Јапонскиот меѓународен аеродром Кансаи (КIX) прославува 30 години работа без да изгуби ниту едно парче багаж, соопштија од аеродромот.
Седмиот најпрометен јапонски аеродром соопшти дека не изгубил ниту еден патнички багаж од отворањето во септември 1994 година, пренесува Си-Ен-Ен.
Кансаи има во просек од 20 до 30 милиони патници годишно.
Skytrax, веб-страница за рангирање и оценување на воздухопловството со седиште во Велика Британија, го прогласи аеродромот Кансаи за најдобар во светот за испорака на багаж и му ја додели наградата во април.
Кансаи е рангиран како 18-ти најдобар аеродром во светот за оваа година, зад меѓународниот аеродром во Токио, Нарита која е на петтото место и Ханеда на четвртото место.
При изборот на најдобар аеродром, се земаат предвид критериумите како што се пристигнувањето на багажот навреме, понудата на храна и пијалоци, процентот на слетувања и полетувања на време и хигиена.
Аеродромот Кансаи е изграден на вештачки остров во заливот Осака и ги опслужува регионите Осака, Кјото и Кобе.
Кансаи моментално се подготвува за Експо 2025, кој ќе се одржи во Осака.