Во општина Крива Паланка денеска се одржа јавна консултација за проектната документација за реализација на проектот „Изградба на државен пат А2, делница Ранковце – Крива Паланка, на ниво на експресен пат“ во должина од над 20 километри.
Консултацијата ја организираа Јавното претпријатие за државни патишта и општина Крива Паланка, со цел запазување на делот на заштита на животната средина и социјалните аспекти, како и за детално запознавање на јавноста за плановите за реализација на проектот.
Финансиите за проектот се планира да се обезбедат од Светска Банка, според чии барања, во делот на заштита на животната средина и социјалните аспекти, уште во раната фаза на подготовка на документацијата, неопходно е да се одржат јавни консултации со засегнатите страни и локалното население на населените места долж делницата.
Според најавите од Владата, делницата Ранковце – Крива Паланка ќе биде изградена на ниво на експресен пат во должина од 22 километри и ширина од 12,5 метри. Изградбата треба да почне во 2016, а да заврши во 2018 година.