недели на East Meadow во Централ Парк, заради обезбедување грижа за сериозно болни пациенти со COVID-19.
East Meadow во Централ Парк, Њујорк
Саемски хали – Обично, користени со полн капацитет само неколку недели во годината, саемите изобилуваат со простор со потребната инфраструктура: електрична енергија, вода, разни објекти, паркинзи со големина на мал град – и сè тоа веќе на место. Саемите во округот Санта Клара во Сан Хозе, Калифорнија, привремено ќе ги сместат членовите на семејствата на високоранливото бездомно население за време на пандемијата. Во Флорида, каде што вирусот е на работ на експлодирање во одредени области, објект од 250 кревети е веќе во изградба на Саемот во Мајами. Во неколку држави, саемите и нивните паркинзи веќе се користат и како места за тестирање за корона вирус.
Хотели и мотели – Хотелите и мотелите се можеби најразновидните, а сега и како резултат на ниската стапка на зафатеност поради вирусот, најлесно достапни места за употреба за време на пандемија. Обезбедуваат приватност, одредено ниво на удобност и изолација, може да се искористат и за лекување на некритични пациенти, кои закрепнуваат од болести поврзани со COVID-19, пациенти во карантин, високоризични здравствени работници од првите редови и да обезбедат привремено засолниште на ранливите популации. Официјалните лица во разни градови, Њујорк, Чикаго, Сиетл, Њу Орлеанс и Оукланд, Калифорнија, изнајмиле стотици, па дури и илјадници, хотелски и мотелски простории, кои ќе се користат во различен капацитет во наредните недели, а Армијата работи на претворање на повеќето од нив во целосно функционални привремени медицински установи.
КЛИНИКАТА ЗА ИНФЕКТИВНИ БОЛЕСТИ ВО СКОПЈЕ
Поголемиот број на здравствени установи низ светот не се проектирани да се справат со глобална пандемија како COVID-19. Дури и ретко може да се најдат посебни објекти наменети за третирање на инфективни болести. Во земјите на поранешна Југославија, за среќа, сè уште функционираат инфективни клиники или посебни инфективни одделенија во рамките на болниците.
Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, Скопје
Кај нас, се издвојува Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Лоцирана е во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, како засебен објект, со адекватен пристап за пациентите. Се развива на четири ката, на површина од околу 6.500 квадратни метри. Болничкиот дел располага со 65 болнички соби, со капацитет од 129 болнички кревети. Сите соби имаат природна светлина и се опремени со посебна бања. Единицата за интензивна нега е сместена на првиот кат, во три тракта и располага со 6+12+10 кревети, сместени во посебни боксови, со цел намалување на ризикот за интрахоспитално ширење на инфекции, како и две простории со негативен притисок за лекување на болни од висококонтагиозни болести. Овозможува 24-часовно мониторирање и лекување на критично болни пациенти со различни инфективни болести, како и пациенти на респираторни машини. Останатите катови се стационари. Организацијата на функцијата е согласно движењето на интензитетот на болеста. Денес, целата клиника е во функција на третман на заболените со COVID-19.
Три четвртини од Инфективната клиника е веќе пополнета со пациенти со корона вирус. Со цел да се намали недостигот на кревети во случај на рапидно зголемување на бројот на пациенти од оној предвидениот (кој, за жал, е само проценка), до Инфективната клиника се постави армиска мобилна болница. Најтешките болни ќе бидат сместени на клиниката, а болните со полесна клиничка слика би биле сместени во оваа мобилна болница. Се работи за формација од 19 шатори, со целосен систем на греење и ладење, вентилација, струја и изолација од надворешни влијанија. Еден шатор претставува една болничка соба. Проценките се дека зависно од поставеноста на леглата, овде би можело да се примат до 130 пациенти. Колку пациенти ќе се хоспитализираат во една соба, каква опрема ќе се донесе и како луѓето ќе се третираат, ќе зависи од проценките на здравствените власти. Локацијата е избрана стратешки, бидејќи на само неколку метри од шаторите е Клиниката за инфективни болести. Близината е предност, иако уште попрактично би било ако се обезбеди т.н. сув ходник преку кој бетонската градба би се поврзала со шаторите. „Но, и со и без спојување, доволна е близината за да може да се комуницира интензивно“- вели Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести.
Мобилна болница, Скопје
КАКО COVID-19 ЌЕ ДЕЛУВА НА АРХИТЕКТУРАТА?
Јасно е дека влијанието на COVID-19 врз градежната индустрија ќе биде далекусежно. Oнлајн учењето, работењето од дома и потребата од ургентни медицински установи, може засекогаш да го променат начинот на кој се проектирани и користени разни простори – се појави нов акцент на служење на заедницата, без оглед на примарната функција.
Овие промени тераат на размислување, на пример: како студентските домови може да служат за поголемо добро, сега и во иднина? Надвор од очигледното броење на кревети, што е тоа што ги прави перфектно погодни за промена на намената во време на криза?
Усогласеноста помеѓу спалните соби и нивната привремена употреба на здравствена заштита е речиси природна. Спалните соби, двокреветни или единични се најпогодни за оваа намена, затоа што тие обезбедуваат раздвојување за пациенти со различни здравствени проблеми. Во случаи на заразна болест, ова разделување е особено важно.
Една од клучните болнички функции што недостасува во студентските домови е станицата за персонал за секое крило на зградата. Но, со WiFi со голема брзина во секоја модерна студентска соба, разумно е да се очекува дека станицата за персонал може да се постави во студентска соба или заедничка просторија, релативно лесно, со сите потребни телеметриски уреди.
Ако се фокусираме конкретно на тоа дека студентските соби може да ги задоволат потребните за привремени здравствени услуги во иднина, може да се разгледуваат извесни промени при проектирањето и изведбата: пошироки отвори на вратите (за внесување кревети/стречери); потенцијалната локација на флексибилни простори кои може да се претворат во станици за персонал, со физички и визуелен пристап до сите простории на секој кат; избор на мебел подложен на стерилизација (метал, пластика); обезбедување јасни правци за витални функции, како што се испорака на храна, отстранување на ѓубрето и опасен биоотпад.
Во сегашната состојба, доколку е потребно, фактот дека овие објекти се слободни и се достапни за употреба за време на оваа криза е придобивка за заедницата.
Не е реално очекувањето да се исполнат сите потреби во еден објект, но може да се потрудиме да создадеме решенија кои се отпорни на природни катастрофи, инклузивни во самиот проект, и може да послужат како „безбедна резерва“ по потреба.
Верувам дека низ цел свет пандемијата ќе влијае на начинот на кој ние проектираме. Сè уште во голема мера влијанието е непознато, но можеме да претпоставиме дека на пр. универзитетите можеби сметаат дека нивните објекти треба да бидат пофлексибилни и прилагодливи во случај на вонредни состојби. Како резултат би можеле високообразовните институции и Министерството за образование да размислат како се проектираат нивните капитални објекти, па ќе треба да се здружат со давателите на здравствени услуги, за да вклучат елементи, корисни за пошироката заедница во време на криза.
Коронавирусот најверојатно ќе има уште една жртва – канцелариите од отворен тип или open-plan работни простории. 51 % од вработените во Европа работат во канцеларии од отворен тип, а дури 70 % во САД. COVID-19 направи целосно свртување кон „отворениот план“. Кога ќе се вратиме назад на работа, дали ќе се криеме во рамењата кога колегата во соседната кабина ќе кивне? Дали канцелариите со отворен план ќе помогнат во ширењето на корона вирусот? Дали просторите од отворен тип се мртви?
Во овој период, многу од вработените работат од дома, а некои се организирани по принципот 50/50, односно турнуси на недела дена на половина вработени, со цел намалување на бројот на лица во просторот. Во одреден момент, деловните згради ќе се вратат во живот и работниците ќе бидат соочени со тежок избор, не само на работните места, туку и во заедничките простории, кои ги има и кај традиционалните канцеларии и во отворените канцеларии. Кога работниците ќе се вратат во своите канцеларии, тие најверојатно ќе се најдат во вознемирувачка нова територија, обидувајќи се да одржат социјална дистанца и да се ослободат од микроби во густо спакувани работни места, што ги ставаат блиску едни со други и што би можело да придонесе за ширење на вирусот.
„Кафетеријата е одлично место за озборувања и размена на микроби“ вели Чарлс Герба, микробиолог од Универзитетот во Аризона. „Ние споделуваме повеќе површини со луѓето денес отколку во кое било време во историјата. Ние сме навистина генерација на допири“.
Се чини навистина ќе треба да го промениме нашето однесување на работа. Наместо стоење рамо до рамо со колегата кај кафематот, ќе треба да расмислиме за одржување на прописна физичка дистанца. Состаноците кои претходно се одржуваа во просторија за 20 лица, ќе треба да се одржуваат во поголеми простории. Сè повеќе ќе треба да се поддржува употребата на антибактериски материјали кои го спречуваат ширењето на микробите. Кадифен мебел? Можеби изгледа одлично во просторија, но не е ли тоа место за одгледување на COVID-19 или на следниот вирус?
Верувам дека архитектурата и здравјето се неразделно поврзани, и дека во иднина луѓето уште повеќе ќе ја ценат оваа врска.
Искуството со Фангчанг болниците за време на појавата на корона вирусот во Кина, укажува на тоа дека тие би можеле да бидат многу користени и во идни вонредни состојби во јавното здравство, особено во други епидемии, но и во текот на други непогоди кои вклучуваат болест или повреди од голем или брзорастечки обем, како што се масовни труења или природни катастрофи. Идните проекти и изградбата на големи јавни објекти (стадиони, конгресни или изложбени центри, гимназии, фабрики и магацини) треба да интегрираат карактеристики што го олеснуваат претворањето на овие инфраструктури во (Фанчанг) прифатни привремени болници, како што е опремата во ентериерот, која може брзо да се отстрани, влезови/врати кои се доволно големи за болнички кревети и системи за вентилација, кои го намалуваат ризикот од крос-контаминација. Прифаќајќи го концептот на Фангчанг привремените болници, многу земји и заедници ширум светот би можеле да го зајакнат нивниот одговор на тековната пандемија, како и на идни епидемии и катастрофи.
Со опаѓање на пандемијата, болниците ќе имаат шанса да ги проценат успесите и можностите за подобрување и да ги вградат во своите идни планови мерките за одговор при итни случаи, кои темелно ќе ги подготват за да може да дадат брз одговор на следниот критичен настан.
А ние, како проектанти, имаме можност да го преиспитаме проектирањето на здравствените установи, и можеби најважно, да размислуваме за проектирање објекти, кои ќе овозможат поголема и побрза флексибилност во користењето на просторот.
На крајот, болниците треба да им служат на луѓето во добри и во лоши денови, во типични ситуации и за време на најлоши сценарија. Болниците мора да функционираат за повеќекратна употреба и да можат да реагираат на различни околности.
Импресионирана сум од начинот на кој нашите здравствени установи досега успеваат да се справат со COVID-19. Се вели дека „неопходноста е мајка на сите изуми“. Се надевам дека новите идеи и практики кои ќе се изродат од оваа тековна криза, ќе информираат позитивно како да ги планираме и проектираме нашите здравствени установи во иднина.
Во меѓувреме: Држете растојание и мијте раце!
Автор: Невена ГЕОРГИЕВСКА, дипл. инж. арх.