Во Лондон почна да работи првото кафуле каде што сè е бесплатно, освен времето што гостите го поминуваат таму, а една минута чини три пени …
Се работи всушност за рускиот синџир на кафулиња Ziferblat, кој сега го доби својот прв објект и во Велика Британија.
Името на кафулето е комбинација на руски и германски јазик, и означува бројчаник од часовник.
Идејата е гостите на кафулето да земат будилник од плакар кога тие влегуваат и го подесуваат времето кога дошле или кога сакаат да си заминат, а алармот се огласува по истекот на времето.
Не постои минимално време кое гостите можат да го поминуваат во кафулето. Гостите имаат на располагање кафе, разни пијалаци, бисквити, овошје, зеленчук, сурфање на Интернет, па дури и тоа да можат во кујната да си подготвуваат храна за себе.
Гостите можат и да свират на пијано, известува „Гардијан“, а еден час во кафулето со сето она што го нуди чини фунта и 80 пени.
Сопственикот на Ziferblat Иван Митин отворил 10 кафулиња во Русија во изминатите две години и сега сака во останатиот дел од светот да ја примени својата идеја.
„Луѓето во Лондон се многу повеќе подготвени за овој концепт и веднаш го сфатиле“, изјави Митин, потсетувајќи дека во неговите кафулиња гостите може да се релаксираат и со миење садови.
Останува да се види дали оваа идеја ќе добие популарност, и дали е пожелно до вас да стои часовник додека пиете кафе и ве предупредува кога времето истекува, за некои тоа може да биде релаксирачко, а за други стрес.