Насловна / Вести / Јубилеен 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија

Јубилеен 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија

Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ) е стручна, научна, волонтерска и непрофитабилна организација, основана во 1976 година, со цел да го поттикне и промовира научниот и развојот на струката преку разни форми на соработка помеѓу градежните конструктори и сите останати инженери. Целта на ДГКМ е да ги организира и поврзе сите инженери кои делуваат во областа на градежното контрукторство, да ги презентира најновите научни и стручни достигнувања во областа, да ги следи и претстави на своите членови најновите модерни текови во струката.

Од моментот кога е формирано, ДГКМ го одбележува карактер на постојаност, креативност и силен стремеж да се пренесе знаењето од генерација на генерација. Независно од општествените, политичките и социјалните состојби во државата и во регионот, во Друштвото отсекогаш постоела обединувачка и позитивна енергија меѓу градежните инженери конструктори.

Прв претседател на ДГКМ бил проф. д-р Александар Ангелов-Цане (1976-1984), а по него со Друштвото раководеле уште и м-р Цветан Таневски – Цони (1984-1990), проф. д-р Санде Атанасовски (1990-1994), проф. д-р Тихомир Николовски (1994-2001), Томе Тромбев (2001-2009), проф. д-р Горан Марковски (2009-2013) и проф. д-р Мери Цветковска (2013-2022). Од 2022 година, за претседател е избран вонр. проф. д-р Дарко Наков.

1

Сл. 1 Учесници на Симпозиум на ДГКМ

ДГКМ организира повеќе настани, од кои најзначаен е Меѓународниот симпозиум на ДГКМ. Првиот Симпозиум е организиран во 1977 година, со само 12 домашни трудови. Вториот Симпозиум со 20 трудови е организиран во 1982 година, а третиот со 29 трудови во 1986 година. По четвртиот Симпозиум, на кој се презентирани  43 трудови, а е организиран во 1991 година, сите следни се организираат на секои две години. По неколкуте успешно одржани симпозиуми, во 1989 година на ДГКМ му е доделена Повелба за најдобра републичка организација во рамките на Сојузот на инженери и техничари на тогашната држава Југославија. Со тоа само го потврдува своето место меѓу градежните инженери, како и меѓународниот карактер. Веќе од 1993 година, бројот на вкупно објавени научни и стручни трудови редовно надминува 100, со значителен број трудови, понекогаш дури и до 50 отсто, од автори од други земји.

2

Сл. 2 Постери од претходните 12 симпозиуми на ДГКМ

Амблем на ДГКМ

Амблемот на ДГКМ е стилизирана човечка фигура составена од голем број структурални сегменти која го претставува градежниот конструктор, исправен и во цврст исчекор напред. Долната плоча, на која фигурата стои, го симболизира масивниот фундамент на знаењето, додека горната, одвоена од фигурата, ја симболизира моќта на конструкторската мисловна енергија.

Амблемот е исцртан со линии со сребрена боја врз заднина од александриска сина. Автор на амблемот на ДГКМ е архитект Митко Хаџи-Пуља.

3

Сл. 3 Амблем на ДГКМ

 Членство во IABSE (International Association for Bridge and Structural Engineering)

4

Сл. 4 Лого на Македонската национална група на IABSE

ДГКМ од минатата година е колективен член во Меѓународната асоцијација за мостови и конструктивно инженерство, IABSE. За прв пат во историјата на нашата држава, формирана е и Македонска национална група на IABSE. IABSE е асоцијација која ги обединува сите инженери од целиот свет од областа на конструктивното инженерство, во која членуваат над 3 000 инженери од преку 100 држави од светот. Повеќе информации околу IABSE и нејзините активности може да се добијат на www.iabse.org.

5

Сл. 5 Основање на Македонската национална група на IABSE

6

Сл. 6 Членови на Македонската национална група на IABSE

Јавен конкурс за признанија на ДГКМ

Во тек е Јавен конкурс за доделување на традиционалните признанија за најдобро остварување во областа на градежното конструкторство, кои се доделуваат на дела завршени во 2021, односно во 2022 година, за секоја од следните три категории:

  • Теориско и/или експериментално истражување на конструкции;
  • Проектирање на конструкции,
  • Градење на конструкции.

Комплетно подготвените предлози за доделување на Признанието за најдобри конструкторски остварувања во 2021 и во 2022 година треба да бидат доставени на адреса: Друштво на градежните конструктори на Македонија, Градежен факултет – Скопје, бул. „Партизански одреди“ бр. 24, П. фах 560, 1 000 Скопје, и/или по електронски пат на email-адресата: [email protected].

Потребни документи:

  • Пријава;
  • Целосен труд/проект со графички прилози/фотографии;
  • Рецензија објавена во Билтен/Завршен извештај од ревизија/Технички прием во годината за која се пријавува.

Почесни и заслужни членови на ДГКМ

Започнувајќи од 2001 година, а ценејќи го придонесот на истакнати поединци – градежни конструктори од нашата држава во остварувањето на програмските и на статутарните цели на ДГКМ, креативната примена на конструкторските знаења и техничко-технолошките достигнувања и преку тоа, промовирањето и зајакнувањето на општествената позиција на градежното конструкторство, како и генерално, за досегашниот развој на Друштвото на градежните конструктори на Македонија, се доделува назив Заслужен член на ДГКМ. Називот Заслужен член на ДГКМ се доделува само на градежни конструктори, државјани на Република Северна Македонија.

Тргнувајќи од оценката за придонесот на истакнати поединци – градежни конструктори од странство, за поттикнувањето и зајакнувањето на меѓународната соработка, за размената и трансферот на знаења и техничко-технолошките информации се доделува и назив Почесен член на ДГКМ. Називот Почесен член на ДГКМ се доделува само на странски државјани.

7дг

Сл. 7 Добитници на признанија за Почесен член, Заслужен член и Најдобро остварување во областа на градежното конструкторство за 2019 и за 2020 година

20. Меѓународен симпозиум на ДГКМ

Оваа година се одржува јубилејниот 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ). Симпозиумот ќе се одржи на 28-29 септември, 2023 година, во хотел DoubleTree by Hilton во Скопје.

Во рамки на Симпозиумот, ќе се одржи и тркалезна маса на која ќе се отвори дискусија околу актуелните случувања во градежништвото во претходниот период, но и во периодот кој следува. Како дел од Симпозиумот, на 30 септември е планирана опционална техничка посета на мостот на ул. „Љубљанска“ кој е во фаза на градба и туристичка посета на кањонот Матка.

Годинава, преку поголем број на настани ќе биде одбележана 60-годишнината од скопскиот земјотрес, историски моќен потсетник за значењето и одговорноста на нашето професионално делување. Настан кој означува пресвртница во македонското, но и во европското градежно контрукторство. Оттука, 20. Симпозиум на ДГКМ ќе овозможи рефлексија на целокупното стекнато и применето знаење во изминатите шест децении во областа на асеизмичкото проектирање, но и дискусија за предизвиците кои ни претстојат. Во фокусот на Симпозиумот ќе бидат и глобалните предизвици поврзани со климатските промени и ефектите кои тие ги имаат врз конструкциите, опфаќајќи ги концептите на робустност, приспособливост, одржливост, трајност, долготрајно менаџирање и доверливост на конструкциите. Во тој контекст, темата на 20. Симпозиум на ДГКМ е „Отпорни конструкции”, („Resilient Structures”).

На Симпозиумот ќе гостуваат избрани светски експерти од областа со повикани предавања. До моментов, потврдени предавачи се:

  • Dr. Tina Vejrum-Denmark, Претседател на IABSE,
  • Prof. Svetlana Brzev, University of British Columbia-Canada,
  • Prof. Eleni Chatzi, ETH Zurich, Switzerland,
  • Prof. Alpеr Ilki, Istanbul Technical University-Turkiye,
  • Prof. Gerard O’Reilly, IUSS Pavia-Italy,
  • Prof. Peter Mark, RUB-Germany,
  • Marco Novarin, Freyssinet-France,
  • Prof. Josip Atalic, University of Zagreb-Croatia,
  • Dr. Viktor Markelj, Ponting Bridges-Slovenia и
  • Prof. d-r Vlatko Sheshov, IZIIS, UKIM-North Macedonia.

Ќе бидат прифатени научни и стручни трудови од главната тема, но и од дополнителните теми во продолжение:

  • Теориски и експериментални анализи на конструкции,
  • Современи методи за проектирање и изведба на конструкции,
  • Следење на состојбата, однесувањето и оштетувањата на објектите,
  • Одржување, поправка и зајакнување на објектите,
  • Доверливост и трајност на конструкциите,
  • Информациски и БИМ-технологии во градежното конструкторство,
  • Современи материјали и технологии за одржлив развој,
  • Паметни згради и инфраструктурни објекти,
  • Отпорни градови.

Настанот ќе биде организиран од ДГКМ, под покровителство на Министерството за транспорт и врски, а коорганизиран од Македонската национална група на IABSE, Градежниот факултет – Скопје, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Архитектонскиот факултет – Скопје, УКИМ, Македонската асоцијација за земјотресно инженерство и Комората на овластени архитекти и овластени инженери. На свеченото отворање ќе биде одбележана и 74-годишнината од основањето на Градежниот факултет – Скопје, институција која е најзаслужна за постоењето на ДГКМ.

На локацијата на која ќе се одржува Симпозиумот ќе биде обезбеден специјален изложбен простор за спонзорите поддржувачи на настанот. Повикот за спонзорство е продолжен и сè уште отворен и ќе претставува одлична можност за општествено одговорните компании во нашата држава и во регионот пред околу 400 очекувани учесници, да ја претстават големината и успешноста на своите компании.

Подетални информации околу повиканите предавачи, пакетите на спонзорство, регистрација за учество, програмата како и роковите за поднесување на апстракти може да се најдат на веб- страницата на ДГКМ: http://mase.gf.ukim.edu.mk и на LinkedIn или да се добијат на e-mail: [email protected]. Се надеваме на Вашето учество на Симпозиумот за заеднички да ја продолжиме традицијата на ДГКМ.

Автор: Вонр. проф. д-р Дарко НАКОВ, претседател на ДГКМ

8

Испрати коментар

Scroll To Top