Во 2020 година, извозот на отпад од Европската унија во земјите кои не се членки на ЕУ, достигнал 32,7 милиони тони. Како што покажуваат податоците на Eurostat, тоа е зголемување од 75% во однос на 2004 година. Од друга страна, увозот на отпад од земјите кои не се членки на ЕУ се намалил за 10% во споредба со нивото од 2004 година. Турција е главна дестинација за отпадот извезен од ЕУ, со 13,7 милиони тони во текот на минатата година, што е повеќе од три пати во споредба со 2004 година. Втора е Индија, каде лани завршиле речиси 2,9 милиони тони отпад од ЕУ. Следи Велика Британија со 1,8 милиони тони, Норвешка со 1,5 милиони тони, Индонезија и Пакистан со по 1,4 милиони тони. Интересно е дека извозот на отпадот од ЕУ во Кина забележува драстичен пад – од 10,1 милиони тони во 2009 година, на само 0,6 милиони тони во 2020 година.
Во 2020 година, 53% од вкупно извезениот отпад од ЕУ претставува отпад од челик и железо. И за овој вид отпад главна дестинација е Турција која во 2020 примила 2/3 од овој вид отпад од ЕУ.