На 28 и 29 септември, 2023 година се одржа јубилејниот 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ), во хотел DoubleTree by Hilton во Скопје.
СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ
На свеченото отворање на настанот се одбележа јубилејниот 20. Симпозиум, но и 60-годишнината од Скопскиот земјотрес и 74 години од основањето на Градежен факултет Скопје при УКИМ. Во таа чест, настанот започна со 3Д мапинг шоу, посветено на Скопскиот земјотрес и на главната тема „Отпорни конструкции“. Свое обраќање имаа претседателот на ДГКМ, вон. проф. д-р Дарко Наков, деканот на Градежен факултет Скопје, проф. д-р Горан Марковски, ректорот на УКИМ, проф. д-р Билјана Ангелова, постојаниот претставник на UNDP, Армен Григорјан, претседателот на IABSE, д-р Тина Вејрум, претседателите на регионалните друштва на градежните конструктори на Србија и Словенија, проф. д-р Златко Марковиќ и проф. д-р Примож Може, претседателот на МАЕЕ, проф. д-р Зоран Ракичевиќ, деканите, продеканите или претставници на градежните факултети од РУБ, Германија, проф. д-р Рудигер Хофер, од Белград, проф. д-р Иван Игњатовиќ, од Подгорица, проф. д-р Марина Ракочевиќ, од Загреб, проф. д-р Ана Баричевиќ, од Нови Сад, проф. д-р Игор Пешко, од Ниш, проф. д-р Славиша Трајковиќ, директорот на ИЗИИС, проф. д-р Влатко Шешов и деканот на Архитектонскиот факултет Скопје, проф. д-р Огнен Марина. Последен се обрати министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој го прогласи и официјално Симпозиумот за отворен. Настанот можеше да се следи во живо и на Youtube каналот на ДГКМ, (MASE_DGKM), каде сè уште се достапни и снимените видеоматеријали.
134 НАУЧНИ И СТРУЧНИ ТРУДОВИ
На овогодинешниот симпозиум беа презентирани вкупно 134 научни и стручни трудови, беа присутни околу 600 гости од 30 држави од целиот свет, а гостуваа и 10 избрани светски експерти од областа со повикани предавања:
- Dr. Tina Vejrum-Denmark, Претседател на IABSE,
- Prof. Svetlana Brzev, University of British Columbia-Canada,
- Prof. Eleni Chatzi, ETH Zurich, Switzerland,
- Prof. Alpеr Ilki, Istanbul Technical University-Turkiye,
- Prof. Gerard O’Reilly, IUSS Pavia-Italy,
- Prof. Peter Mark, RUB-Germany,
- Marco Novarin, Freyssinet-France,
- Prof. Josip Atalic, University of Zagreb-Croatia,
- Dr. Ruediger Hoeffer, RUB-Germany и
- Prof. d-r Vlatko Sheshov, IZIIS, UKIM-North Macedonia.
Настанот беше организиран од ДГКМ, под покровителство на Министерство за транспорт и врски, а коорганизиран од 12 институции, поддржан од 41 приватна компанија и медиумски поддржан од три медиумски партнери.
На сите нив, како и на повиканите предавачи, им беа врачени благодарници за поддршката и за одржаните предавања.
НАГРАДИ
Традиционално, на свеченото отворање беа доделени и наградите за најдобри остварувања во 2021 и 2022 година, и тоа за 2022 година од областа на изведбата на конструкции на тимот: Ивана Димитрова, Кристина Миладиновска, Андреа Серафимовски за „Изградба на мост на бул. Асном“, а од областа на науката за 2021 година на: Цветанка Чифлиганец за научноистражувачкиот труд „Експериментално истражување и нумеричка анализа на спрегнати плочи од дрво и бетон на амбиентална температура и во пожар“, Кристина Милкова за научноистражувачкиот труд „Методологија за определување на функции за сеизмичка повредливост на постоечки конструкции од неармирана ѕидарија“ и Никола Наумовски за научноистражувачкиот труд „Интегриран методолошки пристап за анализа на влијанието на вибрации од железнички сообраќај врз луѓето и објектите“ и за 2022 година на: Милош Стокуќа за научноистражувачкиот труд „Фасадни и кровни сендвич панели во функција на подобрување на јакоста и деформабилноста кај челични конструкции“ и тимот Елена Думова-Јованоска, Сергеј Чурилов, Вероника Шендова, Лидија Крстевска, Бојан Дамчевски, Диме Јанчев, Златески Александар, Маја Гошева и Елена Делова за научноистражувачкиот проект „Зајакнување ѕидарија со конструктивно префугирање – СТРЕП“.
Називот Заслужен член на ДГКМ, оваа година ѝ беше доделен на: проф. д-р Мери Цветковска, поранешен претседател на ДГКМ, а називот Почесен член на ДГКМ им беше доделен на: проф. д-р Златко Марковиќ, од Градежниот факултет во Белград и претседател на Друштвото на градежни конструктори на Србија, Кенет Крафорд, директор на Институтот за зајакнување и рехабилитација на мостови, Блумингтон, Индијана, САД и постхумно на проф. емер. Дубравка Бјеговиќ, Градежен факултет при Универзитетот во Загреб, Хрватска.
ГОЛЕМ ИНТЕРЕС
Заради големиот интерес, вториот ден предавањата се одвиваа паралелно во три сали, а беше организирана и постер сесија. Во рамки на Симпозиумот, се одржа и тркалезна маса, која започна со панел-дискусија на тема: „Актуелна состојба и трендови во градежното конструкторство“, на која беше ставен акцент на претходниот период, но и на периодот кој следува. Модератор беше вон. проф. Дарко Наков, а панелисти беа проф. д-р Горан Марковски, декан и професор на Градежен факултет Скопје, д-р Соња Черепналковска, раководител на Сектор за стандардизација при ИСРСМ и м-р Ѓорѓи Гошев, заменик-генерален директор на Градежен институт Македонија.
СОЦИЈАЛНИ НАСТАНИ ОРГАНИЗИРАНИ ЗА ВМРЕЖУВАЊЕ
На крајот Симпозиумот беше затворен од претседателот на ДГКМ, но импресиите за извонредно организираниот настан ги споделија и најискусниот присутен член на ДГКМ, проф. д-р Тихомир Николовски, поранешен претседател на ДГКМ, кој присуствувал на сите 20 досегашни симпозиуми, како и претседателката на Меѓународната асоцијација за мостови и градежно конструкторство (IABSE), д-р Тина Вејрум.
Освен стручниот дел, настанот изобилуваше и со социјални настани организирани за вмрежување, како организираната вечера за добредојде на бројните гости од странство во ресторан Ботаника, Свечената вечера во хотел Хилтон и забавата за затворање на Симпозиумот во ресторан и бар Трибека.
Како дел од Симпозиумот, со поддршка на домашните компании Адинг и Гранит, на 30 септември беше организирана и техничка посета на мостот на ул. „Љубљанска“, кој е во фаза на градба и туристичка посета на кањонот Матка и пештерата Врело.
РЕКОА ЗА СИМПОЗИУМОТ:
„Благодарам од се срце на ДГКМ, домаќин на многу успешен 20-ти Меѓународен симпозиум ‘Отпорни конструкции’ во Скопје. Настанот беше организиран во соработка со северномакедонската групација на IABSE – Меѓународната асоцијација за мостови и конструктивно инженерство и ми беше чест што бев поканета како претседателка на IABSE, да одржам воведен говор. Техничките презентации на Симпозиумот како и многуактивната соработка низ регионот беа навистина инспиративни. Многу вреден исход од настанот е вклучувањето на двајца членови на македонската заедница за земјотресно инженерство во новата Работна група на IABSE за одговор на итни случаи при земјотреси. Честитки до проф. Дарко Наков и неговиот тим за многу успешниот симпозиум“, претседател на IABSE, д-р Тина Вејрум.
„Празник на професијата“, Проф. Вероника Шендова.
„Извонредна организација до најситен детал. Од спектакуларното отворање до незаборавниот излет“, проф. Златко Марковиќ.
„Величенствено организиран Симпозиум“, Проф. емеритус Радомир Фолич
„Одлична организација, која ги надмина и светските конференции…Се беше прекрасно“, Проф. Голубка Нечевска Цветановска
„Голема благодарност за гостопримството. Чест ми беше да одржам повикано предавање на овој одлично организиран и голем настан“, Проф. Алпер Илки
„Искрени честитки за Вашата посветеност и вложен труд при подготовката и водењето на овој настан. Прикажаниот краток филм на почетокот беше инспиративен, полн со позитивни пораки и беше длабоко и емотивно искуство“, Проф. Милош Кнежевиќ
„Срдечен пречек, гостопримство и извонредна организација со која поставивте нови стандарди во организација на вакви настани“, м-р Марко Стојановиќ
„Се беше ‘суперб’“, Проф. Јосип Аталиќ
Автор: Вонр. проф. д-р Дарко НАКОВ, претседател на ДГКМ