Во септември ќе се организира јавна и стручна расправа за урбанистичкиот план за подрачја и градби од државно значење за интерконективниот гасовод Македонија – Грција.
Пред расправата на 17 и 18 август е предвидена и јавна презентација на планот кој ќе ги опфати општините Неготино, Демир Капија, Гевгелија и Богданци.
„Урбанистичкиот план за подрачја и градби од државно значење за интерконективен гасовод Република Северна Македонија – Грција ќе биде достапен за увид на широката јавност и јавно презентиран од 17.08.2022 година до 18.09.2022 година на веб страната на Министерството за транспорт и врски како и во електронскиот систем Е-урбанизам, веб страните на Општините Неготино, Демир Капија, Богданци и Гевгелија. Исто така во хартиена форма примерок од урбанистичкиот план ќе биде изложен на увид и проверка на широката јавност во просториите на Министерството за транспорт и врски и во општините Неготино, Демир Капија, Богданци и Гевгелија, соодветно на административните граници на општините“, објави министерството.
Јавната расправа ќе се одржи на 20 септември во 10 часот во просториите на Министерството за транспорт и врски.
Стручната расправа ќе се одржи на 28 септември во 10 часот во просториите на Министерството за транспорт и врски.
„Учесниците во стручната расправа можат да ги достават своите забелешки најдоцна во рок од 15 дена од одржувањето на стручната расправа. Забелешките ќе бидат составен дел на записникот од стручната расправа, врз основа на кој се изготвува извештај од стручната расправа, што го изработува стручна комисија формирана од донесувачот на планот“, дополнува министерството.