Насловна / Архитектура / Како да ја форсираме добрата архитектура, ако генерации ни се воспитуваат гледајќи нешто сосема друго?

Како да ја форсираме добрата архитектура, ако генерации ни се воспитуваат гледајќи нешто сосема друго?

Архитект Фросина Зафировска е кустос-советник и директор на Музејот на град Скопје и овогодишен добитник на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје од областа на уметноста за значајни достигнувања во областа на музејската дејност, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот.
Таа со децении е организатор и поддржувач на случувања во сферата на архитектурата, кои во вид на изложби, предавања, трибини се одржувале скоро секогаш, но и најдолго и најмногу во „нејзиниот“ МГС и секогаш сесрдно излегувала во пресрет како на Асоцијацијата на архитекти, така и на сите останати архитекти и студенти по архитектура и нивните дејности во Музејот. Фросина Зафировска е составен дел и најпрепознатливо лице на сите архитектонски настани. Таа секогаш беше тука и секогаш стоеше зад архитектите и ги „трпеше“ и тогаш кога никој друг не го правеше тоа. Редакцијата на Порта 3 од сè срце ѝ ја честита наградата и пензионирањето.

IMG_20191113_231416

Прво за наградата, бидејќи е актуелна во моментов, но и многу значајна. Оваа награда е еден вид круна на Вашата професионална кариера. Како ја доживеавте веста за наградата, се изненадивте ли, што значи таа за Вас?

Најпрво да Ви се заблагодарам на честитките и за наградата и за пензионирањето. Додека пензионирањето беше неминовно, награда е сосема нешто друго. Токму така и јас ја доживувам, како што велите како „круна“, на сето мое залагање и придонес во изминативе повеќе од 38 години, во „мојот“ Музеј, во културата, во уметноста, архитектурата на градот, Републиката и секако во популаризација на нашата култура и надвор од нашата земја. Се изненадив многу, бидејќи не знаев дека сум кандидирана, но по првичниот шок, бев и сум многу возбудена и благодарна на оние кои сметале дека за својот труд во својата професија, заслужувам да бидам наградена.
Секако, сметам дека ова е и награда за Музејот и за сите „музеалци“, бидејќи едно е идеја, желба, знаење, но за реализација на секој проект е потребна екипа, соработка и поддршка.

IMG_20191113_225646

Многу години поминавте со разни архитектонски настани во Музејот. Можете ли да одвоите некој кој Ви оставил впечаток, кој го сметате за најуспешен, најзначаен?

Толку многу години и многу повеќе настани, повеќето успешни, некои помалку успешни, навистина не знам што да издвојам. Дали е тоа првиот БИМАС во Музејот на град Скопје, некаде во 1995 или 1997, кога над сто архитекти со над 180 труда учествуваа на тогашната манифестација. Паметам дека на ѕидовите во музејските сали немаше слободно место, па почнавме да се снаоѓаме со поставување во простор. Потоа извонредни проекти наградувани на Годишната награда или првите манифестации АСК, со извонредни гостувања и презентација на актуелните случувања во архитектурата во светот. Потоа, во почетокот на 2000, појавата на група млади архитекти, кои денеска се етаблирани во професијата, кои започнуваат преку многу интересни изложби да поставуваат прашања за улогата на архитектот, за неискористените потенцијали и простори, да ја истражуваат „модерната“ и сето тоа обмислено, современо да го презентираат на изложби. Тука морам да ја истакнам последната, една од навистина најубавите изложби во Музејот: Скопските вертикали.

4H5A8379
Но, ако веќе зборуваме за најзначајни моменти, настани за македонската архитектура, според мене, тоа е учеството на Венециското биенале на архитектурата. Прв пат учествувавме во 2004, благодарејќи на извонредното чувство и разбирање на тогашниот министер за култура г-дин Благоја Стефановски и неговите најблиски соработници. Оттогаш македонската архитектура е присутна на сите биеналиња, каде што е целиот свет, каде што сите можат да ве видат и каде што можете да видите. И секако, да не забораваме дека во 2006 година, за проектот „Град на можни светови“, куриран од архитектите Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља, македонскиот павилјон доби „Специјално признание“, едно од доделените три признанија (Јапонија и Исланд). Постојано се прашувам дали сме свесни што сме постигнале? Јас сум свесна и среќна сум што како комесар бев дел од тоа достигнување.

KIR_0009

БИМАС со децении се одржува во Музејот. Сведок сте на сите биеналиња и сигурно паметите и подобри времиња. Како одминуваат годините БИМАС како да го губи сјајот. Посетеноста, особно онаа кога не е отворање или затворање е мала. На што се должи ова?

Од кога почна соработката со Асоцијацијата на архитекти, некаде во почетокот на деведесеттите години до денеска БИМАС се одржува во Музејот на град Скопје (со исклучок на еден неуспешен обид за поставување на изложбата во МОБ). Притоа Музејот не е само место каде се поставува главната изложба, туку е активен соработник и учествува со сите свои ресурси, вградувајќи го во својата редовна програма.
Тоа што се има впечаток дека заинтересираноста, како за излагање така и за посетеност е намалена, или со други зборови дека БИМАС го губи сјајот, е навистина блиску до вистината. Треба да се направи анализа зошто е тоа така. Јас веќе напомнав за поранешни манифестации, некаде до 15-16 БИМАС, во Музејот беше врвулица од трудови и луѓе, како на отворањето, така и во текот на одржувањето на изложбата. Сега веќе не е така. Јас мислам дека има повеќе причини, а една од главните, според мене е „снемувањето на мастодонтите“ „Пелагонија“, „Гранит“, Бетон“, „Македонијапроект“, кои секогаш имаа голема продукција и сакаа да ја покажат. Конкурси немаше, или имаше многу малку, а уште помалку се реализираат иако ги има. Тука морам да го истакнам позитивниот пример на Општина Центар со основното училиште во Капиштец , за кое беше распишан конкурс, се избраа победници и се изгради училиштето. Дали знаеме за друг сличен пример, јас барем не можам да се сетам, со години наназад.
Сепак според мене главна причина е она несреќно „Скопје 2014“ и целата атмосфера во државата. Апатијата, незаинтересираноста за културата се одрази секаде. Јас сум од оние кои веруваат дека полека, со желба и труд ќе ги поправиме работите.

10252080_627812823978790_1885210092391092491_n

Како е да се соработува со колеги во организација на настани? Стигнуваат ли архитектите навреме да си ги завршат обврските?

Јас сум архитект и нормално е да имам разбирање и да ги третирам со малку повеќе „попустливост“ моите колеги. Од друга страна со години се залагав за висок професионализам, нормално можен во овие наши „непрофесионални“ услови. Во секој случај, најголемиот број архитекти со кои сум соработувала, биле баш онакви какви посакувате да сте и самите: високопрофесионални, самоуверени со причина, јасни, со голема способност за соработка и прифаќање на сугестии и многу коректни.

10986621_830078310418906_189326907507623131_n

Архитектонската продукција не ни е многу богата. Во вакви услови тешко се организираат архитектонски изложби. Но мораме да ја држиме кондицијата за она што е тоа квалитетна архитектура. Што може како струка, како музеј повеќе да направима за да имаме повеќе и поквалитетни архитектонски настани?

Тешко да можеме многу да направиме во овој момент. Ако зборуваме за квалитетот на архитектурата, сте забележале ли дека на последните биеналиња има многу поквалитетна продукција во селекцијата „проекти“, отколку во „реализирани“ објекти. Ние имаме добри школи за архитектура, но останатото е до понудата и побарувачката, односно до моралот и етиката. Јас пак ќе се навратам на штетата со онаа несреќа од „Скопје 2014“, колку квалитетни изложби треба да направиме, колку и како да ја форсираме добрата архитектура, ако генерации ни се воспитуваат гледајќи нешто сосема друго на улиците на градот. Јас не можам да поминам покрај објектот на Владата, а да не ми се слоши, а знам дека за уште кратко време, ќе имаме генерации кои нема ни да знаат дека на тоа место сме имале прекрасен објект, еден од „бисерите“ со кој се гордеевме.
И што би можеле да направиме повеќе?! Нормално Музејот ќе застанува зад квалитетни настани (се надевам иако сум веќе во пензија), Вие ќе пишувате и форсирате квалитет, но колку сето тоа ќе допре до пошироката јавност? Ми верувате ли дека не се сеќавам кога последен пат на отворање на изложба имало телевизиска камера, макар една.

IMG_20191113_230219

 Долго време се говори за идејата Музеј за архитектура. Вие и бевте вклучени во некои разговори со Архитектонската академија. Можеме ли да се надеваме на ваков музеј?

Идејата за Музеј за архитектура е стара повеќе од дваесет години. Веројатно тие идеи се појавија некаде со осамостојувањето и свесноста дека имаме што да вреднуваме, зачуваме и покажеме. Со обновата на постземјотресно Скопје многу наши архитекти добија можност да се искажат, така што, покрај оние веќе етаблирани се појавија и до денеска се појавуваат автори кои со своите идеји, својата работа, заслужуваат да бидат запаметени.
Но, за тоа се потребни предуслови. Ние во Музејот направивме голем чекор со оформувањето на Одделение за архитектура, а во него и Одделение за современа архитектура, урбанизам и дизајн, кое опфаќа период од почетокот на дваесеттиот век до денес. Ова наше одделение е прво, а мислам дека е и единствено во музеите во Македонија. Задачата е прибирање, стручна и научна обработка, чување, заштита, јавна достапност и презентација на архитектонското наследство. Веќе имаме извесен фундус во кој се макети (Кензо Танге), архитектонските изложби со кои учествувавме на венециските биеналиња на архитектура (2004, 2006, 2008, 2012), наградени трудови од одржуваните манифестации АСК и БИМАС и збирка од донацијата на семјството на професорот Борис Чипан, која и ја презентиравме преку изложба во 2017 во Музејот. Ова одделение со фундусот што го поседува, според мене, треба да биде еден од изворите од кој ќе се оформи идниот Музеј за архитектура.
Јас сум убедена дека потребата од ваков музеј е евидентна, а исто така верувам и се надевам дека ако не бидам активен учесник, ќе бидам сведок на негово оформување и постоење.

13308524_1037920702967998_1402398679251862523_o

1200px-Muzej_na_grad_Skopje_(6)

Испрати коментар

Scroll To Top