Комората на овластени архитекти и овластени инженери – КОАИ го пренесува Извештајот од учеството на 79. Генерално Собрание на Европскиот совет на градежни инженери на Проф. д-р Мери Цветковска, раководител на одделението Градежништво при КОАИ.
Техничката комора на Грција (TEE) беше домаќин на 79-то Генерално Собрание на ECCE (Европскиот совет на градежни инженери), кое се одржа во Атина, Грција, од 10-ти до 11-ти октомври 2024 година.
79 Генерално Собрание на ECCE ги собра професионалците во градежништвото од цела Европа за да разговараат за клучните предизвици, можностите и иднината на професијата. Согласно агендата на настанот, досегашниот Претседател на ЕССЕ, господинот Андреас Бранднер, поднесе извештај за работата на ЕССЕ за последните 6 месеци. Беа изнесени два предлога за нова методологија за пресметување на висината на членарината на земјите членки на ЕССЕ, по што следеше гласање, како за Методологијата, така и за предлог буџетот на ЕССЕ за следната година.
Во своето воведно излагање, претседателот на ECCE, Андреас Бренднер, ја истакна важноста од реализација на ригорозно образование и практично искуство во инженерството, истовремено предупредувајќи од прекумерното потпирање на дигиталните алатки. Бренднер, исто така, се залагаше за признавање на градежните инженери ширум ЕУ за да се зголеми мобилноста и да се привлечат меѓународни таленти.
Годинава се изврши избор и на нови членови на Извршниот одбор на ЕССЕ, за мандатен период 2024-2027. Претседател на ЕССЕ во новиот мандатен период е Платонас Стилијану (претставник на Кипар и досегашен потпретседател на ЕССЕ), за потпретседател е избрана Жанет Муњоз Абела (Малта), додека членови се: Андреас Бранднер (претставник на Австрија и досегашен претседател на ЕССЕ), Пол Коглан (Обединетото Кралство), Хумберто Варум (Португалија), Нина Дражин Ловрец (Хрватска), Парис Чарлафтис (Грција) и Хелена Ендриксон (Латвија).
Би сакала и во оваа прилика да упатам честитки до новиот претседател и сите новоизбрани членови на Извршниот одбор на ECCE кои ја покажаа својата посветеност да преземат лидерски улоги и да придонесат во мисијата на ECCE.
Во воведниот говор новоизбраниот претседател г-дин Платонас Стилијану се фокусираше на важноста на единството и иновативноста, со посветеност за справување со климатските промени и одржливиот развој преку иницијативи како „Зелениот договор“ и „Изградба 2050 година“.
Г-дин Платонас Стилијану, ги презентираше и досега реализираните чекори на проектот на ECCE за издавање на книгата „Професијата градежен инженер во Европа“, во кој активно учествува и Одделението на градежни инженери при КОАИ на Северна Македонија.
Во продолжение, а како дел од прославите на 100-годишнина на Техничката комора на Грција (ТЕЕ), се одржа и научна конференција „Асоцијации на инженери: историја, улоги, интервенции и перспективи“, на која се презентираше историјата и идната улога на инженерските организации, нивната улога во обликувањето на инженерската професија, односите со сродните институции и обемот на учество во јавните расправи.
Сите материјали, презентации и фотографии од овој настан достапни се на веб-страницата на ECCE. До нив можете да пристапите преку следниот линк.