Насловна / Вести / „Јадро“ покрена иницијатива за јавно-цивилно партнерство

„Јадро“ покрена иницијатива за јавно-цивилно партнерство

jadro (3)

Асоцијацијата на независната културна сцена „Јадро“ покрена иницијатива за формирање мешовита установа, хибридна институција која ќе биде првиот пример за јавно-цивилно партнерство во Македонија. Овој модел, кој е втемелен на партнерство помеѓу локалната власт и граѓанската мрежа, составена од организации, поединци и од неформални групи, обезбедува суштинска децентрализација на моќта и обезмоќување на досегашните практики на партиски влијанија.

Членовите на „Јадро“ вчера во ЕУ Инфоцентар организираа јавна расправа, на која беше презентирана политичката и економската оправданост на овој модел.

Искра Гешоска, претседателката на „Јадро“, вели дека на културното поле доминираат јавните институции како театри, музеи, во кои се насочени сите јавни финансиски влогови. Оправданоста на таквите вложувања во јавните институции не само што не се преиспитува, туку се подразбира.

Ваквата идеја „Јадро“ ја црпи од искуствата на иницијативата „Погон“ од Загреб. Претставникот на „Погон“, Теодор Целакоски вели дека е нужна потребата од независна граѓанска и културна иницијатива, како и дека финансирањето на еден таков проект од страна на локалната власт е мал трошок во однос на трошоците што ги имаат властите за останатите проекти.

За нов социо-културен простор во Скопје, од „ Јадро“ пред една година преговарале со Министерството за култура. Иако проектот бил внесен во акцискиот план на Националната стратегија за култура, работите застанале, велат од оваа Асоцијација. А, од ресорното министерство, со одговор дека во согласност со Националната стратегија, во соработка со Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, активно се работи на изнаоѓање простори кои би биле искористени за потребите на независната културна сцена. Во меѓувреме, помош понуди општината Центар.

Испрати коментар

Scroll To Top