Насловна / Арт и дизајн / Југословенските уметници ја дизајнирале Штафетата на младоста

Југословенските уметници ја дизајнирале Штафетата на младоста

Ритуалот на носење на штафета со која на Тито му се пренесувани роденденски честитки со желби за долг живот и добро здравје осмислен е уште во 1945. година, кога ЦК на Сојузот на комунистите на младината на Југославија донел одлука на 25. мај за прв пат во слобода, свечено да се прослави роденденот на Јосип Броз Тито. Штафетните палки (над 22.000), како материјална трага на оваа манифестација која траела се до 1987. година, се чуваат во Музејот на историјата на Југославија во Белград.

lokal

локални штафети

Првата штафета на Тито ја иницирал Јосиф Прохаска, предавач по физичко воспитание во гимназијата во Крагуевац и поранешен член на Соколското друштво, на чиј предлог биле организирани масовни младински штафетни трки низ Југославија во чест на роденденот на Тито.

Бројот на штафети и на поминати километри се зголемувал од година во година, така што до 1950. година бројот на носители ќе надмине еден милион. Штафетите биле поделени на главни и локални.

t2

Освен првите штафети во 1945 година, кои ги примал во Загреб, следните години, до 1956. година, Тито лично ги примал пред Белиот двор во Белград. Концептот за прв пат е променет во 1953. година, кога по примопредавањето, во дворот на Белиот двор, членовите на Здружението за физичка култура „Партизан“ извеле програма составена од гимнастички вежби, а веќе во 1955. година, финалната церемонијата на 25. мај е преместена на стадионот на ЈНА. Следната година, на стадионот доаѓа и Тито, изразувајќи ја својата желба 25. мај да стане фестивал на младоста, ден на спортот на југословенската младина, ден на физичка и духовна прослава во која ќе се вклопии традиционалната штафета на Тито. Така, роденденот на Тито почнува да се слави како Ден на младоста, а Титовата штафета го менува името во Штафета на младоста, менувајќи го и својот карактер. Наместо неколку главни штафети, Тито сега на стадионот, по завршениот слет, добива само една – сојузната штафета, која станува симбол на сите други штафети.

tt

предавање штафета 1960 година

Последните носители на штафетата, оние кои ќе му ја врачат на Тито, бирани се меѓу најдобрите студенти, работници и ученици, а морале да бидат застапени „по републички клуч“ припадници на сите народи и народности.

Штафетната палка ја дизајнирале истакнати југословенски уметници (Карановиќ, Петриќ, Хаџи-Бошков, Кучукалиќ, Килиќ, Немес, Солдатовиќ, Муратај, Силаѓи, Бранисељ, Дешпали, Делзиха…) кои таа чест ја заслужиле или со конкурс или со покана. Штафетната палка ја губи својата свежина и имагинативна форма што ја имале локалните палки на анонимни автори, и станува униформна. Најчести материјали за производство биле дрвото и металот, често и злато и сребро со додавање на скапоцени камења, а ѕвезда со петокрака, пламен или грб се карактеристики кои, по правило, се ставале на врвот на палката.

t1

1

автори: Владета Петриќ и Бошко Карановиќ, 1957

Првата Штафета на младоста тргнала од Кумровац, родното место на Тито. На 3.500 километри долгиот пат таа поминала низ сите републики, низ многу помали места и поголеми градови, каде била свечено пречекувана со специјално организирана програма. Честа свечено да му ја предаде првата Штафета на младоста на Јосип Броз Тито, на стадионот на ЈНА, му припаднала на Мика Трипал, дипломиран правник и претседател на ЦК на Националната младина на Југославија, додека самата палка ја изработиле скулпторот Владета Петриќ и графичарот Бошко Карановиќ.

62

автори: Владета Петриќ и Бошко Карановиќ, 1962

Овие автори ги изработуваат и наредните штафетни палки се до 1964. година кога честа му припаѓа на македонскиот скулптор Петар Хаџи – Бошков, истата година штафетата до рацете на Тито тргнува од Скопје. Во наредните години значајни југословенски уметници се автори на палката на Штафетата на младоста, меѓу кои хрватскиот вајар и сликар Томислав Остоја, босанско херцековскиот Алија Кучакалиќ, ученикот на Лубарда, Александар Пријиќ, Тоне Андреевски од Велес и други.

hadz

автор: Петар Хаџи – Бошков, 1964

68

автор: Томислав Остоја, 1968

70

автори: Борислав Куриљевиќ, Марк Дешпали и Зеф Делзиха, 1970

Последната Штафета на младоста датира од 1987 година, а со неа се поврзува приказна која донекаде ги навестува идните настани. Имено, таа година дизајнот на штафетата и идејното решение на плакатот за Денот на младоста биле доверени на љубљанското дизајнерско студио Нови Колективизам. Самата палка, во форма на зграда на четири столба која било невозможно да се носи, навестувало поинаков пристап на членовите на Нови колективизам кон манифестацијата, но скандал настанал кога е откриено дека плакатот всушност е малку изменета верзија на нацистички постер од 1930-тите.

За потребите на одбележувањето на Денот на младоста во 1987 година, накнадно е изработена нова штафета која ги исполнувала сите стандарди на манифестацијата. Меѓутоа, во нејзиниот изглед (осум црвени капки крв) многумина препознаваат навестувања за настаните што ќе следат на овие простори. И на оваа штафета автор е Словенец, Владимир Пездирц.

pos

автор: Владимир Пездирц, 1987

76

автори: Миливоје Унковиќ и Ратко Лалиќ, 1976

79

автор: Милена Бранисељ, 1979

80

автор: Ласло Силаѓи, 1980

81

автор: Зорица Јанковиќ, 1981

83

автор: Негован Немец, 1983

Испрати коментар

Scroll To Top