За да се избегнат несреќи во бањите, неопходно е да се применат различни мерки при проектирање на оваа просторија.
Иако, се разбира, никој не е имун на лизгање на влажни плочки, бањите можат да бидат особено опасни за постарите лица. За да им се обезбедат покомфорни услови за живот, опкружувањето мора да се прилагоди на физичките можности на корисниците.
Многу е важно да се земе предвид пристапот до бањата на повозрасните луѓе и луѓето со инвалидска количка. Покрај тоа, има уште неколку елементи кои архитектите треба да ги имаат на ум.
Едноставен пристап до бањата
Првата грижа треба да биде како да се обезбеди безбеден и непречен пристап до бањата. Неопходно е да се обезбеди чист и лесен премин без непотребни предмети, како што се килими и чевли на подот, за да се избегне можното сопнување или лизгање. Исто така, таквите предмети може да го попречат движењето на инвалидските колички.
Ноќно осветлување
Важно е да се има на ум дека осветлувањето е важен фактор, бидејќи постарите лица често ја посетуваат бањата навечер. Добро поставените прекинувачи се од витално значење. Ноќното осветлување во форма на ЛЕД лента околу огледалото е одлично решение.
Врати кои лесно се отвораат
Вратата од бањата треба лесно да се отвора, а нејзината чиста ширина треба да е најмалку 80 сантиметри. Кваките во форма на лост се претпочитаат во однос на кружните. Добредојдени се и врати без рачки и можности за отворање со лизгање, за да се олесни пристапот во итни случаи.
Подови
Поради постојаното користење на сапун и вода, вообичаено е подовите во бањата да бидат лизгави. Затоа е неопходно подовите во бањите што ги користат постарите лица да бидат од материјали што не се лизгаат. При изборот на керамика, проверете дали има ознака против лизгање R9 или подобра.
Исто така, се препорачува да се применува контраст во колоритот или дезенот помеѓу плочките и санитарната опрема, со цел да се избегне забуна кај луѓето кои имаат проблеми со видот.
Несоодветните простирки често може да бидат главната причина за паѓање, а тие треба да се гумирани во делот што е во контакт со подот, за да се избегне лизгање.
Повисока WC школка
Поради намалувањето на мускулниот тонус кај постарите лица, тоалетните школки поставени на поголема висина може да им го олеснат спуштањето и подигањето, па затоа се препорачува минимална висина од 46 сантиметри. Се разбира, тоалетната школка мора да биде безбедно прицврстена на подот или ѕидот.
Помошни рачки кои се добро монтирани
Овие помошни елементи можат да бидат исклучително важни за постарите лица, при користење на тоалетна школка, како и при влегување и излегување од туш кабината. Цврсто поставените држачи обично се направени од алуминиум или нерѓосувачки челик, на висина од 110 до 130 сантиметри од подот.
Доколку се работи за бања со поголеми димензии, се препорачува поставување на помошни рачки на слободните ѕидови кои се наоѓаат помеѓу стратешките точки во бањата.
Без комплицирани чешми
Како и кај вратите, овие елементи треба да бидат што е можно поедноставни за употреба. Доколку е финансиски возможно, пожелно е да се вградат чешми со сензори.
Када не, туш кабини да!
Се препорачува да се избегнуваат кади поради тешкотиите при влез и излез, а туш кабините треба да имаат најниска можна висина на коритото. Туш кабината треба да биде широка најмалку 80 сантиметри, но се препорачува да се обезбеди простор и за друго лице, доколку корисникот на бањата се најде во ситуација да има потреба од неговател.
Друг дополнителен елемент во овој дел од бањата, кој може да биде исклучително корисен, е конзолен дел за седење, на висина од 46 сантиметри. И секако треба да се избегнуваат стаклени прегради околу кабината.
Алармен систем
Дури и кога се преземаат сите мерки на претпазливост, важно е да се предвиди најлошото сценарио, односно одредена несреќа. Ѕвончиња на вратите, алармите и тастери за итни случаи може јасно да сигнализираат дека постаро лице е во неволја. Важно е да ги поставите тастерите на достапни места во близина на подот, за да можат да се користат дури и кога нема можност лицето да стане.
Овие системи може да се поврзат и со smart home системи, што ќе помогне повикот за помош да стигне до вистинската личност што е можно побрзо.
Секако, секоја земја има свои специфични стандарди за проектирање бањи за стари лица и лица со попреченост, но со повеќе информации може да создаде општа слика што укажува на специфичните потреби во обликување на бањите за стари лица.