Насловна / Архитектура / Југословенскиот павилјон на Експо 1967 во Монтреал: Неочекувана историја која трае до денес

Југословенскиот павилјон на Експо 1967 во Монтреал: Неочекувана историја која трае до денес

Со тема „Човекот и неговиот свет“, светската изложба Експо 67 е одржана од 28. април до 27. октомври 1967. година во канадскиот град Монтреал, а меѓу 62-те земји учеснички беше и Социјалистичка Федеративна Република Југославија со свој павилјон, кој е несомнено единствена реликвија во историјата на архитектурата во овој регион.

Како млада држава, социјалистичка Југославија имала намера нејзиниот архитектонски придонес за овој историски настан да биде еднакво прогресивен и примамлив како придонесите на десетици други земји учеснички на Експо, но павилјонот претставен во Монтреал не го добил вниманието и пофалби за кои тогашните власти се надевале дека ќе привлече.

0

Сепак, наследството на југословенскиот павилјон се покажа дека е многу повлијателно и подолготрајно од повеќето павилјони на Експо. Првично проектиран како „привремена структура“, павилјонот на СФРЈ е преместен на канадскиот остров Њуфаундленд, каде што во градот Гранд Банк е пренаменет како „Провинциски музеј на морнари“ и каде што гордо стои до ден денес.

Конкурс во траење од еден месец

Приказната започнува во 1962. година, по неочекуваното откажување на Советскиот Сојуз како домаќин на изложбата, кога таа одговорност била понудена на второпласираниот во понудата од 1960. година – градот Монтреал, кој малку подоцна и ја прифатил.

Ваквиот развој на ситуацијата довело до тоа Канада да се потруди да го организира настанот набрзина, бидејќи од самиот почеток веќе и била лишена од две години драгоцено време за планирање на Експо 67, обидувајќи се да привлече што е можно повеќе земји во краток временски период.

01

Југославија не се обврзала цврсто на учество на овој настан до мај 1965. година, само две години пред планираното отворање на Експо 1967, односно во време кога другите земји учеснички веќе биле во процес на градење на нивните павилјони во Монтреал.

Меѓутоа, откако се обврзала на Експо, на тогашниот Сојузен извршен совет му требале уште четири месеци пред да успее да објави официјален архитектонски конкурс, кој конечно бил распишан во септември 1965. година, давајќи им на архитектите само еден месец да ги подготват своите поднесоци.

Сепак, и покрај непристојно краткиот временски рок, 59 архитектонски предлози за „Југословенскиот павилјон“, анонимно биле поднесени на разгледување од некои од најугледните архитекти во земјата, вклучувајќи ги Иван Штраус, Марко Мушич, Берислав Шербетиќ, Вјенцеслав Рихтер и многу други.

09

Почнувајќи од 15. октомври, жирито почнало да ги оценува сите пристигнати предлози. Жирито било составено од мешавина од југословенски политичари, академици, писатели, сликари, архитекти и скулптори, меѓу кои биле истакнати личности како што се архитектот Богдан Богдановиќ, скулпторот Војин Бакиќ, сликарот Миодраг Протиќ, архитект Урош Мартиновиќ и други.

На жирито му биле потребни само шест дена за да размисли пред да ги намали 59-те предлози на само шест финалисти. На овие шест финалисти потоа им бил даден рок од 45 дена да ги усовршат и повторно да ги поднесат своите предлози, а на 10. декември 1965. година објавени се конечните резултати.

Првата награда на конкурсот за павилјонот Југославија доделена е на релативно непознат автор, 28-годишниот белградски архитект Мирослав Пешиќ. Во меѓувреме, второпласиран на конкурсот бил никој друг, туку споменатиот архитект ветеран Вјенцеслав Рихтер, креаторот на претходниот југословенски павилјон од 1958. година во Брисел.

03

Бели ѕидови и остри дефинирани линии

Победничкиот концепт на Пешиќ предложил згради формирани од седум модуларни призматични форми, со наизменични ориентации, кои сите со своите широки страни биле поврзани во еден долг, континуиран изложбен простор.

Плановите предвидувале шест од овие форми да бидат со иста големина, долги 30 метри и високи 16 метри, а централната призма да биде повиока од останатите за околу 10 метри. Целосно геометриски по обем, дизајнот немал орнаменти или надворешни украси на фасадата – само бели ѕидови и остро дефинирани линии.

Единствениот живописен елемент на целиот екстериер на зградата требало да бидат портокаловите панели што ги покриваат нејзините три високи прозорци од врвот до дното и четирите мали долни прозорци. Сепак, останало нејасно каков симболичен карактер, доколку воопшто го имало, сакал да пренесе дизајнот на Пешиќ.

Во меѓувреме, втората награда на Рихтер бил концепт наречен „Полудефиниран простор“, кој предложил павилјон на отворено направен од одвоена четиристрана пирамидална структура.

Внатре во овој засводен павилјон налик на амфитеатар, Рихтер замислил низа цилиндрични елементи кои би биле обесени од таванот на пирамидата, давајќи му на целиот простор речиси сакрална атмосфера.

05

Веднаш штом се објавени, резултатите од конкурсот предизвикале речиси веднаш полемика. Многумина сметале дека избраниот дизајн не е толку амбициозен како павилјоните кои ги граделе другите земји учеснички (или оној предложен од Рихтер), додека други тврделе дека дизајнот на Пешиќ е избран врз основа на достапноста и леснотијата на изградба, а не врз основа на неговата архитектонска вредност.

Во меѓувреме, други укажувале на фактот дека само мал број од членовите на жирито на конкурсот биле архитекти од пракса, фактор за кој некои тврделе дека довел до избор на помалку смел архитектонски дизајн.

Покрај сето ова, во дебатата, како и обично, бил присутен и меѓунационлниот фактор, па така во трудот на словенечката архитектка Лара Сливник од 2015. година се наведува дека „неутрални и пофални написи [за павилјонот на Пешиќ] биле објавени во Србија, додека понеповолните мислења се печатени во Хрватска“.

1

Реализација со помош на дополнителни експерти

Во Југославија, на почетокот на 1966. година, започнала работа на монтажа на монтажните елементи на павилјонот, кои во Белград ги произведувала фирмата „Рад“. Сепак, поради прекраткиот рок (како и ограниченото искуство на Пешиќ како архитект), донесени се други експерти за да помогнат во комплетирањето на изложбената структура.

Прво е донесен архитектот и инженер Оскар Храбовски да му помогне на Пешиќ во изградбата на монтажни челични скелетни сегменти на павилјонот, кои, кога се завршени во летото 1966. година, транспортирани се од Југославија во Монтреал, Канада.

Потоа, во текот на летото 1966. година до јануари 1967. година, монтажните сегменти од павилјонот на Пешиќ се поставени и внимателно монтирани во доделениот изложбен простор на Југославија, кој на Експо се наоѓал во „ Île Notre-Dame“, веднаш до францускиот и британскиот павилјони.

По завршувањето на екстериерот, почнала завршната фаза на внатрешното уредување на павилјонот и координација на експонатите. Меѓутоа, Пешиќ не бил тој што ги дизајнирал елементите внатре во павилјонот и го опремил изложбениот простор. Имено, таа задача му била доверена на второпласираниот на конкурсот, архитектот Вјенцеслав Рихтер.

Конкурс за дизајн на ентериерот исто така требало да биде распишан, но поради временските ограничувања и со оглед на искуството што Рихтер веќе го имал во проектирањето на Експо и саемските простори за Југославија, нарачката му била доделена без конкурс.

02

Нема информации за тоа дали Рихтер и Пешиќ работеле на овој проект во пријателска и пријатна атмосфера, што би било особено интересно да се знае со оглед на бројните контроверзи и предизвици, како што се роковите, далечината и временските ограничувања со кои се соочувале.

Сепак, она што е јасно е дека двајцата архитекти успеале да соработуваат и потоа да го испорачаат југословенскиот павилјон на време за официјалното отворање на Експо во Монтреал на 28. април 1967. година.

Откако југословенскиот павилјон ги отворил вратите, изворите наведуваат дека повеќе од седум милиони посетители на Експо од целиот свет влегле во структурата за времетраењето на изложбата, но и покрај тоа, павилјонот на СФРЈ речиси и не бил споменат во меѓународните архитектонски прегледи на оваа светска изложба, забележува Лара Сливник.

04

Југославија како мост меѓу сите земји во светот

Скриенa зад експресивната триаголна архитектура на надворешноста, во рамките на павилјонот лежело огромно богатство на артефакти, експонати, инсталации и уметнички дела кои ги презентирале животот, културата и историјата на Југославија пред публиката, а официјалниот водич на Монтреал Експо го презентирал Југословенскиот сегмент од изложбата на следниот начин: „Југословенскиот павилјон на Île Notre-Dame, во близина на станицата Експо-Експрес, ги претставува Југословените кои работат за демократско, просперитетно општество. Тој се обидува да покаже како во приказната за „Човекот и неговиот свет“, Југославија презеде посебна улога како мост меѓу сите земји во светот. Павилјонотја поврзува долга и колоритна историја и античка култура со динамичниот напредок на денешницата. Тука е музика што одговара на расположението, како и уметнички прикази, вклучувајќи бесценети национални богатства и современи дела“, се вели во водичот и додава: „Одделот посветен на индустријата не го третира производството како цел, туку како средство за слободен и демократски живот. Се паметат блиските врски што ги поврзуваат Канада и САД со Југославија, пријателство кое опфаќа две светски војни и години мир. Во павилјонскиот театар се прикажуваат играни филмови од Југославија, документарни и цртани филмови, како и концерти во живо и фолклорни програми на југословенски уметници. Изложена е југословенска извозна стока, а експертите се подготвени да разговараат за деловните можности. Достапна е литература што ја опишува Југославија. Културата, улогата на земјата во меѓународните работи, економијата и туризмот, општествениот систем и владеењето се нејзините главни теми“.

2

Штом посетителите влегувале во павилјонот, првата карактеристика што веројатно ги зачудувала била огромната низа фолии со фотографии во боја со позадинско осветлување кои покривале голем дел од таванот.

Секој од овие транспарентни дисплеи, кои варирале по големина и форма, конструиран е така за да се движи низ избор на слики (се менувал на секои неколку секунди), а сите прикажувале различни сцени од урбаниот живот на Југославија, природни пејзажи, историски артефакти, антички градби и многу други нешта.

Под овие дисплеи поставена е низа дрвени вртливи столчиња на кои посетителите можеле да седнат и да се вртат наоколу, овозможувајќи им на тој начин да го согледаат секој сантиметар и перспектива на просторот.

Простор кој спојува традицијата и модерноста

Во павилјонот се претставени неколку големи модели на југословенски инфраструктурни проекти, меѓу кои браната Ѓердап на Дунав (тогаш во изградба), мостот Газела во Белград (исто така во изградба), како и модели на планираниот град Велење во Словенија и планираната реконструкција на Скопје по земјотресот.

Покрај тоа, претставен е и макета на амбициозниот и наскоро изграден Музеј на револуцијата во Белград, кој исто така е дело на повеќепати споменуваниот архитект Рихтер, кој бидејќи не успеал да го изгради својот павилјон во Монтреал, ја искористил приликата да го дизајнира неговиот ентериер со голем ентузијазам.

07

Како што може да се види на фотографиите, Рихтер составил иновативен и харизматичен простор кој секако зборувал и за традиционалното наследство и за модерноста на Југославија.

Внатрешноста била обоена во бела боја за да одговара на надворешноста на павилјонот, меѓутоа, во дијагоналните тавански простори што се наведнувале над главата, Рихтер поставил тенки хоризонтални панели од борово дрво, давајќи му на павилјонот современа, но топла и рустикална атмосфера.

Покрај тоа, кога ќе се погледаат овие историски слики од внатрешноста на павилјонот, може да се видат необични метални скулпторски инсталации кои висат од центарот на таванот, многу слични на скулптурите на металниот таван што овој архитект ги замислил во неговиот концепт на павилјон.

Така, овие метални дела би можеле да бидат суптилниот начин на Рихтер за инкорпорирање на мали елементи од неговиот сопствен оригинален концепт во внатрешноста на дизајнот на павилјонот на Пешиќ.

08

Во меѓувреме, околу периметарот на павилјонот биле распоредени стаклени витрини кои содржеле повеќе скапоцени и вредни експонати и артефакти, од археолошки остатоци (како делови од римскиот град Сирмиум), преку икони, до ракописи на Душановиот законик од 14. век.

Потоа, на пониските нивоа на павилјонот биле сместени низа деловни изложби за да се олесни соработката во меѓународната трговија, додека долу имло и театар со 70 седишта во кој на публиката и се прикажувани различни содржини, како партизански филмови, југословенски цртани и документарни филмови, како и презентации за животот и културата низ земјата.

Конечно, последната значајна карактеристика на павилјонот што треба да се спомене е големата осветлена релјефна карта на земјата Југославија, која била претставена хоризонтално на влезот во зградата со цел да се ориентираат и информираат посетителите за географијата на земјата.

060

Патот од изложбен павилјон до поморски музеј

Правејќи го својот павилјон за Експо во Монтреал, Југославија од почетокот имала намера да ја продаде преостанатата структура по изложбата, сакајќи да ги избегне трошоците за транспортирање назад во земјата, како и трошоците за демонтирање, бидејќи управата на Експо барала сите локации за павилјони да бидат оставени точно во состојбата во која се пронајдени.

Всушност, југословенската влада склучила договор уште пред да започне Експо дека зградата ќе му биде продадена на жителот на Монтреал Антон Бебек за 30.000 канадски долари, а Бебек веднаш му ја продал на бизнисменот од Торонто Х. Хербштајн.

Меѓутоа, раководните тела на Експо ја известиле Југославија дека оваа работа не ја ослободува државата од финансиската одговорност за демонтирање на павилјонот и чистење на локацијата. Како одговор на ова потсетување, Бебек и Хербштајн изјавиле дека немаат капитал потребен за деконструкција на павилјонот.

000

Со оглед на тоа што иднината на југословенскиот павилјон била доведена во прашање додека Експо се приближувал кон крајот, Хербштајн се поврзал со владата на провинцијата Њуфаундленд и Лабрадор, особено со членот на покраинското собрание Т. Алекс Хикман и премиерот на Њуфаундленд Џозеф Смолвуд.

И Хикман и Смолвуд го виделе југословенскиот павилјон за време на Експо и многу ја ценеле неговата форма, бидејќи ги потсетувал на едра и биле заинтересирани да ја добијат структурата за нивниот остров.

Постигнат е договор меѓу сите страни според кој СФРЈ ќе го раскине договорот со Хербштајн доколку неговите трошоци за купување бидат надоместени од провинцијата Њуфаундленд и Лабрадор, така што Југославија потоа ќе го продаде павилјонот на оваа канадска покраина за симболична сума од еден долар, под услов покраината да ги покрие сите трошоци за демонтирање, уредување на локацијата и транспорт.

Откако покраината го добила павилјонот, Хикман, роден во крајбрежниот град Гранд Банк, се залагал за идејата да го премести во неговиот роден град, каде што може да биде воспоставен како поморски музеј.

Преку 1.000 луѓе на отворањето

Во 1968. година, една година по завршувањето на Експо, започнале напорите за демонтирање на југословенскиот павилјон и долгата задача да се транспортира, прво со брод до пристаништето Ботвуд на островот Њуфаундленд, а потоа по копно до Гранд Банк.

Откако делови од павилјонот пристигнале во градот, структурата била макотрпно составена помеѓу 1968. и 1971. година на источните граници на Гранд Банк, а надворешноста на комплексот е изградена исто како што изгледала на светската изложба во Монтреал.

Изворите наведуваат дека изградбата на овој музејски проект во Гранд Банк ја чинела покраината околу еден милион канадски долари. Сосема новиот провинциски поморски музејски комплекс официјално е отворен на 1. септември 1971. година за време на раскошна церемонија на која присуствувале над 1.000 луѓе.

050

Во написите во весниците кои го најавувле отворањето на музејот, локалните новинари биле толку горди на него што велеле дека е „една од најатрактивните згради во Њуфаундленд, Канада или, всушност, цела Северна Америка“.

Новиот музеј бил исклучително популарен кај локалните жители и веднаш станал симбол на Гранд Банк, како и на полуостровот Бурин и околниот регион.

Проектиран е не само како музеј посветен на богатата поморска историја на Њуфаундленд, туку и да функционира како спомен на многуте рибари во регионот кои ги загубиле животите на море низ годините.

010

Реликвија на земја која веќе не постои

За заедницата на Гранд Банк, апстрактните бели триаголници во архитектурата на новиот музеј ги претставуваат белите едра на поморските бродови толку важни за културата и историјата на Њуфаундленд.

Во текот на децениите, Музејот на морнарите продолжи да работи како ценета и почитувана културна институција во градот Гранд Банк, како и во провинцијата Њуфаундленд и Лабрадор, а во 2000. година, голем мурал на североисточната страна на музејот беше насликана од локалните уметници Џим Мајлс и Бојд Халовеј.

Но, и до денес, многу посетители на оваа зграда не веруваат дека музејот првично бил Експо павилјон на социјалистичка Југославија, ниту дека потекнува од свет далеку од Њуфаундленд, а е создаден од уметници и архитекти од земја која веќе не постои.

Текстот е преземен од веб-страницата spomenikdatabase.org

Испрати коментар

Scroll To Top