Уште во далечната 1958 година, низ речениците на брилијантната книга „Човековата состојба,“ Хана Арент објаснува како „планетата Земја е квинтесенција на човечката состојба и земната природа“. Меѓутоа, откако НАСА ја објави сликата наречена „Плавата џамлија“, човекот, односно, човековиот вид стана ентитет раздвоен од Земјата. Технологијата создаде класична картезијанска поделба помеѓу предметот и подметот, човекот и Земјата, предизвикувајќи ја „Гаја“ хипотезата на Лавлок и концептот на Нес за „Длабока екологија“ – два концепта каде Земјата претставува жив систем од кој ние сме дел, а не раздел. Човековата интелигенција овозможи модификации од планетарен размер и значително ги промени временските обрасци на Земјата, притоа, ослонувајќи се на „сивите“ решенија како одговор на екстремните временски појави – лажни ветувања за одржливост и отпорност. Денес, терминот „сиви решенија“ е заматен со улогата на „зелените инфраструктури“ кои, по правило, не се ништо повеќе од конзервативни проекти за природна реставрација т.е. зелени завеси кои го прикриваат сивилото.
ПЛИТКО ПОЗНАВАЊЕ НА ПРИРОДНАТА СРЕДИНА
Интересно е дека архитектот денес има желба да се занимава со климатски промени, екологија, биодиверзитет и останати енвиронментални појави, меѓутоа, со плитко познавање на природната средина и сите комплексни и динамични процеси кои паралелно се случуваат долж подземниот и надземниот пејзаж. Познатиот пејзажен архитект, Иан Мек Харг во потрага по научно и сеопфатно објаснување на природната средина, уште пред пола век, напиша дека е несериозно и неодговорно еден човек да мисли дека ја разбира природата и сите нејзини „ин-ситу“ процеси. Но, според Мек Харг, ако сплотите тим составен од метеоролог, геолог, хидролог, педолог, екологист експерт за растенија и животни, антрополог, етнолог и епидемиолог, тогаш, можеби, имате шанса да ја разберете природната средина. Неговата книга „Проектирање со природата,“ објавена во 1969-та година, сè уште го нема достигнато својот потенцијал, а можеби, времето е токму сега. Во оваа доба на технолошки инструменти, мерила, сателити и други направи кои прецизно можат да го документираат пејзажот, станува неопходно архитектурата да се отвори кон овие егзактни науки и да ја постави улогата на архитектот сред дисциплини чија цел е да дефинираат функции и процеси.
НО, КОЈ Е ИАН МЕК ХАРГ?
Иан Мек Харг е, веројатно, највлијателниот пејзажен архитект на 20-тиот век. Неговиот еколошки пристап кон планирањето на пејзажот, објаснет со брилијантност како на ниеден друг пејзажен архитект, засекогаш ќе го смени разбирањето на природниот предел. Неговата главна цел и мисија може да се прочита како прецизен осврт кон тоа како да проектираме заедно со природата, а не против неа – слично како што лекарите ја засноваа својата пракса на човековата анатомија, физиологија и микробиологија. Еден од најдобрите примери за ваквиот вид планирање и проектирање е проектот за долините надвор од Балтимор, Мериленд. Кусо објаснето, овој проект претставува сеопфатна анализа на конкретниот природен предел, имајќи цел таксативно да ги категоризира зоните од пејзажот кои се најзначајни, како истите да се заштитат и како да се ограничи планирањето на нови згради само во зони кои не се толку значајни – а воедно поволни за урбан развој.
Какво е наследството на Иан Мек Харг во професијата на пејзажната архитектура?
Придонесот кон дисциплината може да се подели на три целини. Најнапред, тој ја напиша исклучително значајната книга „Проектирање со природата“ или “Design with Nature” со тираж над половина милион примероци. Во оваа книга, Мек Харг нè запознава со методот на слоевито преклопување, односно, разбирање на природниот предел како комплексна збирка од индивидуални природни слоеви. Второ, тој има значаен придонес во развојот на географско – информациските системи. Еден од неговите студенти го разви водечкиот ГИС-софтвер „ArcGIS.“ Трето, изработи неколку одлични проекти кои претставуваат олицетворение на неговиот еколошки пристап кон проектирањето со природата. Еден од овие значајни проекти е спомнат во горниот дел од текстот, проектот за долината надвор од Балтимор, а друг исто така значаен проект е дизајнот за планот наречен „The Woodlands“ во Тексас, САД.
Ian McHarg, Plan for Baltimore
И покрај ова, мојот впечаток е дека повеќето архитекти и пејзажни архитекти не знаат како да ја разберат, ниту пак како да ги интерпретираат информациите приложени во неговата книга „Проектирање со природата“. Второ, архитектонските бироа, а особено бироата кои се занимаваат со пејзажна архитектура, не се значителни корисници на географско- информациските системи. Исто така, мислам дека системот на слоевито преклопување не се користи доволно распростането колку што заслужува. Причината за ова занемарување е тоа што методот на преклопување е нерамномерен, а од дизајнерска и проектантска перспектива, овој метод се смета за премногу научен и детерминистички. Најјасна илустрација претставува и самата изјавата на Мек Харг, кој вели: „Секој човек што ќе собере исти докази ќе дојде до исти заклучоци.“
Ian McHarg, overlay method
Проектирањето не може да биде до тој степен условено и предетерминирано. Тоа се потпира на верувања, интуиција и суд на сите факти кои проектантот ги смета за најважни. Затоа и архитектурата отсекогаш била имплицитна отколку строго егзактна наука. Но, дали овој спор помеѓу фактографската метода на Мек Харг и уметничката и чувствителна рака на архитектот може да се реши? Да, но пред да го одговориме ова прашање, нужно е да се прегледа временската рамка на пејзажната архитектура како засебна и комплементарна дисциплина на архитектурата и урбаното планирање.
УПОТРЕБАТА НА РАЗУМОТ И НАУКАТА ВО ПЕЈЗАЖНАТА АРХИТЕКТУРА
Пејзажната архитектура се оптега долж контекст на повеќе полиња како поетско сликарство, урбан дизајн, архитектура, паркови и градини. Во 19-тиот век, клучните фигури кои ја дефинираат пејзажната архитектура се Хемфри Рептон и Фредерик Олмстед. Во 20-тиот век, опсегот на професијата се проширува преку проектите и мислите на Патрик Гедес и Иан Мек Харг. Во овој период, дисциплината почнува да се базира на општествените и на природните науки. Така, денес, повеќето пејзажни архитекти ќе се согласат дека и уметничките и научните инпути се од суштинско значење за деликатниот процес на проектирањето пејзажи. Но, да се воспостави рамнотежа помеѓу имплицитното и експлицитното, научното и уметничкото е навистина тешко. Повеќето пејзажни архитекти од втората половина на 20-тиот век ги занемаруваат научните податоци како темел на една проектантска метрологија, токму поради фактот што методот на слоевито преклопување на Мек Харг ја елиминира човечката култура и уметност од проектантската равенка во време на силно нагласената постмодерна.
Меѓутоа, неговиот повеќеслоен пристап кон еколошкото планирање изврши огромен придонес кон употребата на разумот и науката во пејзажната архитектура. Гледано отстрана, ова претставува еден класичен рационалистички пристап кој, како во другите области така и во пејзажната архитектура, е способен да генерира одлични резултати. Кон крајот на овој милениум, а со тоа и прелиминарната појава на пејзажниот урбанизам, овој повеќеслоен научен метод на Мек Харг започнува да биде комплиментиран со втор инвентар културолошки слоеви.
РАЦИОНАЛИЗИРАЊЕ ДО СТЕПЕН ШТО НЕГАТИВНО СЕ ОДРАЗУВА ВРЗ ПРИРОДНИОТ ПРЕДЕЛ
Денес, проблемот со кој се справува пејзажниот урбанизам е неговата нејасна научна и проектантска рамка, но како што ќе каже Чарлс Валдхеим во неговата монографија „Пејзаж како урбанизам“ – пејзажот како концепт го има потенцијалот симултано да се справува со прашањата на градот и природната околина. Дополнителен проблем на пејзажниот урбанизам е наклонетоста на неговите поборници кон нејасната терминологија основана на постструктурализмот. Меѓутоа, во својата суштинска форма, дефиницијата на пејзажен урбанизам фундаментално се совпаѓа со можеби наједноставното објаснување напишано на Википедија, кое вели:
„Пејзажниот урбанизам е теорија на урбанистичко планирање, тврдејќи дека најдобриот начин за организирање на градовите е преку проектирање на градскиот пејзаж наместо проектирање на на неговите згради.“
Зборот пејзаж за прв пат се среќава во англискиот јазик во 17-тиот век како сликарски термин чија теорија претставува уметничко залагање за претставување на идеалната глетка наместо секојдневни „нечисти“ сцени. Во 18-тиот век пејзажот станува проектантски и дизајнерски термин, а во 19-тиот век станува геолошки, а понатаму и географски термин. Како и што се користи во литературата на пејзажниот урбанизам, терминот пејзаж има мултиинтерпретативна тенденција. Од друга страна, зборот урбанизам потекнува од францускиот јазик, пронајден во насловот на книгата објавена од каталонскиот инженер Илдефонс Серда во 1867 година. Општата теорија на урбанизација е објаснета преку принципите користени за проширување на Барселона. Оваа интердисциплинарна и, во тој период, просветлена теорија, денес се смета за мошне погрешна. „Гридот“, „Каструм системот“, односно мрежата (решетка) од блокови претставува премногу монотон принцип – рационализирање до степен што негативно се одразува врз природниот предел.
Ildefons Cerda, Bareclona plan
Барселонскиот пејзаж пред 1859-та година почнува да се уништува преку употреба „сиви“ и стерилни решенија. На пример, реките се претвораат во одводни канали, а урбаниот блоковски пејзаж не препознава фокални точки, урбани кулминации или градски променади како просторни компаси. Сите улици стануваат широки до 20 метри, и денес генерираат силна бука и натрупаност. Повеќето зелени, отворени површини вклучени во првичниот план остануваат нереализирани. Планот на Серда, од една страна претерано прецизно регулира едни аспекти, а од друга страна недоволно и неадекватно регулира други, и во голема мера ги игнорира постоечките структури на каталонскиот пејзаж.
Ildefons Cerda, Bareclona plan
Ќе се надоврзам со прераскажување на една парабола каде умниот човек ја изградил својата куќа на карпата, а неумниот ја изградил својата куќа на песокот. Денот кога поројниот дожд предизвикал силни поплави и ветровите силно дувале, куќата на умниот човек стоела цврсто над карпата, а куќата на неумниот човек била целосно уништена. Оваа парабола може да се искористи за да се наведат две точки во урбаното планирање. Прво, неопходно е да се разберат пејзажите во кои се градат градовите, и второ, различните пејзажи бараат различни пристапи кон градењето на градот. Во праисториска Шкотска, населбите често биле градени на потпорници во езерата, целосно занемарувајќи ја параболата на мудрите градители.
МОДЕРНИЗАЦИЈА ПО СЕКОЈА ЦЕНА
Една од големите грешки на модернизмот е усвојувањето на интернационалниот стил. Овој „договор“ резултираше со премногу слични градови изградени на тлa со мошне различни култури и пејзажи. Резултатите од овие зафати наречени „модернизација по секоја цена“ претставуваат многу досадни решенија. Во ек на суви, монотони и предвидливи градови, постмодернизмот во архитектурата стана добредојдената сива промена, контра белиот модернизам, носејќи нови проблеми како екстензивен плурализам и вишок на различност. Градските хоризонти се претворија во архитектонски работилници на плитки фасади инспирирани од его и од случајни геометрии.
НОВИ МЕТРОПОЛИТЕНТСКИ ГРАДСКИ ИСКУСТВА
Но, низ призма на пејзажот во доба на постмодерната, двајца архитекти демонстрираа фундаментална промена во начинот на планирање на просторот. Проектите на Бернард Чуми и Рем Колхас, конкурсните решенија за трансформација на парискиот Parc de la Villette во 1982-ра година претставуваат постмодерни концепти кои преку пејзажот наоѓаат капацитет и катализатор на нови метрополитентски искуства. Дизајнот на овие два проекта се заснова на слоеви, но слоевите се културолошки наместо еколошки.
Parc de la Villette, Rem Koolhaas, 1982, Competition entry
Конечно, пејзажниот урбанизам ги интегрира еколошките слоеви на Мек Харг со културолошките слоеви користени од Чуми и Колхас. Во време на општествен плурализам, концептот на пејзажен урбанизам може да ни даде разновидност која е вкоренета во екологијата, реставрацијата, културата или уметноста – интеграција што ја гледам како постпостмодерна.
Автор: Никола ЃОРЃИЕВСКИ, м-р арх., м-р пејз. арх.
(Специјално за Порта 3 од Данска)