По запирање на незаконскиот хотел во Лагадин извојувана уште една граѓанска битка: урбаниот блок 17.1 Студенчишко Блато останува строго заштитена зона додека не се изработи студија за валоризација.
Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ заедно со Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. со свои претставници учествуваше на стручната расправа за измените на Генералниот урбанистички план за Охрид 2014-2024 година.
За жал, според овие невладини организации, информацијата за стручната расправа не била достапна на официјалната веб-страница на Општина Охрид, иако локалната самоуправа има должност за сите одлуки кои ја засегаат јавноста соодветно да ја информира за таа да може да се вклучи во процесот на нивно донесување. Тоа, ако сакаме да веруваме дека живееме во демократска земја.
Расправата ја одржаа Секторот за урбанизам на Општина Охрид и фирмата-изработувач на ревидираниот ГУП за Охрид – „Полог Проект“ од Гостивар. Измените во ГУП на Охрид се предвидуваат за вкупно 9 блока: УЗ 2 – УБ 2.2., 2.4; УЗ 5 – УБ 5.2 и УБ 5.4; УЗ 9 – УБ 9.1 и УБ 9.3; УЗ 12 – УБ 12.2; УЗ 13 – УБ 13.2; и УЗ 17 – УБ 17.1. Граѓаните имаат рок од 10 дена да ги достават своите коментари за предложените измени до Општина Охрид.
Со огромно задоволство, известуваат дека двегодишната битка на Охрид ЅОЅ конечно вроди со плод! Студенчишко Блато останува строго заштитена зона сè додека не се изработи студија за негова валоризација.
Имено, причината за ревидирање на извонредната студија која веќе постои е заклучокот на владата од 166-та седница одржана на 12 ноември 2013 година. Во тој документ владата ѝ препорачува на Општина Охрид да поднесе ревидирана студија во која четири до пет хектари земја кои се предложени во самата студија за заштита на природното наследство ќе бидат третирани како заштитено подрачје во иднина, а Министерството за животна средина и просторно планирање во најкраток можен рок соодветно да постапи. Прашуваме, кои се тие експерти во владата кои утврдиле дека блато има десетпати помалку од неговата реална површина? Според податоците до кои со постојано излегување на терен во опсежен временски период дошле научниците кои ја изработиле Интегрираната студија за Студенчишко Блато, се предлага површината на блатото да изнесува 63,97 ха со соодветни зонирања на активно управување, одржливо користење и строга заштита. Кои се аргументите на владата да го поткрепи своето барање за површина на блатото од четири до пет хектари? Бидејќи научни аргументи сигурно не се!
Нареден чекор е Секторот за урбанизам заедно со Министерството за транспорт и врски да распише тендер за фирма која ќе ја изработи ревидираната студија. Министерството за транспорт и врски ќе ја финансира таа студија. Истото министерство кое беше пропонент и предводник на најштетните инфраструктурни проекти кои регионот ги познава и кои го загрозија за првпат во 40 години неговиот статус како УНЕСКО Светско природно и културно наследство! Воопшто не е очигледен конфликтот на интереси, нели?!
Потсетуваме дека во Стратегиската оцена на влијанието врз животната средина изработена за ГУП на Охрид 2014-2024 се вели: „Голем негативен ефект ќе предизвика изградбата на објекти за домување со посебен режим во блок УЗ 17- УБ 17.1. Оваа површина е планирана како строго заштитена зона СЗЗ – Студенчишта и со самата пренамена на овој простор како зона нанамена А0-домување со посебен режим, како и задржување на дел од заштитеното подрачје на Блатото, најверојатно ќе има големи негативни ефекти за заштитената зона“.
Според истражувањето на Здружението Е.Д.Е.Н. кое беше спроведено на близу 250 граѓани, 100% од испитаниците одговориле дека Студенчишко Блато треба да се заштити. Тоа беше единствениот едногласен одговор на граѓаните кои ја пополнија анкетата.
Блатото – единствениот и последен филтер на Езерото, не само што треба да се заштити, туку и задолжително е да се ревитализира. Само за потсетување, GIZ во ноември 2012 година додели 100.000 евра на Општина Охрид за ревитализација на Блатото. Средствата беа вратени назад на донаторот поради неажурност на Општината и Блатото остана да чека некои подобри времиња.
Охрид ЅОЅ иницираше постапка директно во седиштето на RAMSAR за прогласување на Блатото и поширокото подрачје за RAMSAR локација. На тој начин Блатото ќе добие и дополнителна, меѓународна заштита, покрај националната која, како и за националните паркови, постојано виси на конец.
Фијаското со палмите го оштети нашиот буџет за најмалку 500 милиони евра во време кога реалната стапка на невработеност во земјата надминува 40%. Нема да дозволиме повеќе никаков циркус на штета на природата! Охрид ЅОЅ продолжува посветено да ја води борбата за Охрид и за регионот. Сакаме да им порачаме на актуелните надлежни, но и на сите кои ќе дојдат по нив дека Охрид ЅОЅ е симбол на пркосот што оваа земја со години се мачи да го артикулира. Нашето време дојде, а вашето е веќе одамна завршено!