Креденецот „Раскажувач“ како да е извлечен од бајките. Дизајнот е на Studio Baag од Милано, кои прават еден одличен концепт за сите сонувачи кои сакаат своите колекции на предмети да ги сместат во креденец со тркалезни стаклени отвори како лупи, низ кои ѕиркаат предметите од личната ризница.
Внатрешните полици се од оревово дрво и имаат топла златеста нијанса. Се вклучуваат и внатрешни светилки кои го оживуваат креденецот, а сите предмети низ прозорчињата „раскажуваат“ за своите приказни.
Магичните стакла кои завршуваат со кружна рамка од бронза, го привлекуваат вниманието на набљудувачот да дојде поблизу и да ѕирне во тој волшебен свет.