Насловна / Вести / Каде колва „жолтата пајка“?

Каде колва „жолтата пајка“?

Од неоправданото држење на локалитетот „Ќерамидница“ во сообраќајно-транспортен „ќош“, повеќедецениската прашина пред околу две години повторно беше симната. Нивото на политичко-извршна решителност која го иницираше отпрашувањето, укажуваше дека „хигиенскиот зафат“ овој пат ќе произведе проектно-финансиска интерпретација после која инфраструктурното згрижување на ова локалитетско „сираче“ ќе биде не повеќе од чиста инерција.

„Атомската маса“ на ова прашање произлегува од магистралниот комуникациски наратив на градскиот простор. Полната функционалност на лонгитудиналата бул. „Илинден“ (1) – бул. „Гоце Делчев“ (2) – бул. „АСНОМ“ (3) блокирана е токму во зоната на ова инфраструктурно гето, запишувајќи, во комбинација со оној анксиозен by-pass од ул. „Беласица“ (Скопски Саем), уште еден крупен поен на листата градски комуникациски хендикепи. Со оглед на сегашното и идно напрегање на бул. „Кузман Јосифовски Питу“ (4) иницијативата беше на пат да стане кореспондент со сообраќајните потешкотии и потреби на дел од источните и североисточните урбани структури.

01

Прекината магострална лонгитудинала

De iure состојба

Неизбалансираниот просторно-демографски притисок централно-радијалната типизација на градот со години, упорно ја поместува во зоната на т.н. линеарни градови. Знаејќи го тоа, Генералниот урбанистички план го става аксијалното комуникациско тежиште на лонгитудиналната улична формација, односно примарните сообраќајници на правецот исток-запад. Ефикасната организација на сообраќајот, подигањето на квалитетот на урбаната инфраструктура и пристапноста како методолошки фокуси на највисокиот плански акт, ја бришат сета нејаснотија од неговата магистрална мантра. Нејзината материјализација е предвидена како имобилизатор на ефектите на внатреградските миграции и дисбалансот помеѓу транспортната побарувачка и инфраструктурната понуда.

Премостувајќи го речното корито во cost-efective манир коридорот на бул. „АСНОМ“, во нешто поскромен габарит, меандрира паралелно со железничкиот колосек комплетирајќи го крстосничкиот јазол со бул. „Гоце Делчев“, ул. „Беласица“ и ул. „Никола Карев“. Ниската вредност на постоечкиот станбен фонд во зоната на локалитетот „Ќерамидница“, на прв поглед овозможува полна ГУП-овска слобода за планиметриско позиционирање на магистралната делница. Ваквиот маневар подразбира „жртвување“ на станбениот субстандард за доброто како на неговите абоненти, така и на транзитните патници на релација населба „Јане Сандански“ – локалитет „Крњево“.

02a

ГУП-овско решение

De facto состојба

Семиотички, пребројувањето на куќичките и шупите кои треба да се срушат пред неговото булеварско „височество“, беше сигнал дека она што му е дозволено на популизмот не му е дозволено на ГУП-от! Лицитирањето со нивната вредност беше увод во партнерската неподготвеност на Градот и Општината во булеварскиот „пакет“ да се смести и квалитетот на домување на староседелците. На тој начин, расположливиот простор за одмотување на асфалтните ленти почна да губи на ширина. Притиснато од северната страна со благо сламовска структура, а од јужната со сервисната улица „518“ и наследените индустриски и пропратни капацитети, ГУП-овското решение почна да губи здив и да се повлекува во сопствената сенка.

Меката моќ на незадоволните граѓани кои, во општата депресија, лесно можат да го изумат сопствениот бенефит доколку баш тој не е и фокус на делувањето и тврдата на индустријалецот, кој нема намера да глуми апологет на девалвираниот јавен интерес, ГУП-овската интерпретација ја срамнија со егзистенцијалната дилема „да се биде или не“. Со оглед на праксата на Градот повремено да тргува со тој интерес заради „повисоки цели“, критичната маса која како магла се згуснуваше околу локалитетот „Ќерамидница“ се закануваше со одлагање на оваа тема до 2022 година, односно до новиот, можеби посреќен ГУП.

3

 

ДУП „Ќерамидница“

Dilemma состојба

Именките победа и пораз се спротивставени – антоними, а глаголските именки победување и поразување се синоними – имаат исто значење. Би било секако подобро да сме постојани победници, ама тоа е невозможно …

Пред сообраќајно-инженерската стручност таков избор не беше ставен. Во овој случај победата немаше алтернатива, што исправените пред проектната задача ги вцица во драмска дилема која требаше да породи задоволување на двата краја – планскиот, диктиран од самиот ГУП, кој предвидуваше булевар породен низ „булдожер интервенција“ и политикантскиот, кој инсистираше на максимум резултат со минимум финансиско-политички консеквенци. Влечејќи се како сенка зад сето ова, трасирањето на процедурална девијација со питка легислативна „натстрешница“ прерасна во не помалку комплексно прашање во услови кога ГУП-от не остава можност за планиметриско поместување на примарните улични коридори (сите попатни повикувања на неговите фамозни Член 34 од Општите односно Член 66 од Посебните услови за реализација на сообраќајната инфраструктура не беа од полза. Планирањето на градскиот простор на ова ниво не трпи минуциозност од проектен карактер, но ништо повеќе ни мистификација во оние текстуални делови кои се легислативни носители на Генералниот урбанистички план. А таму на примарните сообраќајници им беше обезбеден планско-проектен „вентил“ по вертикала,  не и по хоризонтала. Но, и условена можност за интевенирање во сообраќајната инфраструктура по пат на темелно студиско елаборирање).

Студиско-проектен „стент“

Правото и слободата на делување се врвни константи во идеологијата на домашните сообраќајни инженери. Разбирлива е од таму фрустрацијата од неинженерската калибрација на поставената задача, која, наместо на бришан простор, беше осудена на „иглени уши“. Специфичната нејзина и проектна и процедурална тежина произлегуваше од цврстата намера добиеното решение да поседува геометриско-оперативни карактеристики најмалку на собирна улица, кои ќе му обезбедат препознавање и долгорочна заштита веќе во наредниот ГУП. Во превод, стручните лица кои низ поедините фази беа ангажирани, требаше да овозможат промптна изградба на колекторска делница без упориште во ГУП-от – кој форсира просторно фиксирано магистрално решение – и без поддршка на ДУП-от – кој не поседува моќ било што автономно да измени во делот на примарната улична мрежа во таа смисла.

Кога сте соочени со претерано одземање, најдобар начин да продолжите е инвентаризација на она со што располагате. И што во овој случај не нудеше ништо посебно: сервисна ул. „518“, како неприродна конкавност за комуникациски продор кон јужниот дел од локалитетот. Навидум недоволно за булевар од магистрален калибар, сосема солидно за кубење на инженерските коси. Па сепак, патот до задоволството водеше низ клисурите на една комплетна метаноја. Со други зборови, разџвакувањето на осветленото ГУП-овско решение требаше да се замени со аналитичко пипање во мрак во кој, освен атрофијата на сервисната ул. „518“, немаше ама баш ништо! Меѓутоа, повеќекратните теренски увиди и мерења индицираа потенцијал на нејзиниот потенцијален коридор кој важечкиот ДУП-овски акт одбиваше да го препознае. Појдовната теза на среќното решение, кое ќе го натераше дури и Dart Vader на нежна насмевка, беше поставено: искористување на планираниот коридор на ул. „518“ низ аналитичко потврдување и проектна надградба на неговите сервисни предиспозиции до ниво на собирна улица. Тука работите почнаа малку да се компликуваат…

04-dart-vader

 

Dart Vader

Неможноста за мерења на сообраќајните токови кај непостоечка сообраќајница, врз основа на кои се поставува темелна анализа, беше амортизирана со користење на референтното ниво на оптоварување на бул. „АСНОМ“ за 2015 година, предвидено со Транспортниот модел за градот Скопје. Проценет како „релативно близок“ на реалниот обемот на булеварски патувања за таа година беше експандиран во „порции“ од 2% на годишно ниво, за период од наредните 20 години (2035). Аналитичката резервираност, секогаш присутна и упорна, ја наметнуваше непостоењето на крстоснички јазол помеѓу бул. „АСНОМ“ и ул. „Индустриска“, со што проценката на приливот и редистрибуцијата на сообраќајот на источниот „влез“ на локалитетот – од насоките населба „Јане Сандански“ и од дел од Источната индустриска зона (ФОН, погони на МЗТ, „Комуна“, „Гоце Делчев“) – влезе во сферата на погрубите претпоставки. Таквата констелација овој јазол го претвора во потенцијално ранлив елемент чиј капацитет во најхрабрите визии би требало да се спасува со трансформација на класичната четирикрака во кружна крстосница!

Ослободен од естетика за сметка на перспективната функционалност, финалниот производ ја запазува тематската окосница за комплетирање на една важна градска примарна лонгитудинала. Посебен успех стручниот труд рефлектира во делот на речиси потполното избегнување на постоечките станбени и производствени објекти, со што е задоволено основното барање кое го „чуваше“ влезот во оваа мала авантура. Крстосничката Хидра на левиот брег на р. Вардар претставува резултантна неминовност на преклопувањето на ГУП-овското и алтернативното решение. Овој невозможен јазол, секако ќе биде прочистен од страна на наредниот ГУП (2022, отпаѓа зелениот коридор), но до тој момент ова коридорско дуо ќе мора да стане составен дел на планските акти од пониско ниво, блокирајќи ја на тој начин можноста за догледен плански развој на резиденцијалниот субстандард кој, со ваквата планско-проектна кристијанија, останува, нели, „спасен“ …

05

 

Алтернативна траса

И после пајката – пајка?

Во пространите сленговски лавиринти поимот пајка („патка“) претставува синоним за измама, а најчестата форма за нејзина визуелизација како предмет достапен за сите е токму жолтата пајка. Лицемерието би било на слатка добивка доколку не признаеме дека овој орнитолошки примерок и предолго колва јалови ветувања удобно вгнезден во осојните Ќерамидници, Маџир и останати маала. Преземениот студиско-проектен мултитаскинг претставуваше шанса за пресврт во судбината на овие непрежалени урбани легенди. И сè уште претставува, под услов да собере сили и да се измолкне од кабинетската фиока во која, заради „повисоки цели“, некаде од јуни 2015 година е забункериран!

6

Жолта пајка

Селективниот третман на просторот на градот Скопје при кој поедини, па дури и централни зони со децении се фиксирани на развојните маргини, поседува црти на детериторијалност која врши дерогирање на дел од виталните транспортни сегменти. Ретроградната мешавина од исклучиви т.е. подложни на интензивен планерски третман и ини зони се сведува на долгогодишно копирантско мултиплицирање на делови, па дури и цели примарни сообраќајници без нивна соодветна операционализација. Овој долгогодишен однос е предворје за ликвидација на соодветните содржини во соодветниот простор, која токму во случајот на локалитетот „Ќерамидница“, градскиот хоризонт, наместо со елегантна супраструктура приспособена на современото урбано егзистирање, го „закити“ со индустриски оџаци.

07

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top