Британските дизајнери од студиото TwistInArchitecture претвориле индустриски простор во источниот кварт на Лондон во тематски кафе бар Trade, посветен на историјата на трговските улици во градот.
Кафе барот се наоѓа на улица со симболично име – Commercial Street во источниот дел на Лондон, во еден мал агол на британската трговска историја на минатиот век.
Ентериерот е поделен во три одделни зони – пулт со различни вкусни јадења, простор за седење и јадење и отворена кујна. Уреден е со помош на старински бакарни цевки, дрвени штици и метални лустери кои некогаш биле дел од основната трговска понуда на улицата. Материјалите се користени на неочекувани места: бакарните цевки го украсиле шанкот и служат како преградни ѕидови, а со ламинатни штици обложени се ѕидовите или се во функција на маси и столови. Историската атмосфера со суптилни детали и во комбинација со одлична храна, без сомнение може да привлече своја публика.