Насловна / Вести / Како да се подигне квалитетот на изведените објекти

Како да се подигне квалитетот на изведените објекти

Градежништвото во нашата земја има долга традиција во проектирањето, изведбата и производството на градежните материјали. Сите овие процеси имаат потреба од модернизација и хармонизирање со европските и светските трендови, регулативи и стандарди. Квантитетот и квалитетот го дефинира инвеститорот во проектната задача која на проектантот му ги одредува насоките за проектирање. Квалитетот на изработената проектна документација во голем дел ја олеснува изведбата како и финансиската конструкција на изведените работи. Техничките услови и прописи, вклучувајќи ги и барањата на Инвеститорот се однесуваат не само на безбедноста на градбата туку и на здравјето на луѓето, трајноста на објектот, економичното користење на енергијата, заштитата на околината, економскиот аспект и на други фактори кои се однесуваат на општото добро.Slika1

Квалитетната физибилити студија во раната фаза може да заштеди многу финансии и да овозможи изработка на квалитетен проект и изведба.

Употребата на современа опрема за изведба, користењето на современи методи за докажување на квалитетот на вградените материјали, како и менаџирање и употреба на Фидик услови за регулирање на договорните услови помеѓу Инвеститорот и Изведувачот, допринесуваат за брза и квалитетна изведба на работите со почитување на договорните услови од сите инволвирани страни.

Во праксата се разликуваат два вида на технички услови за изградба и поправка на патиштата.

Првата група ја сочинуваат техничките услови донесени од надлежните органи на управата на ниво на државата, кои во суштина претставуваат прописи, стандарди и нормативи кои проектантите и изведувачите се обврзани да ги спроведуваат. Тие не се приложуваат кон проектите туку само се цитираат, со повикување на референтниот број на прописите. Преку нив се дефинира квалитетот кој треба да се добие со изведбата на работите во процесот на градба.

Втората група ја сочинуваат техничките услови, кои ги дефинира Инвеститорот а проектантите и изведувачите се задолжени да ги исполнат и истите се приложуваат кон проектите и се во директна врска со проектите.

Обезбедувањето на дефинираниот квалитет на работите не е обврска само на изведувачот туку и на надзорниот орган кој преку спроведување на дефинирани  стандарди, видови и обем на барани контролни испитувања, го обезбедува дефинираниот квалитет.

До подобрување на квалитетот на изведените работи може да  се дојде со усвојување на новите стандарди и технологии кои се применуваат во светот. Посебно внимание треба да се посвети на усвојувањето на новите европски и светски стандарди и нивното преточување и синхронизација со важечките МКС стандарди и прописи. Тековно, во светот, се усовршуваат технологиите и материјалите кои се применуваат во процесот на градба како и машините со кои се изведуваат. Подобрувањето може да се случи уште во фазата на претходните работи со користење на современи методи на истражни работи (земјени, геодетски снимања, лабораториски испитувања на пробни тела итн.).  Подобрувањето следи во делот на проектирањето каде со примена на нови софтверски пакети се олеснува процесот на проектирање. На крај, во процесот на градба, со примената на современи средства, материјали, технологии и машини се исполнуваат услови за добивање на висок квалитет на изведените работи.Slika2

Надзорот е ангажиран од страна на Инвеститорот како специјалист од областа на градби кој треба да се грижи за квалитетна реализација на инвестицијата, со што улогата на Надзорот во овој дел е клучна. Надзорот професионално и доследно врши следење на процесот на градба, а квалитетот го постигнува со доследно спроведување на квалитетни, со стандарди предвидени, контроли во сите фази на градбата и тоа:

•             земјани работи (изработка на насипи, подобрувањето на подтлото, изработка на постелката, изработка на тампонскиот слој, стабилизација на косини, зафаќање и евакуација на подземни и надземни води, заштита на насипи кај водотоци, торкретирање на косини, изведба на анкери кај тунели, откривање и експлоатација на позајмишта итн.)

•             бетонски и армирано бетонски работи (сите видови на пропусти, конструкција на мостови и вијадукти, тунели, потпорни ѕидови, стабилизација и санација на свлечишта итн.)

•             асфалтерските работи се специфични и контролата на квалитетот отпочнува пред почетокот на градба со контрола и одобрување на низа документи кои Изведувачот планира да ги користи со цел обезбедување на квалитет. Покрај овие документи и сертификати за материјалите во текот на изведбата Надзорот инсистира Изведувачот да достави и сертификати и атести за квалитет на готовиот производ, издаден од сертифицирани лаборатории. Во зависност од обврските превземени со договор за вршење на стручен надзор во текот на изведбата, Надзорот ангажира независна  теренска лабораторија која ги спроведува теренските испитувања и проверки на квалитет на вградените материјали.

Slika3 Slika4

За спроведените испитувања, како и за добиените резултати и сертификати, Надзорот редовно подготвува месечни, а на барање на Инвеститорот и неделни извештаи.

Со примена на Важечките стандарди и Технички услови на ЈПДП на РМ и донесената законска легислатива во РМ се опфаќаат најважните поглавја од областа на изградба, реконструкција и рехабилитација на патиштата, со што се олеснува работата на учесниците во изградбата и се дава рамка за подигнување на квалитетот на изведените објекти, запазувајќи ги и нормативите поврзани со намалување на влијанието врз животната средина, како и подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Подготвиле:

Антонио  Славковиќ, дипл.инж.архитект, ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје

Миодраг Депиновски, дипл.град.инженер, ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје

Срѓан Николовски, дипл.град.инженер, ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл и др. ДОО, Скопје

Испрати коментар

Scroll To Top