Јапонската љубов кон возовите е позната ширум планетата. Се работи за држава во која уште во 1964 година е воведена првата брза линија, славниот Шинкансен („воз куршум“), кој во меѓувреме стана еден од најпрепознатливите брзи возови на светот. Јапонија има мрежа од 2764 километри железничка пруга која се протега низ секој дел од оваа островска земја. Иако Кинезите дебело ги претркаа во должината на железничката мрежа, Јапонците и натаму се елита во железничкит транспорт, за што е заслужна безбедноста, точноста и максималната оперативна брзина од 320 km/h.
Денес, јапонската железница нуди не само брзина, туку и луксуз. Се работи за неодамна претставениот воз (Train Suite Shiki-shima), со кој управува компанијата East Japan Railway и кој нуди неверојатен луксуз споредлив единствено со оној на големите крузери. На сметка на лукзусот пак, возот има за јапонски услови многу скромна брзина од 110 km/h (за многу други национални железници особено за нашата оваа брзина, се разбира, е далеку од скромна).
Возот има само 10 вагони со капацитет од 34 патници и 17 апартмани, при што цените за еден билет се движат од 4250 до 8500 УСД. Цената и не е за изненадување со оглед на содржините на возот, односно салон со пет ѕвездички, луксузни бањи и ресторан со шеф со Мишелинова ѕвезда. Првото патување овој воз го имаше на 1 мај годинава, а целосно е букиран до април 2018. За премиерното патување интересот бил толку голем што неопходно било патниците да се изберат по пат на лотарија. Патувањето трае од два до четири дена (во зависност од годишното време и одбраната понуда), почнува и се завршува во Токио, при што се минува низ многу познати пејзажи од земјата на изгрејсонцето.