Eден милион чешки круни или 40 000 евра е цената која која беше постигната на аукцијата во Прага минатата недела, за маслото на платно „Балканска девојка во народна носија (Македонија)“ од чешко-бугарскиот сликар Иван Мрквичка (Ива́н Мы́рквичка) (1856-1938). Ако се додадат сите трошоци на аукционерската куќа KODL Gallery од Прага, цената на Македонката од Мрквичка надминува 50 000 евра. Повеќе од 5 пати повисока од проценетата вредност на експертите кои ѝ ја препишале горната вредносна граница на 250 000 круни. Не ме чуди овој резултат. Мрквичка е најскапиот сликар на нивниот бугарскиот уметнички пазар. А со целиот политики калабалак околу Македонија таму, не ме чуди дека „Македонката“ вивнала висока цена.
Е
*Блаканска девојка (Македонка) околу 1920.
Бугарите го сметаат овој чешки сликар за основоположник на модерното бугарско сликарство.
*Иван Мрквичка (1856-1938), автопортрет
Роден е во Видим (Австроунгарија), а е школуван во Прага и Минхен. Во Бугарија се сели во 1881 година каде што работи како учител по сликарство во Пловдив. Се сели во Софија во 1889 каде ги основа Сликарското училиште кое подоцна прераснува во Бугарска Ликовна Академија. Црта романтични историски сцени од бугарската историја, како и импресионистички и реалистички сцени од селскиот живот во Бугарија, кои во тие времиња на создавањето на бугарската држава побудувале патриотстски чувства.
*Македонка од Крива Паланка, 1929, масло на платно
Некаде околу 1915 почнува да слика Македонки во различни народни носии. Бил официјален воен сликар во бугарската војска во Балканските војни, па оттука му доаѓа мислата за неговата македонска инспирација. Но и после Големата војна, одново и одново црта Македонки. Во 1921 година се враќа во Прага, па со чешки пасош е редовен гостин на Кралството Југославија. И одново и одново, секој пат кога ќе дошол во Кралството Југославија, одел во Македонија да нацрта нова Македонка. Дури и оваа „Македонка“ која беше продадена за 50 000 евра е насликана во 1920-ти години ( напомена: Аукционерската куќа KODL Gallery проценува дека сликата е нацртана околу 1900 година, но Мрквичка ја потпишал сликата на Кирилица. Сликарот почнува да користи кириличен потпис после Големата војна, така да со сигурност знам дека нивната проценка не е точна).
*Македонка од Смилево 1931, масло на платно
Од каде оваа фасцинација околку Македонија на Иван Мрквичка? Човекот немал македонски корен. Ми стана јасно кога на Интернет прочитав дека неговиот син, Иван Мрквичка помладиот, загинува во Македонија како офицер во бугарската армија во 1915 година. Закопан е некаде во Македонија. Не знам дали воопшто и му се знае гробот. Како да сите овие Македонки на сликите на Мрквичка се олицетворенија на Богородица која тука, на почвата на Македонија, ја чува душата на син му. Како да тие млади и убави жени во македонски народни носии се алегорија за идеалот за Македонија за која стотици илјади млади бугарски војници сѝ ги дале своите животи. Како да таа невина убавина во ликот на Македонките дава некаков смисол на најголемата жртва која еден човек може да ја направи. Како да сликарот си мислел дека се додека цртал Македонки, споменот за неговиот загинат син нема да избледее. Како да со секоја негова слика сликарот Мрквичка воспоставувал контакт со душата од син му која талкала низ македонските предели.
*Македонка, 1920
Ако повторно ја погледните сликата на „Македонката“ ќе приметите дека нејзините раце како да се во позиција на прегратка во која нема чедо, но има едно мало цветче на јоргован. Во древните митови а и во уметноста, јоргованот е симбол на љубовта и на младешката невиност. Како да ова виолетово цветче на јоргован во раката на Македонката е душата на неговиот загубен син? Скоро сите овие портрети на Македонки од Иван Мрквичка се во приватни и национални колекции во Бугарија. Би било убаво ако се донесат и изложат во Македонија во некаква меѓудржавна соработка , во некаква културна дипломатија?
Редакцијата на „Порта 3“ со задоволство ги пренесува и споделува дел од колекционерските ризници на Влатко Милошевски и на тој начин сака да ја поддржи неговата мисија.
Линк до неговата веб траница: тука
Линк до неговата фејсбук страница: тука