Во моментов Венеција е под вода, а вакви поплави не се случила во последните 50. години.
Многубројните фотографии и снимки од поплавените улици на Венеција, како и внатрешноста на објектите со денови се шират по социјалните мрежи. Прочуениот плоштад Свети Марко исто така е под вода, која се заканува дека штетите во овој град ќе бидат непоправливи.
Венеција со поплави се бори уште од 5. век, но нивната зачестеност сугерира на климатски промени и се поставува прашањето колку градовите кои се на брег се загрозени во времето кое следува.
Познатиот град на вода низ историјата е навикнат на периодични поплави, кои преку локалниот фолклор се опишани како „acqua alta“,односно „висока вода“. И покрај тоа што за градот е вообичаено да се поплавува на одредени делови, интензитетот на поплави е зголемен во полседните децении. Па така плоштадот Свети Марко бил поплавен шест пати во последните 1.200 години, од кои три поплави се случиле во последните 20 години.
Постојат неколку фактори поради кои Венеција е склона на поплави. Како што пишува Ројтерс, еден е секако опкруженоста на градот со море, чие ниво поради климатските промени се менува и во последниот век е проценето на 20 сантиметри. Додека од една страна расте нивото на морето, градот тоне во просек за еден милиметар годишно поради мекото тло на кое е изграден. Тлото на кое е поставен градот во последните децении дополнително е загрозено со црпење на резервите на подземни води за пиење и индустриска употреба се до 70-тите години на минатиот век.
Исто така и географската положба на Венеција придонесува за поплави. Сместена на работ на Јадранското море, Млетачките острови во тек на целата година се подложни на смена на плима и осека за дури 50 сантиметри. Системот на брани познат како „barene“ ја штител внатрешноста на островот уште од 12. век, додека венецијанците го менувале и текот на реките за да го чуваат градот, пишува ArchDaily.
Кога во 60-тите години на минатиот век отпочнале ископувањата на каналот Петроли, за да се дозволи пристап на танкери за нафта до пристаниште во близина на Венеција, проблемот значително се зголемил. Имено, вековната заштите била загрозена, лагуната е срушена и како резултат на ова овозможен е продор на ветерот Scirocco, кој носи дополнителна вода, која во комбинација со плимата предизвикува сериозни поплави. Променливиот став на жителите на Венеција кон нивното изградено опкружување исто така придонел за проблемот. Во текот на изминатите векови, нови градби се ѕидани на темели и столбови на стари објекти. Во неодамнешно интервју дадено за магазинот Rolling Stone, венецијанскиот експерт за реставрација Pierpaolo Campostrini, опишал како постоело мислење дека ризикот од поплави може да се избегне доклоку се жртвуваат градби од 13. и 15. век. „Луѓето не беа сентиментални кон минатото. Не се грижеа за зачувување на старите згради, а градот непрекинато растеше. Секако дека така веќе не може. Сега постојат ограничувања. Не сакам да ја изгубиме преубавата ренесансна архитектура. Да ја срушиме и надградиме не е опција. Мораме да изнајдеме друг начин да го спасиме градот“.
Последната поплава, која зафати дури 85 отсто од градот, обрна сериозно внимание на изнаоѓање решение за спас на градот. Како најочигледно решение се поставува проектот MOSE, кој е всушност систем од 78 олујни брани чија изградба е започната во 2003 година. Четири огромни брани на влезот во Lido, Malamocco и Chioggia би требало да ја затворат лагуната во период од 15 минути и ја заштитат од прилив на вода. Сепак проектот вреден повеќе милијарди евра наиде на пречекорување на планираниот буџет, како и на корупциски афери и пробивање на роковите. Доколку и дојде до потполна реализација на проектот, се поставува прашањето, колку ќе биде навистина ефикасен, имајќи во предвид дека потребата од затварање на лагуната е речиси секојдневна, а тоа би довоело и до загадување на водата и промена на текот на канализацијата.
Може ли со сила да се бори против природата? Долгорочен пристап би требало да се најде во соработка со природата. Градот би требало да побара инспирација и во други региони, како холандските методи на управување со водата, каде предност се дава на системот „да се живее со водата“.
Сепак, Венеција има и нестабилна политичка ситуација која и се заканува скоро како и климатските промени. Затоа градските власти мораат да превземат хитни промени кои во иднина ќе се развиваат низ симбиозата на градот и лагуната, земјата и водата и изграденото и природното.