Справувањето со ризикот од природни и човечки создадени катастрофи носи во себе потенцијал за заштедување на милијарди долари. Трошоците за менаџирање на ризикот од катастрофи се слични со оние предвидени за климатските промени, пресметани околу 75 до 100 милијарди американски долари за временскиот период 2010 – 2050 година. Ризикот како имагинарен конструктор е основа за дури 63 проценти од светските бизниси, кои гледаат можност за профит во намалувањето на ризикот од катастрофи.
Азискиот континент е регион кој е најсклон кон физички и економски штети предизвикани од природни катастрофи. Азиските густо населени градови и брзо растечките градови на крајбрежјата продолжуваат да бидат особено сензитивни на катастрофи предизвикани од временски непогоди како поплави, бури (Штифтунг, 2013).
Намалувањето на ризикот од катастрофи е концепт и практика, преку систематски обиди да се анализираат и менаџираат факторите што доведуваат до катастрофа, вклучувајќи намалување на изложеност на хаварии, намалување на сензитивноста на луѓето и недвижностите, мудар менаџмент на земјата и околината, како и подобрена подготовка за настани во кои се случува катастрофа (UNISDR 2008).
Справувањето со природни катастрофи носи директни реперкусии и влијанија врз урбанистичкото планирање на градот. Секоја година во декември, традиционално се одржува колаборативната работилница за справување со природни катастрофи и урбанистичко планирање во Осака, Јапонија, како соработка помеѓу универзитетот Тамасат, Архитектонскиот факултет во Банкок, Тајланд, и универзитетот Ритсумеикан, Колеџ за политички науки, Осака, Јапонија. Од 11 до 23 декември минатата година, работилницата беше посветена на темата „Составување на полиси за урбан развој и конзервација на историски и културни области во Кјото и Осака, Јапонија“.
Јапонското високоразвиено општество пресликано во градот: заштитените културни и историски делови на градот, прочистените форми на уредување на градовите, обезбедувањето на модерен транспорт и инфраструктура и одговорот на различни корисници при планирањето на просторите во својата физичка манифестација, како главен фактор го носат токму справувањето со ризикот од природни катастрофи.
Јапонското општество се наоѓа на преминот од општество кое старее во остарено општество поради значително намалување на наталитетот. Заштитувањето на популацијата од природни катастрофи е приоритет во планирањето на градот.
Најпрвин, образованието се одвива во три фази во коишто, во првата се користат средства преку кои партиципиентите би можеле да ја замислат/доживеат дадената катастрофа, потоа се користат методи за подигнување на свеста за учество и организација во дадена катастрофа, и на крајот се врши запознавање со важни информации за логистиката со којашто располага дадената област.
Административната структура е преку распределување од префектурата кон градот кон основните училишта. Објектите за образование играат клучна улога во случувањето на катастрофите, бидејќи тие се центарот на заедниците и како такви сите се обезбедени да имаат двојна улога и да можат да се трансформираат во центри за евакуација. Во спасувањето за време на големиот земјотрес Ханшин ауаи во 1995 година, предавачите истакнаа дека скоро 34% од луѓето се спасиле сами, 31% биле спасени од семејството и 28% биле спасени од соседите, спасувачите успеале да спасат само 2% од населението.
Разбирањето на релациите помеѓу природните и човечки создадените катастрофи и физичкото планирање на градот во однос на нив, може значително да го намали импактот и ранливоста на случувањето. Осврнувањето на општеството, заедницата и индивидуалците кон урбаното планирање и фреквентноста на случување на природни катастрофи е постојано во преден план кога се размислува за иднината на јапонските градови.
Пристигнувајќи во кампусот Ристумеикан во градот Ибараки, сместен во префектура на Осака, доживеавме можност да се сместиме во објекти – исклучителни примери на современата архитектура: конгломерација на волумени со прочистена архитектонска естетика, функционално едноставно организирани простории, места за работилници, лаборатории за идеи, аудиториуми поврзани со едноставно пристапни комуникации, надземни коридори и кровни градини. Тоа не зачудува, бидејќи Ибараки е дом на позната црква на Тадао Андо, црква на светлината којашто привлекува посетители од целиот свет.
Во внатрешноста на факултетот, слично на кадрите од „2001: Вселенска одисеја“, се сретнуваат дизајнирани ентериери како од 60-тите и 70-тите години. Околу објектите на поединечните факултети мали градини ги симболизираат инцијативите да се приближи универзитетот до заедницата (новиот кампус е отворен во април 2015 година). Организираните волумени на засебните факултети се поставени на локација без огради, ѕидови, покрај голема површина на парк кој наликува повеќе на поле за преговарање отколку на парче пејзажна архитектура.
Паркот Ивакура, добитник на наградата од Осака за најдобра пејзажна архитектура во 2015 година, има двојна функција, најпрвин како простор за евакуација од земјотрес. Површината вдомува скромен број на урбани елементи и структури – сите од нив со двојна функција, секоја засебно може да се користи како специфична „услуга“ во време на природна катастрофа. Клупата каде што седат луѓето преку ден и пијат кафе, се трансформира во мини кујна за готвење храна, отворената пергола се затвора да создаде засолниште, светилките генерираат светлина преку соларни панели и јачината на ветерот, капаците од канализацијата се подигнуваат и на нив може да се постави монтажен тоалет.
Живеењето со можноста од катастрофа е главен мотив за одржувањето на работилницата. Добро се сеќавам кога ми се случувало да видам на телевизиски пренос снимка од природни катастрофи во Азија, снимки од внатрешноста на објектите, од самото случување на земјотресот, слика која е соблечена од бои. Намалувањето на ризикот од катастрофа во Јапонија е сеприсутно во регулативите за урбано планирање и урбаниот дизајн.
Живеејќи дневно со ризикот од соочување со природна катастрофа, јапонското општетство има обликувано систем на организација, перцепција и планирање во индината. Контекстуалниот фактор во себе ја носи природната катастрофа како интензивен аргумент на кој било дизајн предлог и идеја која треба да одговори на квалитетот на живеењето во јапонските населени места.
(Продолжува во следниот број)