Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, во тек е изложбата на Вана Урошевиќ насловена „Кабинети на чуда и библиотеки“.
Следејќи некои од своите омилени теми од доменот на „тајниот живот на предметите“, оваа авторка овој пат својот интерес го насочува кон збирките произлезени од собирачката страст и несекојдневниот вкус на особено љубопитните поединци – кон „Збирките на чуда“. Овие претходници на современите музеи постоеле во шеснаесеттиот и седумнаесеттиот век во многу градови на Западна Европа, по дворците на владетелите и по палатите на богатите луѓе и сведочеле за потребата за допирот со Необичното, Неверојатното, Различното.
Без посебна потреба од класификација, во овие збирки биле насобрани предмети со одлики кои отстапувале од вообичаениот изглед на нештата, реткости од геолошко, животинско или билно потекло донесени од далечните краишта и кои биле доказ дека постојат и други можни облици на светот, различни од оние на кои сме навикнале. Дел од ваквите колекции честопати биле и збирките на уметнички дела, а во нивната близина секогаш биле и библиотеките.
Основен материјал во кој се реализирани делата на оваа изложба е рачно боената свила. На неа авторката додава цртежи, фотографии и текстови, создавајќи на тој начин еден мултимедијален простор кој е исполнет со многубројни, заемно вкрстени значења.
Фотографиите употребени за аплицирање врз свилата снимени се во манастирот Свети Лазар од Ерменија, на островот Сан Лазаро, во Палатата Фортуни во Венеција и во библиотеката на авторката. Најголем дел од цртежите се реплики на платната на сликарот од Венеција Пјетро Лонги (1701 – 1785), хроничар на необичните глетки од животот на жителите на овој град кој секогаш се двоуми помеѓу привидот и реалноста.
Сите овие извори се соединуваат во делата од оваа изложба на еден нов начин кој сака да ги спои во едно единствено доживување некогашните фасцинации пред отстапувањата од секојдневието со уживање во зачудноста како еден од облиците на современиот сензибилитет.
Вана Урошевиќ е современ македонски ликовен уметник кој дејствува на полето на новите визуелни истражувања, при што користи несекојдневни материјали и техники. Факултетот на ликовни уметности го завршила во Белград, во класата на професорот Младен Србиновиќ, а последипломските студии на истиот факултет, во класата на професорот Радомир Рељиќ, добивајќи звање магистер на сликарство. Имала самостојни изложби во Скопје, Битола, Струга, Белград, Софија, Солун, Љубљана, Виена, Њујорк. Во 2002 година изложувала на Есенскиот салон во Париз, а во 2003 била претставник на Македонија на Педесеттото ликовно биенале во Венеција.
Куратор на проектот е Маја Чанкуловска.