Денес, во просториите на Градежниот факултет во Скопје, се отвори Саемот за вработување и кариера – Job Fair 2014, настан кој традиционално се одржува секоја година, додека оваа година се случува по јубилеен 10-ти пат.Организатори на овој настан се Градежниот факултет и Бордот на европски студенти по технологија (БЕСТ) од Скопје.
Job Fair им ја нуди можноста на студентите и дипломците да учествуваат на тренинзи со кариерно поврзана тематика, да стапат во директен контакт со работодавците и да се информираат за понудата и главните активности на компаниите учеснички.
Во рамкте на настанот беа одржани и неколку предавања на кои зборуваа професори од Градежниот факултет, како и дипломирани студенти. Така, проф. д-р Горан Марковски зборуваше на тема „Градежната експанзија, шанса и предизвик“, проф. д-р Дарко Мославац и асист. м-р Златко Зафировски за „Подземната сообраќајница во Скопје, осврт кон технологија на изведба“, додека авторите проф. д-р Тодорка Самарџиоска, Ана Караџа, Сања Гашпарова имаа своја презентација на тема „Приказ на методи за градба на енергетски ефикасни објекти“.
Во холот на Градежниот факултет се поставени штандови на компании и институции како „Жикол“, „Адора“, Градежен Институт-Скопје, „Геинг“ од Скопје, „Кнауф“ и од самиот Градежен факултет, на коишто студентите можат да ги добијат потребните информации и понуди.
Job Fair е веќе познат бренд меѓу студентите и компаниите и забележува растечки интерес секоја година. Досега има соработувано со преку 50 компании, а секоја година саемот го посетуваат повеќе од 5000 студенти. Ова е подеднакво добра можност, како за студентите така и за компаниите, успешно да се промовираат и да стапат во непосреден контакт.