Земјотресите во Скопје од 11 септември годинава, несомнено ги вознемирија и загрижија жителите на градот како и нивните роднини и пријатели надвор од него. Се разбира, во првите моменти по земјотресот најважно е да се сочува животот, да се заштитите од повреди и по можност да дојдете до отворено место доволно оддалечено од соседните објекти за да не бидете изложени на ризик од евентуално паѓање на предмети или градежни материјали.
Враќањето во сопствениот дом по земјотрес, секогаш е исполнето со измешани чувства. Од една страна, многу сте среќни што објектот се уште стои и нема или има минимални надворешни оштетувања. Истовремено, не сте сигурни кога е најдоброто време да се вратите назад во домот, во смисла на тоа дали главниот и најсилните пред и по земјотреси поминале, затоа што нема да биде ниту пријатно ниту најбезбедно да сте во објектот и да искусите нов земјотрес. Среќни дека се е во ред до влезот во станот, многу лесно може да прерасне во разочарување кога ќе влезете и утврдите дека омилената вазна паднала на подот и се скршила, како и сликите и фотографиите од ѕидовите, дека чашите што ви ги оставиле вашите дедо и баба се скршиле од ударање една од друга, или пак кога ќе ги отворите вратите од комодата во кујната предметите ќе почнат да испаѓаат.
Сите овие предмети, освен материјалната вредност и евентуалните трошоци за нивна поправка, доколку истата е можна, можат да имаат и голема сентиментална вредност која не може да се надомести со купување на сличен предмет. Истовремено, паѓањето на предмети од ѕидовите и мебелот, може лесно да доведе до повреди во услови на земјотрес или пак да го направи излегувањето од домот потешко и покомлицирано. На пример, доколку стаклени или порцелански предмети се паднати и искршени на подот, нема да биде баш пријатно и безбедно да се бега надвор од станот.
Се разбира, уште поголеми проблеми можат да произлезат од слободностoечкиот висок и плиток мебел, којшто може да се преврти и падне, како и од „мостовите“ од мебел честопати поставени над кревети, коишто беа особено популарни при уредување на домовите во 70-тите години.
Пред неколку години имаше случај во Хрватска каде мост со книги паднал врз сопственикот на станот додека тој бил во кревет, при што тој бил приклештен во креветот, додека дошле да го извлечат.
Како резултат на ова можеби не е лошо да размислите да се заштитите себе си, и предметите во вашиот дом од последиците од земјотрес. Се разбира, сите сугестии за тоа што можеби може да се направи не секогаш се гаранција дека вие наполно ќе бидете заштитени, но вообичаено сугестиите се сметаат за добра практика која може да придонесе за ваша и заштита на вашиот дом.
Со оглед на тоа што Република Македонија полека отпочнува со процесот на гасификација, добро би било да имате предвид, доколку сакате да доведете гас до вашиот дом, да проверите дали ќе се постави земјотресен сигурносен вентил на инсталацијата во вашиот дом. Во случај на земјотрес, вентилот би требало автоматски да го исклучи дотурот на гас и на тој начин да го намали ризикот од создавање експлозии и пожари. Исто така, треба да имате предвид дека по автоматското исклучување на дотурот на гас, само стручно лице може да го активира приклучокот, откако ќе се провери инсталацијата до и во вашиот дом за не дојде до несакани последици.
Малку покомплицирани се работите доколку за готвење користите цилиндер со гас. Во ваков случај, веројатно треба да бидете доволно присебни пред излегувањето од дома, барем гасот и струјата да ги исклучите, за да се заштите и себеси и другите. Исто така, подобро е старата разводна табла за струја со бушени да се замени со модерна со преклопници, коишто се почувствителни и би требало да ја исклучат струјата во случај на краток спој или преоптоварување на инсталацијата.
Доколку размислувате да го преуредите вашиот стан при што би сакале да ја обновите вашата трпезарија, треба да размислите дали да изберете посовремена трпезариска маса со стаклена плоча или пак да одите на нешто покласично. Во оваа смисла, втората опција, на пример маса од полно дрво со масивни ногарки, ќе може да ви послужи и како времено засолниште во случај на земјотрес.
Во зависност кои препораки сакате да ги користите, според едни треба само да се засолните под масата, според други треба да се засолните под масата и да се држите за една од ногарките за да не се помрдне масата, а според трети треба да се соберете во положба на фетус и со грбот да се наслоните на една од ногарките. Тешко е да се каже која од овие положби е најдобра, но веројатно подобро е да имате каква било заштита отколку никаква.
Во однос на мебелот, најдобро е барем оној повисокиот и средниот по висина, а особено оној поплиткиот со метални аголници и силни текстилни ленти да се прицврсти со штрафови во мебелот, а со соодветни типли и штрафови во ѕидот, при што видот на прицврстување треба да биде соодветен за конструкцијата на ѕидот во којшто се прицврстува. Доколку треба да прицврстите на понов ѕид од гипс картонски плочи, тогаш прицрврстувањето во ѕидот треба да се врши во столпчињата во ѕидот. Алтернативно би требало да поставите хоризонтална летва која ќе се прицврсти во столпчињата во ѕидот, а во новата летва ќе се прицврсти мебелот. Летвата може да се обои во бојата на ѕидот, за да биде неприметна во просторот.
Кога станува збор за силна метална текстилна лента, се мисли на лента изработена од материјал од којшто се изработуваат сигурносните појаси во возилата, планинарската опрема и сл. Ваков материјал може одлично да послужи за прицврстување на бојлерите, особено на оние поголемите во бањите.
На тој начин, ќе се намали можноста за паѓање на бојлерите од ѕидот во случај на земјотрес. Сличен начин на прицврстување може да се користи и за прицврстување на слободностоечки високи ламби. Подножјето на ламбата може да се прицврсти во подот, дирекно или со помош на метални профили.
При изборот на светлечките тела, пожелно е да размислувате за светлечки тела од синтетички материјали, барем кога станува збор за дифузерите и лустерите, наместо оние со стакло кои можат да предизвикаат повреди доколку паднат. Исто така, плафоњерките со дифузери од синтетички материјали претставуваат нешто посигурна опција од лустерите, коишто би се нишале во случај на земјотрес.
Оние што користат печки на дрва, јаглен или нафта, најдобро е истите да ги постават на негорива подлога поголема од самата печка, пожелно со вертикален раб за да во случај на земјотрес, доколку излезе жарот, не се прошири на незаштитените површини. Исто така, пожелно е ногарките на печката со метални профили да се прицврстат во подот за да не дојде до движење или превртување на печката.
Кујните, и особено високите и висечките елементи можат да претставуваат потенцијални извори на повреди и штети преку паѓање на предмети од истите. За да се заштитите од нив, освен со прицврстувањето на елементите, треба да се води сметка за нивниот дизајн. Вообичено во оваа смисла, подобри се оние кај коишто нивото на најдолната полица е нешто пониско од нивото на отворањето на вратата, што овозможува предметите да бидат задржани во рамките на полицата без да испаднат надвор. Доколку имате елементи кај коишто работ на полицата не е заштитен, можно е да се постави последователна заштита преку поставување на метални или пластични аголници, или пак мали летвички со кои ќе се заштитат предметите од паѓање.
Се разбира, ова би требало да ги заштити објектите од паѓање, но не и од меѓусебно удирање во рамките на елементот. Оттука, можеби ќе сакате да инвестирате во поставување на нелизгачки подметувачи. Тие вообичано се направени од синтетички материјали и се продаваат како подметувачи под ќилимите, за да не се лизгаат, или пак како подметувачи за багажниците во возилата или пак оние помалите за поставување на внатрешната полицата на автомобилот под шофершајбната. Со нивно поставување би требало да се намали ризикот за оштетување на кршливите предмети во рамките на мебелот.
За поскапите и повредните предмети, коишто поретко се користат, треба да размислувате да го користите таканаречениот земјотресен кит или гел. Тој се нанесува на долната страна на предметите, како вазни, мали скулптури или слично, пред да се постави на саканото место на исчистена полица. На тој начин, предметот се прицврстува на полицата со што се намалува ризикот од оштетување или паѓање.
Според призводителите, предноста на овие материјали е тоа што кога ќе се извадат тие не оставаат траги на предметот и на полицата. Како помалку софистицирана верзија може да се смета синтетичкиот пластелин за прицврстување на постери, но најдобро би било да прашате специјалист за ќерамика, стакло или слично, дали примената на овој материјал може да остави траги врз вашиот предмет и мебел. Овие материјали можат да се користат и за дополнително прицврстување на сликите на ѕидовите како надополнување на основното прицврстување.
Доколку сликите ги закачувате со куки, најдобро ќе биде тие да се затворени и со минимален отвор колку да се навлече жицата. Се разбира, за потешките слики и оние врамени во стакло најдобро ќе биде да се прицврстат на ѕидот преку метални профили и заштрафување во ѕидот преку систем којшто е соодветен за конструкцијата на ѕидот.
Притоа, во зависност од големината и тежината на сликата, треба да се размилислува за прицврстување на две или повеќе места. За дополнително прицврстување, освен земјотресниот кит, гел, синтетичкиот пластелин за прицврстување на постери, веројатно можат да се користат и патентираните системи за прицрстување со двојнолепливи перничиња со кои предемтот може да се прицврсти на подлогата, но и подоцна може да се извади од неа, според производителот, без ошетување на истата.
Покрај предметите, треба да се размислува и за заштита на значајни документи чијашто замена може да ви потроши значително време и средства. Клучните оргинални документи можете да ги чувате во сеф во банка, а дома само да имате фотокопии или заверени копии. Но доколку сакате да ги имате при рака, веројатно решението може да биде во инсталација на огноотпорен сеф или кофчеже, за да се обезбеди нивна заштита.
За оние што сакаат да бидат пософистицирани, во одредени земји се продаваат детектори за земјотрес (тие немаат функција да предвидат земјотрес). Во принцип, тие можат да бидат од полза само во случај на пооддалечени земјотреси затоа што ќе ви дадат мала предност во однос на подготовките и евакуацијата пред ударот да дојде до вашата локација. Според медиумите, пософистицирани верзии на овие сензори се користат од страна на некои од ургентите служби во Калифорнија, за тие да имаат барем доволно време да ги извадат возилата надвор од гаражите, и на тој начин да бидат оперативни кога ударот ќе дојде, наместо да бидат забарикадирани.
Се разбира, горенаведените сугестии се презентирани со цел да ви се помогне при размислувањето за тоа како да се заштите себе си, вашите најмили, но и оние предмети коишто најмногу ви значат и кои веројатно не можат да се заменат со купување на слични предмети. Во однос на сугерираните методи за заштита, особено кога станува збор за оние посложените, веројатно најдобро е нивната имплементација да им ја доверите на стручни лица, за да знаете дека се користени соодветни методи за прицврстување на конструкцијата.
Ниту еден метод на заштита не може да обезбеди целосна заштита од земјотрес, но од друга страна, во најголемиот број случаи, земјотресите не се разорни, така што со примената на некои од горенаведените сугестии, веројатно можете дополнително да се заштите себеси, вашиот дом и предметите во него.
Пишува: д-р Владимир Б. Ладински, архитект