UNSense, компанија за архитектура и технологија, основана од UNStudio, работи на развој на индивидуална населба од 100 домови во областа Брајпорт Смарт во Хелмонд. Овој проект е нарачан од страна на фондацијата Brainport Smart District, а UNSense по нивно барање направи физибилити студија. Со цел да се зголемат придобивките на жителите и да се подобри нивниот живот, во оваа населба ќе се развие урбана платформа за податоци, која содржи податоци за домување, енергија, мобилност и здравствени состојби.
Три конзорциуми ќе бидат формирани под раководство на UNSense. Првиот ќе биде градежен конзорциум кој ќе разгледува прашања поврзани со изградба на домови и инфраструктура, потоа технолошки конзорциум за изградба на иновативна урбана платформа и конзорциум што ќе биде надлежен за развој на услугите.
Проектот 100 домови е дел од мастер планот на UNStudio за проширување на населбата Брандеворт. Планот вклучува 1.500 постојани и 500 привремени домови, зеленило и деловен парк од 12 хектари. Мастер планот е дизајниран околу клучните столбови, како што се самодоволност преку заедничка енергија и локално производство на храна, управување со вода во иднина, управување со споделени податоци и револуционерни услуги за мобилност. Има амбиција да стане „најпаметната населба во светот“.
Овој зафат всушност ќе биде „жива лабораторија“ бидејќи постојано ќе развива иновативно опкружување каде податоците и технологијата ќе се применуваат на ниво на соседство за да имаат позитивно влијание врз благосостојбата на жителите. Целта е да се забрза развојот на интелигентни услуги за да се работи на поврзување и управување со потребите и навиките на трошење на жителите, основните услуги да станат прилагодливи, додека нето-приходите ќе се зголемат. Како резултат на тоа, луѓето ќе имаат повеќе време и енергија да потрошат на повеќе значајни, пријатни и поздрави активности. Ова ќе го зголеми нивното чувство за подобар квалитет на живот, благосостојба, среќа и здравје.
Со вметнување на технологијата во домовите, автомобилите или јавните места, може да се олеснат дневните активности, притоа да се заштедат и намалат трошоците. Населбата каде луѓето ја произведуваат својата храна и енергија, врз основа на стапките на потрошувачка, може да стане циркуларна, енергетски ефикасна и позелена. Електричните транспортни уреди ќе ги направат скапите автомобили практично непотребни.
Иако видовите на домување веќе ќе бидат дефинирани, природата на таквата интелигентна, прилагодлива урбана област е таква што прецизните потреби и сродните услуги не можат да се утврдат однапред. Тие ќе се развиваат со жителите со разбирање за нивната употреба на просторот.
Проектот исто така има за цел да тестира алтернативен и фер економски модел каде жителите имаат корист од споделување на нивните информации. ‘Рбетот на новото соседство е формиран околу новата урбана платформа. За разлика од многуте постојни системи за размена на податоци, оваа платформа го користи принципот на „еднаква размена“, што значи дека сопственоста на податоците е контролирана од крајниот корисник. Жителите одлучуваат кои податоци сакаат да ги заштитат и кои сакаат да ги споделат и со кого. Ова им дава контрола на жителите врз услугите што ги развиваат околу нивните податоци.
Проектот „100 Домови“ во Хелмонд има потенцијал да биде меѓународен модел за паметен и иден урбан развој кој ќе им користи на луѓето и на планетата.
Брзата урбанизација носи со себе комплетно нов предизвик, од зголемување на социјалната изолација до огромен притисок врз постојните системи што се однесуваат на храна, енергија и вода. Brainport Smart District нуди одлична можност да ги тестира иновативните проектни решенија и да ја тестира нивната приспособливост.
Приватноста на податоците е со право многу чувствителна тема и затоа најголем приоритет ќе му се даде на ова и ќе биде формиран Совет за етика, кој ќе се состои од научници и независни експерти од јавниот и приватниот сектор. Ќе дејствува како објективно советодавно тело за решавање на теми како што се сопственост на податоци, приватност, регулатива и финансиска добивка за крајниот корисник.
Со започнување на овој проект би се креирала Урбана платформа за податоци NewCo и ќе се активираат други компании, кои треба да го откријат сопствениот деловен модел во согласност со основните цели на проектот „100 Домови“ за подобрување на физичкиот, менталниот и социјалниот квалитет на животот на луѓето во градовите. Животната средина на иднината е интелигентна животна средина со социјално и технолошки напредни населби кои овозможуваат поголема поврзаност помеѓу луѓето. Овие „паметни домови“ претставуваат основа за платформата за урбанистички податоци.
Brainport Smart District ќе стане паметен станбено-комерцијален простор што ќе биде дизајниран во согласност со новите технологии за дигитализација, транспорт, здравство, производство и складирање на енергија и принципи на кружна економија.